Прирачник за здрав и среќен живот

Прирачник за здрав и среќен живот

Дали навистина знаеме што точно му е потребно на нашето тело за вистински да биде здраво и среќно?

Живееме во време на висока самосвесност за тоа што јадеме што е добро за нас, што е лошо за нас, читаме бројни статии за здравјето и како да живееме квалитетно, но реалноста упорно ни удира шамар дека нешто не правиме како што треба. Колку и да имате сфатено како точно фукнционира вашето тело, голема е веројатноста се уште да се соочувате со контрадикторности, непроверени, па дури и лажни информации за здравјето и здравиот начин на живот.

За барем малку да ја намалиме целата оваа конфузија, направивме селекција на истражувањата кои ветуваат подобар живот и ги издвоивме оние потврдени факти кои навистина ќе ви помогнат да ги одржите во форма и телото и умот. Оваа лекција е најголем влог за вашето здравје, енергија, благосостојба, бидете слободни да ја искористите.

Исхрана, јадете паметно

Зарем постои некој што се уште не слушнал колку е корисна медитеранската исхрана? Богата со свежа риба, овошје, зеленчук, маслинки, маслиново масло, јаткасти плодови и житарки, кои подразбираат продолжување на животниот век за 15 години. Научниците веруваат дека ваквиот режим на исхрана може да помогне во намалување на ризикот од двете најсмртоносни состојби во светот – срцев удар и рак, а воедно го намалува и ризикот од Алцхајмер за 40 %. Медитеранскиот начин на исхрана е целосно изводлив за нашето поднебје.

Клучно е да знаете – Користете исклучиво свежо овошје, избегнувајте конзервирано, па дури и замрзнато. Во текот на осум години, во Англија било спроведено експертско истражување во кое биле вклучени 65 000 испитаници. Резултатите покажале дека оние испитаници кои јаделе седум или повеќе порции свежо овошје или зеленчук, имале 42 % помали шанси да заболат од рак или од некоја срцева болест, за разлика од оние кои консумирале иста количина овошје и зеленчук во замрзната или конзервирана форма. Се прашувате зошто? Причината е шеќерниот сируп кој го содржат конзервираните овошја, тој ги анулира сите придобивки.

Меморија, следете го крвниот притисок

Според извештајот на „Меѓународната организација за борба против Алцхајмерова болест“, бројот на заболени од деменција до 2050-та година ќе достигне 135 милиони лица, од кои 16 милиони ќе бидат од Западна Европа, а над 70 % во сиромашните земји. „Високиот притисок кој може да ги оштети крвните садови во мозокот, во текот на младоста, е главниот фактор за поттик на деменција подоцна во животот“, вели д-р Клер Волтон, еден од истражувачите на „Здружение на болни од Алцхајмер“.

Клучно е да знаете – Консумирајте зелен чај, а после тоа вежбајте што било. Истражувањето објавено во „Молекуларна храна и исхрана“, открива дека лабораториските глувчиња на кои им била дадена EGCG (полифеноли и катехини) – состојка која ја содржи зелениот чај, покажале неверојатно подобрување на мозочната функција и помнењето.

Среќа, бидете емпатични

Нашата среќа најмногу зависи од нашата способност да сочувствуваме со емоциите на луѓето околу нас, велат истражувачите од Универзитетот „Стенфорд“. Како да станете емпатични? Едноставно, ставете се во туѓата положба пред да поднесете какви било претпоставки и заклучоци. Исто така, практикувајте активно слушање, ова значи внимателно да го слушате својот соговорник, без да го прекинувате и да смислувате одговор во вашата глава додека тој зборува. Потоа, покажете го своето разбирање преку парафразирање на она што тој го кажал. На пример: „Значи, те навредува тоа што како твој колега не ти ја нудам мојата помош, а тебе ти е неопходна?“ Емпатијата поттикнува социјална блискост и генерална благосостојба.

