Помалку познати факти за остеопорозата

Помалку познати факти за остеопорозата

Остеопорозата е системска метаболна болест на коските која се карактеризира со намалена коскена маса и промени во структурата на коските што доведува до нивна зголемена кршливост.

Самиот збор остеопороза доаѓа од терминот порозни коски и претставува најчеста форма на коскено заболување кое доаѓа со годините.
Се проценува дека околу 8 % од населението во светот боледува од остеопороза. Околу 80 % од пациентите со остеопороза се жени, а околу 20 % се мажи.

Типови остеопороза

Остеопорозата се развива како примарна или како секундарна состојба.

ПРИМАРНА ОСТЕОПОРОЗА

Примарната остеопороза ја сочинуваат околу 95 % од случаите, а се разликуваат 3 форми:

Идиопатската остеопороза е ретка, а причинителите се непознати. Се јавува кај деца и млади лица кои имаат нормални вредности на хормоните, витамините и кај кои не постои очигледна причина за слабост на коските.

Остеопорозата тип 1 е последица на зголемена активност на остеокластите. 6 пати е почеста кај жените и е предизвикана од недостаток на естроген, женски полов хормон, кој помага во регулацијата на вградување на калциумот во коските кај жените. Се јавува помеѓу 51 и 75 година од животот.

Ниското ниво на тестостерон кај мажите ја зголемува активноста на остекластите, па повторно доаѓа до остеопороза тип 1. Кај оваа форма на остеопороза најчесто доаѓа до компресивни скршеници на ’рбетот или типични скршеници на палечната коска.

Остеопорозата тип 2 (сенилна) е последица на нормално, постепено намалување на бројот и активности на остеоблатот. Се јавува со стареењето. Се јавува кај лица после 60-тата година и е 2 пати почеста кај жените. Постарите жени често имаат комбинација на остеопороза тип 1 и 2. Кај нив доаѓа до компресивни скршеници на ’рбетот, скрешници на вратот, бутната коска, надлактицата и карлицата.

porozni koski

СЕКУНДАРНА ОСТЕОПОРОЗА

Секундарната остеопороза е одговорна за околу 5 % од сите случаи на оваа болест, а е поврзана со други болести или лекови. Нејзината појава може да ја предизвикаат ендокрини заболувања, болести на коскена срж, хронични заболувања, дефицитарни состојби, вродени грешки на метаболизмот, лекови и некои други супстанци.

Ризик-фактори

Голем број ризик-фактори може да ја зголемат веројатноста од развој на остеопороза, како возраста, начинот на живот, медицинските состојби, лекови и друго.

НЕПРОМЕНЛИВИ РИЗИК ФАКТОРИ

Некои од ризик-факторите за остеопороза се надвор од наша контрола:

  • Пол – жените имаат поголем ризик од развој на остеопороза.
  • Возраст – колку сте постари, толку имате поголем ризик од остеопороза.
  • Семејна историја на остеопороза – доколку имате родители или роднини со остеопороза, изложен сте на поголем ризик.
  • Телесна маса – лицата кои имаат помала телесна маса се изложени на поголем ризик од оваа болест..
ХОРМОНИ

Остеопорозата е почеста кај лица кои имаат премногу или премалку одредени хормони во телото.

Полови хормони – Намалувањето на нивото на естроген во менопаузата е еден од најсилните ризик-фактори за развој на остеопороза кај жените. Одредени терапии за лекување на рак може да предизвикаат опаѓање на нивото на естроген кај жените. Стареењето и некои терапии за рак на простата можат да го намалат нивото на тестостерон кај мажите. Намаленото ниво на полови хормони предизвикува слабеење на коските.

Проблеми со тироидната жлезда – Зголемените нивоа на тироидните хормони можат да предизвикаат губење на коскената маса.
Други жлезди – Остеопорозата исто така се поврзува со премногу активна паратироидна и надбубрежна жлезда.

НЕДОСТИГ НА ХРАНЛИВИ МАТЕРИИ

Остеопорозата е почеста кај лица кои имаат:

Недостаток на калциум – Недостатокот на калциум игра важна улога во развојот на остеопороза. Имено, недоволниот внес на калциум придонесува за намалување на коскената маса и го зголемува ризикот од фрактури на коските.

Нарушување во исхраната – Лицата со анорексија имаат поголем ризик од развој на остеопороза.

tipovi na osteoporoza

ЛЕКОВИ

Долготрајната употреба на кортикостероидни лекови може да го попречи процесот на регенерација на коските.

НАЧИН НА ЖИВОТ

Некои лоши животни навики можат да го зголемат ризикот од развој на остеопороза:

  • Недоволна и несоодветна физичка активност
  • Прекумерно консумирање алкохол и кафе
  • Пушење
Зошто жените се посклони на остеопороза?

Ризикот за појава на остеопороза кај жените е повисок од причина што жените имаат помали и потенки коски од мажите. Но, постојат и други фактори кои прават жените да бидат поподложни на оваа болест, како прераното затајување на јајчниците и менопаузата.

