ПИРАМИДА НА ИСХРАНАТА – Водич за добро здравје

ПИРАМИДА НА ИСХРАНАТА – Водич за добро здравје

Храната е наша секојдневна потреба и исклучително е важно каква храна, во кое количество, на кој начин и кога ја внесуваме во организмот.

 

Правилната и здрава исхрана денес претставува еден од најголемите предизвици на современиот човек. Човековото здравје, ефикасност и расположение се директно условени од начинот на исхрана. Правилната, избалансирана и здрава исхрана помага во заштита на организмот од различни физички и психички нарушувања, како и во соочувањето со разни болести и состојби.

Што е тоа пирамида на исхраната?

Правилниот распоред на различните хранливи продуктиво одредени дози или калориски вредности, ја сочинуваат пирамидата на исхраната.
Пирамидата на исхрана претставува водич за планирање на добро избалансиран оброк. Начелата на пирамидата на правилната исхрана се засноваат на рамнотежа, умереност и разновидност на дневната исхрана.

Основата

Основата на пирамидата е најширока и таму се групирани намирници кои би требало да бидат основна храна: житарки, леб, тестенини, ориз, компир. Овие намирници треба да бидат застапени во секојдневното мени во оптимални количества.
На пример, во еден оброк лебот е доволно да се внесе во количество од 30 г, што е еднакво на една кришка леб или половина ѓеврек.
Варени житарки (ориз, овес, тестенини) доволно е да се внесат во количество од половина шолја во еден оброк.
Суви житарки (корнфлекс, овесни снегулки  и сл) во половина шолја.

Следното ниво

Овошјето и зеленчукот го сочинуваат следното пирамидално ниво. Овие намирници може да се консумираат често и тоа самостојно или комбинирано во текот на целиот ден. Зеленчукот може да се консумира кога сакате и колку сакате.Овошјето е добро да се јаде како меѓуоброк или да биде замена за десерт. Така, една четвртина шолја е доволна доколку се работи за суво овошје (кајсија, смоква, слива).
Две јаболки или една банана се сосема доволни за вашата ужина.

Третото ниво

На третото ниво во хиерархијатана исхраната се наоѓаат комбинираните намирници, поделени во две подгрупи. Едната ја сочинуваат месо, риба, јајцаимешункасти плодови. Во другата се: млеко и млечни производи.
Месото е доволно да го имате барем двапати во неделното мени и тоа некаде по 70-100 г по оброк. Тоа важи и за рибата. Во еден оброк, доволно е 1 јајце.
Млеко и јогурт – по една шолја. Во еден оброк, доволно е количество од 30 г сирење.

На врвот

Врвот на пирамидата го сочинуваат мастите, маслата, шеќерот, солта (слатки преработки, газирани пијалаци и грицки). Сите овие се концентрирани извори на енергија, со мала застапеност на други хранливи материи и затоа треба да се застапени многу поретко и во помали количества.

Приспособување според потребите

Претставување на намирниците во пирамидален облик денес станува сè повеќе вообичаена работа, а постојат и многу приспособениформина пирамиди. Како такви, може да се сретнат пирамиди приспособени според возраста, традициите,местото на живеење или ,пак, различните заболувања каде е потребно храната да биде соодветно адаптирана.

Така, „детската пирамида на исхрана“ треба да биде малку побогата со млеко и млечни производи поради зголемените потреби од калциум за раст и развој на коските кај најмалите и воедно, да изобилува со овошје и зеленчук, како неопходен извор на минерали и витамини.

Во„медитеранската пирамида“ маслиновото масло и рибата се поставени пониско во пирамидата, бидејќи традиционално со векови наназад почесто се користат.

Кај „вегетаријанската или веганската пирамида“ одредени намирници од животинско потекло не се вклучени. Во основата на оваа исхрана се застапени свежо овошје и зеленчук.

Од пирамидите за одредени заболувања, најпозната е „пирамидата за дијабетичари“ во која особено се внимава на соодносот на намирниците богати со јаглехидрати.

  

Да не ја заборавиме и физичката активност…

Во основата на секоја пирамида на исхраната, покрај правилниот распоред на потребните продукти треба да биде втемелена и физичката активност како неизоставен фактор за добро здравје.
Кај возрасните лица се препорачува секојдневна лесна физичка активност во траење од триесетина минути, прошетки во природата, пешачење и планинарење се најлесните и најдостапни форми на физичка активност.