ПОЛОВА ЗРЕЛОСТ – Што децата треба да знаат и кога е најдобро време да им се каже

ПОЛОВА ЗРЕЛОСТ – Што децата треба да знаат и кога е најдобро време да им се каже
Комуникација со децата и одговарање на нивните прашања на теми како сексуалност, секс, запознавање со телото и врските со другите луѓе, придонесува  кон нивното сексуално осознавање, образование и секако правилен развој на нивата сексуалност.

Никогаш не е прерано да се започне со овие разговори, затоа што децата од најмала возраст треба да знаат дека запознавањето на сопственото тело и сексуалноста се нормален дел од животот. И колку подобра основа поставите, толку полесни ќе ви бидат вам како родител сите подоцнежни и посериозни разговори на овие теми.

Отворени за сите прашања
Најважната работа што треба детето да ја научи е дека вам може да ви се обрати за било каква информација, без да почувствува срам или страв затоа што темата е малку скокотлива. Важно е да бидете подготвени да одговорите на нивните прашања, па дури и “не знам” е подобро од одбегнување на темата. И сигурно нема да биде само еден разговор, во кој сте успеале или можеби не, да дадете правилни одговори. Како детето расте и се развива, така ќе се развиваат и вашите разговори за сексуалноста. Важно е да запамтите дека секусалноста не е поврзана само со секс. Сексуалноста е поврзана со чувствата на детето за сопственото тело што се менува постојано, за тоа како детето ги разбира и изразува чувствата на интимност, приврзаност и љубов за и кон другите, врз основа на што развива и одржува нормални односи со луѓето.

Кога да се започне?
Зависно од возраста на детето, еве неколку совети за што, кога и како да разговарате за да бидете што повеќе разбрани.

0-2 години
Заборавете на бебешкиот говор. Со употреба на вистинските зборови од најмала возраст во секојдневните ситуации (на пр. за време на капење или при облекување) постепено запознавајте го детето со сите делови на телото, вклучително и гениталиите.

2-3 години
После 2-рата година поголемиот број деца стануваат љубопитни за своето тело и за телото на другите деца. Забележуваат дека телата на момчињата и девојчињата се разликуваат, и почнуваат со прашањата Зошто? и Што е тоа?. Можеби ќе ви биде полесно доколку се послужите со книга со слики преку кои ќе им ги покажете разликите во телото, како се викаат различните делови и која им е основната функција.

4-5 години
На оваа возраст почнуваат со прашањата за бебињата. Ако детето праша од каде дојдов јас? Можете да прашате какво е твоето мислење за ова? За да разберете што всушност сака да праша и колку разбира. Секогаш е добро да давате што поедноставни одговори со вистинските зборови.

6-8 години
Откако одговоривте од каде доаѓаат бебињата, следното можеби најчесто прашање на оваа возраст е како бебињата се најдоа таму? Колку и да ви звучи чудно или претерано, најдобро е ако им ја кажете вистината веднаш. Секој ваш одговор што нема да биде директен и едноставен, само ќе ја влоши ситуацијата, ќе ги остави збунети со повеќе прашања што чекаат на ред.

Воведување во пубертет
Пожелно е, без да ги чекате првите прашања од детето, да го запознаете со следниот период на промени – пубертетот. Детето треба спремно да ги дочека промените: како првиот менструален циклус, појавата на срамните влакна, зголемување на градите, продлабочување на гласот итн. И да му се објасни дека порано или подоцна сите деца поминуваат низ овие промени, и дека ако е меѓу првите во неговото одделение, не треба да се срами, но да биде спремно да ги дочека закачките од другарите.

Децата денес се постојано изложени на влијание од медиумите, и позитивно и негативно. Не сите пораки за сексот се негативни. Родителите наместо само да го забранат или ограничат пристапот до овие пораки, треба да ги искористат како можност и да ги запознаат децата со вистинските, семејните вредности на врските и обврските што ги носи со себе самата сексуалност.

Што е нормално, а што не?
Деца од една до три години – нормално сексуално однесување
Можеби ќе биде малку збунувачки кога ќе го видите за прв пат, но следново е сепак нормално за оваа возраст:

  • – да ги допира или трие гениталиите
  • – да ги покажува гениталиите на некој друг
  • – да ги гледа или допира гениталиите на другарчињата за време на игра, заедничко капење или во тоалет
  • – да ги кажува на глас и повторува имињата на гениталиите
  • – обожава да биде голо
  • – покажува интерес за делови од телото и како функционираат.

Особено е важно како ќе реагирате првиот пат кога ќе го видите своето дете како се допира или трие. На смирен начин треба да му објасните што прави, каде и кога тоа може да го прави. Дека одредени делови од телото како гениталиите се приватни делови и не треба да ги покажува било каде. Не можете и не треба да го одвикнувате од допирањето или триењето на гениталиите, но треба да му објасните дека доколку тоа го прави често, на крај може да заврши со болка и црвенило.

Деца на предучилишна возраст – нормално сексуално однесување

– допирањето може да премине во мастурбирање, иако за детето постои само чувството на задоволство поради кое го прави истото, без да знае што тоа значи

– се држи за рака со другарчињата, споделува по некој бакнеж

– игра „Покажи ми го твоето и јас ќе ти го покажам моето“ со што ги споредува гениталиите со другарчињата

– игра мајка и татко, или доктори и сестри

Сето ова го прави затоа што се чувствува добро, затоа што репродуцира тоа што слуша и гледа, и така ја запознава средината, а со тоа ги тестира и границите на своите родители и околината.

И повторно, вашата реакција треба да биде смирена со многу разбирање и објаснување, и одвлекување на вниманието на детето со друга игра.

Деца на училишна возраст – нормално сексуално однесување
Допирањето и мастурбирањето останува, но се појавува срам кај детето (особено ако го фатат на дело), се повлекува повеќе во својата соба, не сака никој да го види голо, а споредбата со другарчињата се сведува на големина или облик на органите, не само на присуство. Некои родители се среќни со ваквото однесување на детето, но некои не се, иако сето ова во умерена количина е нормална појава и не треба да се негира.