Кога јајчниците не ја вршат редовно својата функција, а жената сѐ уште нема наполнето 40 години, тоа се смета за прерано затајување на нивната функција. Менопаузата останува да биде еден од најчестите причинители на остеопороза, затоа што во овој период од животот на жената се намалува нивото на естроген, а како резултат на тоа се засилува процесот на разградба на коскеното ткиво.

Симптоми

Премногу очигледни симптоми за остеопороза нема и најчестиот знак кој укажува на постоење на остеопороза е всушност кршењето на коските при некоја несериозна повреда, како обичен пад.

Пропратни симптоми:

• Постепено намалување на телесната висина
• Болка во грбот
• Болка која наликува на болка во мускулите или зглобовите, а всушност се должи на малите пукнатини во коските за кои честопати луѓето не се свесни.

Дијагноза

Дијагнозата на остеопорозата се поставува врз база на постоечката медицинска историја во комбинација со физички преглед од страна на доктор и спроведување тест за одредување на минералната густина на коските. За жените е многу важно да појдат на преглед уште пред да влезат во менопауза.

Сигурен метод за откривање на остеопороза е дензитометрија, односно мерење на минералната густина на коските. Промените во ’рбетот се откриваат порано отколку во колковите, но кај постарите лица колкот е подобар показател бидејќи спондилозата може да ја прикрие остеопорозата.

Дензитометрискиот скрининг се препорачува за жени над 65 години, како и за жени со ризик-фактори за остеопороза кои се на возраст меѓу 50 и 65 години.

rizik za osteoporoza

Лекување

За остеопорозата не постои конкретен лек и затоа третманот е комбинација од лекови и промена на животниот стил. Во зависност од возраста, полот и медицинската историја, треба да се одреди најсоодветниот третман за секој пациент. Целта е да се постигне зацврстување на коските за тие да станат помалку подложни на кршење.
Првата промена што треба да ја направите е да се активирате. Почнете со секојдневни прошетки. Ако одлучите да вежбате одберете стручно лице што ќе ве насочува, како искусен физиотерапевт.

За пациентите кои страдаат од остеопороза како најдобра опција се смета вежбањето кое вклучува кревање тегови или вежби за зацврстување на мускулите со употреба на сопствената тежина на телото.

Брзото одење, џогирањето, тенисот и одбојката, како и вежби за подобрување на рамнотежата се подеднакво добар избор, особено оние за рамнотежа бидејќи можат да го намалат ризикот од паѓање во иднина.

Едни од најдобрите вежби за подобрување на балансот се:

  • Таи чи
  • Стоење со споени нозе
  • Стоење на една нога
  • Одење наназад

Одржувањето на нормална телесна тежина како и намалувањето на прекумерната телесна тежина е неопходен чекор за успешно менаџирање на остеопорозата.

Алкохолот е добро да се избегнува во целост, иако истражувањата покажуваат дека ако консумирањето алкохол се сведе на само 2 пијалаци на ден, тоа не би било ризично за цврстината на коските.
Во меѓувреме, потрудете се да не паднете така што ќе уредите домот да можете слободно да се движите, ќе носите удобни обувки и очила доколку е потребно.

Зошто ревматоидниот артритис го зголемува ризикот од остеопороза?

Луѓето што страдаат од ревматоиден артритис се соочуваат со болни или вкочанети зглобови, а тоа постепено ги слабее коските правејќи ги склони на скршенци.

Конкретни причини зошто ревматоидниот артритис го зголемува ризикот од остеопороза се:

Воспаление: Кога имате РА, имате воспаление низ целото тело, особено во зглобовите. Тие можат да отечат и да напукнат. Тоа може да ги ослаби коските околу зглобовите погодени од РА, како на пример зглобовите на рацете. Нашите тела се така дизајнирани да можат да создаваат коскена маса со која ќе се замени оштетената коска. Но, воспалението на ревамтоидниот артритис го прекинува овој циклус, дури и го забрзува губењето на коскената маса. Поради тоа, коските стануваат сѐ послаби, а тоа доведува до остеопороза. Воспалението, исто така, може да ја отежне апсорпцијата на хранливите материи што им се неопходни на коските за да останат силни, како калциум или витамин Д.

Болка: Ревматоидниот артритис предизвикува вкочанетост, болки и умор, па дури и симнувањето од кревет делува тешко. А ако не сте физички активни, вашите коски ќе почнат да слабеат со текот на времето. Ако ревматоидниот артритис е оној што ве спречува да бидете активни, тогаш несомнено сте изложени на поголем ризик од остеопороза.

Стероидни лекови: Кортикостероидните лекови како преднизон може да ги ослабат вашите коски ако ги земате подолго време. Некои луѓе со ревматоиден артритис се приморани да ги земаат овие лекови за да го контролираат воспалението. Лековите можат брзо да ја ублажат болката и отокот за да можете повторно да се движите. Но, тие можат и да му отежнат на телото да ги апсорбира калциумот и витаминот Д што ги примате преку храната, сонцето или суплементите, а кои се неопходни за да изградите здрав и стабилен скелет.

Ризикот од остеопороза е уште поголем ако сте жена во менопауза и сте земале стероиди 6 месеци или повеќе.