ПРАВИЛНО ЧУВАЊЕ НА ЛЕКОВИТЕ ВО ДОМАШНАТА АПТЕКА

ПРАВИЛНО ЧУВАЊЕ НА ЛЕКОВИТЕ ВО ДОМАШНАТА АПТЕКА

Правилното чување и употреба на лековите во домашни услови треба да биде соодветно на пропишаното упатство на дадениот лек. Начинот на чување е од голема важност како би се сочувала активноста на лекот и би се обезбедила успешна терапија. Доколу чувањето е несоодветно можно е многу побрзо да станат неупотребливи или штетни за употреба. По истек на рокот на употреба лекот не треба да се користи

 

Корисна лекција за правилно чување и употреба на лековите во домашни услови

Пожелно е сите лекови да се чуваат на едно место. На таков начин,ќе имате подобар увид во она што ви е потребно и ќе знаете кои лекови треба повторно да ги набавите. Идеално место за чување на лековите е во плакар или во фиока за чување лекови. Лековите треба да се чуваат во своето оригинално пакување, заедносо внатрешното упатство. Повеќето лекови се чуваат на суво и темно место, на собна температура (освен ако не е поинаку препишано) и надвор оддофат на деца. Некои лекови мора да се чуваат во фрижидер,како што се инсулинот, сирупите, капките, вагиналетите. Оптималната температура за чување на овие лекови е од 2° до 8°С.
На повеќето лекови им пречи силна светлина и влажност, па,така,кујната или бањата би биле несоодветно место за нивно чување.
Рокот на употреба кoj е испишан на амбалажата кај некои лекови во облик на капки, масти, креми, гелови или сирупи е валиден само доколку не се отворени. Од моментот на нивното отворање,обично,имаат рок на траење од десет дена до половина година. Препаратите, пак, кои содржат вода и кои се стерилни (на пр. капки за очи), по отворањето имаат краток рок на траење (28 дена). Затоа, кај ваквите лекови најдобро е по првото отворање да се испише датумот на самата амбалажа на лекот.

Секогаш кога не сте сигурни каде и како да чувате одреден лек, прашајте го вашиот лекар или фармацевт.

Задолжително проверувајте го рокот на лековите коишто ги чувате во домот и отстранете ги оние со поминат рок, но и оние коишто не планирате да ги користите. На овој начин, превенирате можна употреба на лекови што ја изгубиле својата ефикасност и можеби станале штетни.

Колку долго може да се чуваат сирупите против кашлица или за симнување на температура во фрижидер?

Постојат два вида сирупи. Едните се прават во аптека со додавање на пречистена вода во лекот во прав. Таквите суспензии антибиотици задолжително се протресуваат пред употреба и се користат 7 дена ако се на собна температура или 14 дена ако се во фрижидер. Потоа се фрлаат! Другиот вид се фабрички подготвени суспензии или сирупи, кои имаат рок на употреба до датумот назначен на амбалажата. По отворањето, овие сирупи или суспензии имаат ограничен рок на траење (прочитајте во внатрешното упатство). Затоа, важно е по отворањето на самата амбалажа да го запишете датумот на отворање. Секако, треба да бидат добро затворени и недостапни за деца.

Дали овие препарати ја губат јачината по извесно време?

Не! Може да ги користите додека се во рок на употреба, под услов да ги чувате правилно.

Дали да продолжите со користење на лековите кои сте ги носеле на пат, па сте ги вратиле?

Тој лек може да се користи само доколку сте го чувале во соодветно препишаните  услови.

Што да правите со сирупот против кашлица, за симнување на температурата или против алергија, ако извесно време бил на место каде има сонце?

Сонцето неповолно влијае на повеќето активни супстанции кои се наоѓаат во лековите. Некои лекови се исклучително чувствителни                       на сонце (на амбалажата е јасно назначено), па за кратко време лекот може да се расипе. Друг неповолен фактор е топлината – лекот во затворено шише се грее дури и ако не е директно изложен на сонце. Високата температура на растворот во којшто се наоѓа лекот доведува до забрзано губење на дејството на активната супстанција. Затоа, најсигурно е тој лек да го фрлите и да купите нов, кој грижливо ќе го чувате.

Правилното чување значи и безбедно чување

Ова подразбира дека лековите секогаш треба да бидат на места недостапни за деца, со што ќе се отстрани можноста за ненамерна употреба или злоупотреба.