Одржи го мозокот во фит форма

Одржи го мозокот во фит форма

Не само телото, со вистинските намирници и мозокот може да остане фит

За да памтите, за да останете фокусирани, за да резонирате и да ги совладувате и најкомплицираните задачи, подеднакво добро како и вашите помлади колеги, треба добро да се храните. Вистинските хранливи материи ги одржуваат сите функции на мозокот кои природно опаѓаат со годините. Од друга страна, мозочните болести толку многу земаат замав небаре се преносливи. И да не сте на листата дијагностицирани, со секоја дувната свеќичка дувате и во концентрацијата и меморијата со која располагате. Повеќе не!

Заштитени мозочни клетки

Компонентите познати како слободни радикали се во вечна војна со мозочните клетки и општо со сите клетки во телото. Но, со антиоксидансите ќе му помогнете на целото тело да ги победи. Најважната задача на антиоксидантите е да ги одбранат митохондриите, клеточните органели кои ја акумулираат енергијата што ви е потребна да резонирате (или да се движите, дишете), вели Д-р Паула Бикфорд професор по неврохирургија и мозочни болести на универзитетот Јужна Флорида. Истражувачите најмногу ги поврзуваат флавонидите, тип на антиоксиданти, со овие заштитни моќи: Во студијата објавена во Neurology се вели дека луѓето кои јаделе плус две порции храна богата со флавониди во денот, го подобриле менталниот фокус небаре се 5 години помлади. Според последната француска студија, луѓето чија храна изобилувала со каротеноиди, друг тип на антиоксиданти, забележале помало когнитивно влошување цели 13 години.

Храна за умни глави

Јаболка, кромид, агруми (флавониди); тиква, слатки компири, тиквички (каротеноиди); Листен зелен зеленчук како спанаќ, кељ, рукола, брокола (и двете).

Болки во грбот? Што беше тоа?

Како што старееме, мозочните клетки стануваат склони на воспаление што брзо се шири. Воспалението честопати е природен одговор на телото од повреда, но хроничното воспаление ги убива мозочните клетки и доведува до деменција, Паркинсонова и Алцхајмерова болест. Но, доколку интервенирате пред невроните да изумрат, можеби ќе успеете да ја задржите нивната функција. Куркумин, состојка која Индијците со години ја користат во алтернативната медицина, може да го смири и воспалението длабоко во мозочното ткиво. (Истражувачите веруваат дека поради високото количество на куркумин и кари што се консумира во Индија, стапката на Алцхајмерова болест е на најниско ниво во светот.) „Хранливата материја наречена катехин е одличен штит за мозочните клетки против воспаленијата и плус ја поттикнува мозочната активност,“ вели истражувачот за мозок Д-р Маид Фотухи, основач на NeurExpand клиника за неврологија во Мериленд. Оттука не е ни чудно што луѓето кои пијат чај, златниот рудник на катехинот, ги победиле другите (оние што не пијат чај) на тестовите по меморија. Компонентите делуваат антивоспалително и го задушуваат воспалението, но без несакани ефекти (и со подобар вкус!).

Храна за умни глави

Сенф, индиска кујна особено специјалитети со кари и куркумин; зелен и црн чај, плус рибизли, кајсии и јагоди (катехин.)

Поттикнување на крвотокот

На мозокот му е неопходен константен дотур на хранлива крв за да остане остроумен. Истражувањата покажуваат дека зголеменото количество крв е одлична почва за меморијата, процесот на учење и времето потребно за реакција, бидејќи го поттикнува растењето на хипокампусот. Чудотворната состојка ресвератрол може да го зголеми дотурот на крв во черепот за 30 проценти, покажуваат истражувањата изведени врз животни, така што артериските ѕидови се заштитени од опструктивните плочки. И мононезаситените масти (добрите масти) помагаат да се намали нивото на лоши масти и холестерол што завршуваат во крвта. Бонус: Студиите покажуваат дека мононезаситените масти го намалуваат крвниот притисок, го подобруваат нивото на холестерол во крвта и го намалуваат ризикот од мозочен и срцев удар.

Храна за умни глави

Црвено вино и сок од грозје (ресваратрол); авокадо, јатки и маслиново масло (мононезаситени масти).

Искра од нови неврони

Некои хранливи материи го поттикнуваат лачењето на протеинот наречен невротрофичен мозочен фактор. Поголемото присуство на протеинот не само што ќе ги избрише последиците од стареењето туку вистински ќе го подмлади мозокот со продукцијата на нови неврони. Иако истражувачите сѐ уште не се сигурни како функционира оваа верижна реакција, нивните очи се фокусирани на компонентата холин- градбена единица на критичниот невротрансмитер ацетилхолин – кој му помага на мозокот да пренесува пораки. Уште еден потенцијален поттикнувач на невротрофичен мозочен фактор е растителниот пигмент антоцијан. Една студија покажала дека консумацијата на сок од боровинки за само 12 недели довела до подобрен мемориски капацитет. И истражувањата врз животни ја подржуваат врската помеѓу антоцијаните и зголемената ментална острина.

Храна за умни глави

Жолчка од јајце, говедско месо, пилешко и џигер (холин); темно сино или виолетово овошје како рибизли, боровинки, модри сливи, цреши (антоцијан).

СУПЛЕМЕНТИ ЗА УМНИ ГЛАВИ

Овие три полесно ќе ги најдете во облик на суплемент, а нема доктор што ќе ви ги забрани!

Спирулина Студиите укажуваат дека синозелената алга треба да се користи како терапевтска интервенција при стареење на мозокот. Таа има дејство на централниот нервен систем против оксидативниот стрес и воспаление, кои се јавуваат како последица на стареење на мозокот. Му помага на мозокот да се регенерира по повреда или невродегенеративни промени.

Алфа – Липоева Киселина: Мноштво студии покажуваат дека масната киселина може да ја обнови функцијата на митохондриите кои постепено слабеат со процесот на стареење и на тој начин ја подобрува меморијата и когнитивните функции.

Докозахексаенова киселина ДХА: 60 проценти од мозокот е составен од масти и ДХА е најважната омега-3 масна киселина во мозочните клеточни мембрани.