ПОСТИТЕ во функција на нашето здравје

ПОСТИТЕ во функција на нашето здравје

Среќна сум дека ќе пишувам за нешто што мене лично многу ми значи, едноставно тоа е мој начин на живеење повеќе од 20 години. Јас сум верник, но во овој текст ќе пишувам од гледиште на нутриционист-консултант за тоа колку деновите на пости придонесоа за моето физичко и ментално здравје. Една мудра изрека вели: „Во здраво тело – здрав дух“, а тоа дефинитивно го чувствува секој кој практикува пости веќе подолго време. Моето искуство сакам да го споделам и да биде инспиративно за секој кој сака да си го подобри сопственото физичко и ментално здравје.

Кога првпат почнав да постам, пред повеќе од дваесет години, за само неколку дена ја почувствував промената во сопственото тело. Опстипацијата која ме измачуваше со денови, комлетно се изрегулира, крвниот притисок ми се среди, дури ревматичните болки во коленото и рамениците се стивнаа.

Зошто е тоа така?

За време на постите, храната од животинско потекло е отстранета, со тоа што во некои пости е дозволено да се јаде риба и морски плодови. На одреден начин, за време на постите се преоѓа кон вид вегетаријанска исхрана, па дури и кон веганска исхрана (без риба). Токму овој момент значи преоѓање на здрав начин на исхрана. Се јаде храна од растително потекло која има ензими, многу растителни влакна и со тоа се поттикнува процес на чистење на телото, односно детоксикација. Се забрзува метаболизмот, па може во првите денови од постот да се почувствуваат и мали непријатни реакции од детоксикацијата како нагон за повраќање, вртоглавици, главоболки, дијареја, па дури и болки во грлото и малку покачена телесна температура, алергии и слично. Но ова кратко трае, па немојте да се вознемирувате и дозволете му на телото да се прочисти. Веќе за неколку дена ќе се чувствувате прекрасно со убава енергија.

Најчести грешки при пост!

За жал, многу често луѓето во постот грешат кога посната храна ја сведуваат на бели лебови, бели печива, шеќер, слатки, грицки, премногу газирани и негазирани сокови, мармалади, маргарин, растителни кашкавали, растителни сирења, а тие ги содржат најлошите маснотии – трансмасти. Многу често слушам: „Еве, јас постам и повторно имам покачени масноти во крвта“. Токму ваквиот вид постење е погрешен. Со ваков вид посна, но тешко процесуирана храна, нема никаков добробит за нашето тело, туку се доаѓа и до зголемување на телесната тежина, замастување на крвните садови, зголемување на крвниот притисок, нарушување на работата на дигестивниот тракт итн, па наместо детоксикација одиме речиси во обратен правец – интоксикација.
За време на пост, не се јаде никаква маснотија од понеделник до петок.Токму овој момент најмногу придонесува за силно чистење на телото од отровите. Храната се готви на вода – тоа е најправилниот начин на подготовка на готвено јадење. Тогаш телото почнува да го ослободува сопствениот вишок маснотии и да се детоксицира.

Како правилно да се храниме за време на пост?

Во рамки на постите, храната треба да изобилува со многу вода, свежо овожје и свеж зеленчук. Тоа е таа храна што природата ни ја дава, а ние ја заборавивме на маргините. Токму ова е храната што го снабдува нашето тело со многу ензими кои се одговорни за правилно функционирање на дури 25 000 биохемиски процеси во нашето тело. Исто така, со свежата храна се воспоставува одличен pH баланс, односно базно киселинска рамнотежа. Затоа, свежата храна треба да биде секојдневие во постите, но и потоа.

За време на постите многу е често прашањето: од каде нашето тело ќе се снабди со протеини кога не се консумираат месо, јајца и млечни производи?

Протеините се состојат од 23 градежни единици – аминокиселини. Осум од нив се есенцијални и исклучиво ги внесуваме преку храната. А тие, најнормално, се содржат во храната од

растително потекло. За да имаме доволно есенцијални аминокиселини од посната храна кои се синтетизираат  во протеини, добро е да се комбинираат мешунките (грав, леќа, грашок, боранија, наут) со интегрални житарки, како интегрален ориз, просо, елда, пченка, овес итн. Д-р Патрик Холфорд, едно од водечките имиња во областа на нутриционизмот, вели дека синергијата на аминокиселините од мешунките и житарките дава висококвалитетни протеини, покомплетни од оние од месото. Инаку, со протеини се снабдуваме и преку суровите семки, јатки, кои треба да се консумираат во умерено количество –околу 30-50 г на ден. Многу е здраво да се јадат и никулци кои изобилуваат со аминокиселини, минерали, витамини, ензими и силна биогена енергија. Никулците може да бидат из’ртени од семиња, јатки, мешунки, житарки и да се користат како додаток во салатите или во свежи блендирани сокови. Значи, нашето тело нема да има недостиг на протеини во исхраната ако правилно се храниме за време на постот.
Сакам да го потенцирам моментот дека со присуство на вода и свежа храна во секојдневието, за време на постите си го враќаме природниот инстинкт кон вистинската храна. Свежата храна е чистачот и истовремено снабдувачот на таканаречена биоактивана енергија на нашето тело. За да го зголемиме внесувањето свежа храна, за време на постите би било добро да правиме свежи цедени и блендирани сокови од овошје, но и од зеленчук. Во соковите да се додаваат и никулци или семиња, за да се добие вистинска енергетска бомба. Со пиење на овие сокови и со јадење доволни количества свежо и суво овошје, ја намалуваме потребата од слатка храна што е полна со шеќер и бело брашно. Јадете здрав леб од интегрални брашна или леб направен од никулци. Одбегнувајте бели печива и грицки.
Пуканките се одлични и здрави грицки за вечерните часови (може да се направат и без масло во специјални апаратчиња кои и не се скапи). Здрави десерти како бомбици, направени од мелени ореви, кокос, мелено суво овошје и цеден портокал. Може да си направите и ашуре од варена пченица или од друга житарка, што ќе го засладите со маџун или мед, ќе додадете кршени јатки, суво овошје, сечкано свежо овошје. Сутлијачот е одличен десерт, но засладете го со стевиа или мед, маџун или друг здрав засладувач.

 

Совет од срце: пробајте да постите со многу свежа природна храна, но и со голема љубов и трпение, и резултатите ќе бидат: леснотија во телото, добар сон, ослободување од многу болки, задоволство од самите себе, зголемена самодоверба итн.

Цвета Динева
Сертифициран нутриционист – консултант