ПРАВИЛЕН РАСТ И РАЗВОЈ КАЈ НОВОРОДЕНЧИЊА

ПРАВИЛЕН РАСТ И РАЗВОЈ КАЈ НОВОРОДЕНЧИЊА
Растот и развојот се едни од најважните обележја кај децата од нивното раѓање. Растот не е само едноставен квантитативен процес на зголемување на димензиите на телото, туку е еден сложен процес кој ги опфаќа и квалитативните промени на структурата , функцијата и реактивноста на поедини ткива и органи, како и психичките промени на детето при неговото прилагодување на околината.

Нормални димензии и карактеристики кај новороденче

Терминското новороденче, во најголем број од случаите, е со телесна тежина од 2,3 до 4,1 кг, должина од 46 см до 54 см и со обем на глава од 33 см до 64 см. Во текот на првите денови од животот, новороденчето губи до 10% од својата тежина, за по 15 дена да ја постигне својата родилна тежина и почнува да добива 500 до 700 г до крајот на првиот месец.По раѓањето, новороденото бебе може да ја врти својата глава, може да го фокусира погледот најчесто на лицето на својата мајка, реагира на силни звуци, јака светлина и има силни рефлексни движења (примитивни рефлекси).Во доенечкиот период, просечното зголемување на телесната тежина во првите три месеци од животот е 20 до 30 г дневно, во второто тримесечје 15 до 20 г дневно, со што некаде на 6 месеци бебето ја дуплира својата почетна телесна тежина, а на една година нормално е за трипати потешко. Должината и обемот на главата се, исто така, важни показатели за правилниот раст и развој на доенчето. Така, до крајот на првата година, доенчето добива 25 см на својата должина, а обемот на главата расте по 2 см во првите три месеци, а на крајот на првата година до 12 см.

Ние, педијатрите, располагаме со т.н. графикони на раст преку кој со секое внесување на мерките се следи напредувањето на доенчето споредено со нормалните – референтни мерки за дадената возраст и пол. На овој начин, се следат евентуалните отстапвања и се бараат причините за заостанувањето во растот или други отстапувања.

Останати фактори и показатели за нормален раст и развој

Покрај физичките, постојат и други фактори кои укажуваат на напредувањето на бебето. Тоа се крупни и фини моторички вештини, како и социјална адаптација. Така, веќе со наполнети месец и половина, бебето се насмевнува на познат лик и глас, на 3 месеци ја држи главата, ги става рацете во уста, а на 4 месеци се обидува да држи предмети и играчки. Веќе на 6 месеци се одбива од подлогата, префрла играчки од едната во друга рака и гуга. На 7 месеци се превртува на стомак и почнува да седи, на 8 месеци почнува да разбира некои наредби, а со наполнети 9 месеци може стабилно да седи, има фина моторика на палецот и показалецот и кажува најмалку еден збор со значење. На едногодишна возраст, веќе може да стои и да оди со придржување, да изговара најмалку 3 збора со значење и може самостојно да врти страници од книги и сликовници.

Првата година – важна за цел живот!

Првата година од животот на бебето е од извонредно значење кога е во прашање неговиот правилен раст и развој. Детето расте со изразено брзо темпо, па неопходно е родителите внимателно да го следат физичкиот и психичкиот развој на своето дете. Во настојување да ја запознае својата околина, бебето собира искуства и информации, па почнува да ги создава првите навики од животот, да се чувствува гладно, да сака да си игра, знае кога му е потребна нега и заштита од родителите, а со самото тоа влијае на сопствениот телесен и ментален развој понатаму во животот.