ПОДГОТВЕТЕ ГО ДЕТЕТО ЗА БРАТЧЕ ИЛИ СЕСТРИЧКА

ПОДГОТВЕТЕ ГО ДЕТЕТО ЗА БРАТЧЕ ИЛИ СЕСТРИЧКА

Реакцијата на постарото дете кога ќе се соочи со информацијата дека ќе добие братче или сестричка или, пак,кога ќе се сретне со новороденчето, зависи од неговата возраст и степенот на развој.

Постарите деца, вообичаено, се нетрпеливи да го запознаат, додека, пак, помалите деца се збунети или вознемирени. Затоа, треба да бидете подготвени да му помогнете на постарото дете во адаптацијата.

Пожелно е постарото дете да дознае за радосната вест пред да почнете да ја споделувате со роднините и со пријателите и пред да бидат видливи промените на вашето тело. Вака, директно ќе ја согледате реакцијата на детето и начинот на кој ќе ја прифати новата ситуација. Воедно, директно ќе го доживее вашето чувство на радост и среќа.

Дете помеѓу 1 и 3 години

Најверојатно нема да разбере што значи да добие братче или сестричка, сè додека бебето не го донесете во домот. Но, секако е добро да продолжите да му зборувате за тоа, и да одговорите на сите негови прашања поврзани со бебето, ако ги има. Можеби е подобро да му објасните и да му покажете преку слики од книги за бебиња и семејство, или преку неговите бебешки слики. Не е на одмет и да поминете време со пријатели или со роднини кои имаат мало бебе кое ќе можете да го земете в раце, за да може вашето дете да се навикне на идејата дека неговите родители може да чуваат и друго дете, а, сепак, да го сакаат и него.
Постарото дете, најверојатно, ќе биде заинтересирано за работите на бебето. Па, така, можете да го вклучите во отпакување на подароците за бебето и да го оставите да си поигра со нив. Можеби ќе сака и да ги задржи како свои, што не е нешто на кое треба да се спротивставите, бидејќи бебето и онака долго време нема да знае што е негово, а што не е.

Доколку треба да го преместите во друго креветче или во друга соба, тоа е најдобро да го направите што порано, за да не се почувствува избркан од новороденчето. Најверојатно и нема да има други работи за кои ќе побарате од него да ги дели, бидејќи споделувањето и не им е најсилна страна.
Како што напредува бременоста, имате помалку енергија и сèповеќе се фокусирате на породувањето, така вашето постаро дете може да има сèповеќе барања, да развие некои нови стравови, па дури и да застане или да го уназади развојот. Затоа, во овој период не правете големи промени во неговиот живот, како, на пример, одење во градинка или промена на градинката, не инсистирајте да се откаже од цуцлата ако сèуште ја користи или да се откаже од пелените.
Најдобро што можете да направите е да најдете помош, односно личност што ќе се грижи за него за време на породувањето и кратко потоа, но и да ви помогне со грижата околу бебето, за да можете да поминувате секојдневно време заедно насамо со постарото дете.

Дете помеѓу 3 и 5 години

Детето на оваа возраст може да се почувствува запоставено затоа што го дели вашето внимание со новиот член. Пробајте да му објасните така што ќе го вклучите во активностите околу подготовките за новиот член. Одбирајте алишта или мебел за собата заедно. Читајте му за бебиња, браќа и сестри. Гледајте слики од негова помала возраст и раскажете му приказна за неговото раѓање, објаснете му колку бевте возбудени за неговото доаѓање на свет. Така, ќе му ставите до знаење дека некогаш и тој или таа била бебе кое го добивало целото ваше внимание. Бидејќи децата најмногу учат преку игра, подарете му кукла бебе или полнета играчка за која треба да се грижи, и замолете го, доколку сака, да одбере една играчка од своите и да му ја подари на бебето. Обидете се да ја задржите рутината, да не правите поголеми промени во секојдневието на постарото дете во периодот пред породувањето и кратко потоа, додека трае привикнувањето на новиот член. Дете постаро од 5 години

Вообичаено, се појавува љубомора затоа што целото внимание е насочено кон бебето, а постарото дете е веќе посебна личност, доволно самостојна и способна за само да јаде, да игра, да ги извршува физиолошките потреби, да оди во училиште, поради што може да се случи родителите многу малку  време да поминуваат со него. Разговарајте со постарото дете за потребите на бебето, објаснете му кои предности ги има затоа што е постаро дете (на пример, може да оди во кревет подоцна) или побарајте да ви помага во грижата околу бебето. Прашајте го што знае за бебиња и што мисли како ќе биде да се има бебе дома. Децата се деца, и иако се постари и изгледа како навидум да ја разбираат и да ја прифаќаат новата ситуација, сепак, не е на одмет да седнете со постарото дете и да се присетите на неговите бебешки денови и да му покажете дека и за него и со него сте го поминале ова, и дека сте биле подеднакво возбудени. Всушност, проблемите настануваат доколку детето се почувствува заменето, односно доколку му се одземе местото во домот и играчките, за да му се дадат на новото бебе. Многу често децата се возбудени и заинтересирани за новото бебе и повеќе збунети од тоа како нивните родители несвесно се смениле. И потрудете се за новото бебе да користите термини како „твоето помало братче“ или „сестричка“ наместо „моето“ или „новото бебе“, за да може и постарото дете да се чувствува како дел од новата ситуација.


Задолжително време и за постарото дете!

Без разлика на возраста на детето и вашите обврски околу бебето, мора да најдете време за квалитетно дружење со постарото дете. Прошетајте се сами или однесете го на неговото специјално место (игралиште) или играјте ја неговата омилена игра.  Секогаш постои можност постарото дете да покаже негативно однесување или уназадување во развојот со цел да добие ваше поголемо внимание. Доколку е помало и, на пример, се случат незгоди при одењето во тоалет (се измочка во сон), не казнувајте го, туку објаснете му дека тоа не е правилниот  начин и дајте му љубов и поддршка за во иднина. Ако се работи за поголемо дете, прво пробајте да го игнорирате лошото однесување, можеби ќе предизвика да се однесува подобро за да го добие вашето внимание. Во секој случај, зборувајте со детето, прашајте го како се чувствува како постар брат или сестра, и слушајте.

Доколку постарото дете не покаже заинтересираност за бебето, не грижете се. На некои деца им е потребно повеќе време за привикнување на новата улога во семејството.
Не оставајте го новороденчето само со постарото дете, доколку тоа има помалку од 12 години. 
Како да сте сигурни дека домашната ви е добро завршенаЌе знаете дека подготовката ви е добро завршена доколку постарото дете, новиот член го прифати на соодветен начин. Ова значи дека реакциите и манифестацијата на љубомора ќе се појават, но во рамки на очекуваното. Детето нема да покажува форми на агресија или невообичаено однесување, и со текот на времето со повеќе емоции и чувства ќе го прифати братчето или сестричката.