На што сте алергични вие?

На што сте алергични вие?

21 милион луѓе во моментов киваат, кашлаат, пијат антихистамини и се обидуваат да ја намалат покачената телесна температура. Има и такви кои не излегуваат од дома за да се поштедат од кивавица и главоболка.

Можеби сѐ започнува со кивавица, но за кратко сфаќате дека ве боли главата, ве гребе грлото и дека имате потешкотии со дишењето. Иако за некои луѓе алергиите се целогодишен предизвик, несомнено највисока концентрација на алергени во воздухот има во месец мај.
Неколку милиони возрасни секојдневно се борат со некаква алергија. Кај 10 милиони не станува збор само за една, туку во својот имунолошки куфер си носат и по 2-3. Симптомите вклучуваат црвенила и кожен осип, респираторни проблеми, повраќање и дијареа, па дури и анафилактичен шок кој може да го стави животот во опасност.
Алергиите може да бидат наследни, но тоа не значи дека она што ја поттикнало алергијата кај вашиот родител ќе биде причина и за вашата алергија. Алергијата може да се појави и во возрасното доба, ненадејно, без никакви претходни симптоми. Се појавуваат кога ќе реагирате на супстанца која вообичаено е безопасна. Вашиот имунолошки систем тогаш го преплавува телото со хистамини кои треба да ја отстранат заканата, предизвикувајќи класични алергиски симптоми.

Трева и цветен полен

Ако за некои луѓе кокичињата се знак за пролет, за останатите тоа е неконтролираното солзење и кивање. Многу често луѓето се во забуна, па алергискиот ринитис го третираат како летна настинка. Како да правите разлика помеѓу овие две? Проверете ја бојата на носната слуз. Зелената иницира настинка, а проѕирната алергија.
Подеднакво е важно времетраењето на симптомите. Поголемиот број настинки поминуваат за недела до две, додека алергијата трае цел месец. Уште еден фактор е количината на полен во воздухот. Кај некои луѓе алергијата се појавува само тогаш кога поленот во водухот ќе достигне одредено ниво.
Многу ќе си помогнете доколку ги затворите вратите и прозорците и доколку создадете навика да се пресоблекувате и да се туширате штом се приберете однадвор. Избегнувајте да ги сушите алиштата на отворено, особено во двор со трева и дрвја, и задолжително носете очила за сонце кога излегувате надвор.
Во аптеките можете да најдете и кремови и гелови за превенција, се нанесуваат под очите или на носната слузница со цел да спречат поленот да стигне до овие меки, осетливи ткива. Алтернативна терапија е и онаа со црвена светлина – ламба која испушта инфрацрвени зраци на синусите и носот. Ветува намалување на количината излачен хистамин.

Прашина

Микроскопските паразити кои живеат на облеката, мебелот и постелнината (повеќе од 10 милиони грини живеат во еден душек), се „олеснуваат“ барем по 20 пати дневно, а нивниот измет е причина за појава на астма, егзема и алергиски ринитис (кивање и чешање).
Неопходно е темелно чистење на домот за да се ослободите од паразитите, перење на чаршафите и постелата на 60 степени секоја недела, и заштитување на душекот и перниците со антиалергиски прекривки.
Редовното бришење на прашината и чистење на теписите со правосмукалка е исто така задолжително. Уште подобро, заменете ги теписите со дрвени подови.
Создадете навика да го прочистувате воздухот со порцелански сад со природни кристали. Користете го 15 до 20 минути дневно кога симптомите се влошени за да го намалите секретот и да ги исчистите дишните патишта. Функционира на сличен начин како терапија во солена соба, а целата идеја е поттикната од сознанието дека рударите кои работат во солени рудници немаат никакви респираторни проблеми во текот на работниот век.

Животински влакна и плунка

Животните се вториот најчест предизвикувач на алергии во домот токму поради митарењето или влакната кои животните ги оставаат зад себе. Чувствителните луѓе лесно можат да реагираат на потта, урината или плунката на домашниот миленик.
Не дозволувајте милениците да спијат во вашиот кревет, бидејќи тогаш проблемот најмногу се влошува. Антихистамините и капките за очи се само привремено решение, но тие нема да ве ослободат од алергијата.
Ако не сакате да се разделите од вашето милениче (што е сосема разбирливо), мијте ги рацете по секој контакт и редовно чистете го и дезинфицирајте го мебелот. Опција е користење на прочистувач на воздухот од алергени. Вообичаено влијае врз штетните честички, влакната од милениците, прашината и поленот.
Последниве неколку години особено актуелна е биоинформатиката (корекција на човечкиот софтвер), како еден од алтернативните методи за трајно решавање на алергиите.

Алергени во храната

„Алергичен сум на ореви и јатки“, „Не смеам да јадам јагоди“, „Мене ми е забранет глутенот“ – ова се само дел од оправданите изговори на луѓето кои се вечно скарани со одредени намирници. Но, експертите се едногласни дека модерниот начин на живот е причината за драстичното рапидно зголемување на алергиите на храна.
Истражувањата покажуваат дека најверојатно не сме изложени на толку бактерии колку што нашите црева имаат потреба од нив. Некои истражувања ги поврзуваат алергиите на храна со пестицидите кои се користат во агрикултурата.
Алергиите се многу почести од нетолеранцијата на храна, како онаа на лактоза или глутен. Нетолеранцијата не го вклучува имунолошкиот систем, а се случува кога организмот не може да ги обработи елементите во храната, па доаѓа до надуеност, грчеви, гасови, болки во желудникот. Строго избегнување на одредени типови храна на кои сте алергични е единствено ефикасно решение за овој проблем.

Мувла

Ако почнете да кивате во салата за вежбање или додека сте на базен, вината ќе ја барате во мешавината на пот, дезодоранс, хлор во очите, влага во просторот. Честичките мувла во атмосферата предизвикуваат состојба наречена хиперсензитивен пневмонит.
Мувлата се шири во топли влажни средини, како салата за вежбање, и често е скриена зад некакви површини или по ќошевите, па воопшто нема да забележите дека ја има. Честопати ќе ја најдете и во домовите, особено во претерано загреаните простории што ретко се проветруваат. Редовното вдушување мувла поттикнува проблеми со дишењето, кое лесно може да прогресира во егзема или астма.
Секој петти дом има мувла, а шансите за појава на астма се зголемуваат за 40 % ако тоа е случај со вашиот дом. Ослободете се од секаква мувла, во домот, зградата, канцеларијата. Чистете ја како што се појавува, при кондензација одржувајте го просторот што е можно посув и сведете ги собните растенија на минимум.