Клучно е да знаете – Научникот Барбара Гредриксон ги проучувала природно среќните луѓе и дошла до сознание дека доколку ги негуваме позитивните емоции, ќе бидеме далеку посреќни битија. „Луѓето многу често не ги препознаваат позитивните работи кои им се случуваат во секојдневниот живот, а уште помалку се свесни за моќта што ја поседуваат за да го променат своето расположение“, вели д-р Рик Хансон, автор на книгата „Hardwiring Happines“. Обидете се и од негативните работи да го откриете позитивното искуство што сте го стекнале. Доколку го практикувате секојдневно, ќе го програмирате мозокот да ги чувствува повеќе добрите отколку лошите вибрации.

zdrav zivot

Обидете се да го пребарате терминот „здрав живот“ на google и ќе добиете отприлика 6 милиони резултати.

Хормони, зголемете го нивото на железо во крвта

Несомнена е поврзаноста на недостигот на железо во крвта со чувството на умор. Но, малкумина знаат дека храната богата со железо не го решава само овој проблем, туку може да помогне и за намалување на ПМС симптомите за 40 %. Железото е клучно за создавање серотонин, хормон на среќата. Жените  во ПМС се почувствителни на прогестеронот, хормонот кој од јајчниците завршува во крвта по овулацијата. Ова води до намалување на серотонин во мозокот и појава на ПМС – симптоми. Општо е прифатено дека храната од животинско потекло (месо и риба) најмногу изобилува со железо, иако истражувањата покажуваат дека најголеми придобивки од железо се добиваат од растителна храна како зеленчук, овошје, бадеми и житни култури.

Клучно е да знаете – На жените им се потребни 14.8 мг железо дневно, додека на мажите 8 мг дневно. Сепак, точниот внес треба да го дефинира вашиот лекар во согласност со вашите потреби. Ако не сте во можност оваа количина да ја внесете по природен пат, тогаш земете суплемент.

Кожа, јадете повеќе доматно пире

Молекуларниот биолог, професор Mark Birch – Machin открил дека консумирањето околу 5 супени лажици процесирани продукти од домати секој ден, може да го поттикне природното производство на колаген и да ја направи кожата поотпорна на сончеви штети. Интересно е тоа што ваквите резултати биле забележани кога луѓето јаделе само зготвена, процесирана храна, како што е пирето од домати или кечап. Причината за тоа е ликопенот, моќен антиоксидант кој се создава во текот на преработката, а телото многу лесно го апсорбира. Доматно пире, сок од домати, салца или домашен кечап – изборот е ваш.

Клучно е да знаете – Сонцето поттикнува предвремено стареење на кожата, затоа заштитете ја со СПФ – од 30 до 50 во лето, од 15 до 20 во зима.

Коски, правете чучнувања секој ден

Знаете ли дека околу половина од мажите и жените на возраст помеѓу 35-60 години имаат проблеми со колената? Зацврстувањето на мускулите околу колената е сигурен пат да се ослободите од хроничната болка, секако, ако ви е дозволено да вежбате. Оние што ќе превенираат со вежби за колена уште во своите 20-ти или 30-ти години, нема да имаат никаква мака на постари години. Едно истражување покажува дека осумнеделна програма со секојдневни чучнувања, без додавање дополнителна тежина, ги јакне мускулите околу колената и ги намалува мастите. Силните мускули во пределот на стомакот, грбот и задникот се одлична поддршка за колената.

Клучно е да знаете – Покрај чучнувањата, колената зајакнуваат и преку суплементација со калциум и со клучниот коскен витамин К2, кој го транспортира минералот директно во коските.

Плодност, испитајте ја тироидната жлезда

Во последните години бројот на третмани за зголемување на плодноста и лечење на неплодноста рапидно расте. Но, пред да избрзате и да ги закажете сите можни испитувања, проверете ја тироидната жлезда. „Една од работите кои ги попречуваат вашите шанси за забременување може да биде недијагностицираното нарушување на тироидната жлезда, особено ако имате фамилијарна историја на болести на тироидната жлезда од женска страна“, вели д-р Џилијан Локвуд, советник за репродуктивна медицина. Тиродината жлезда влијае на хипофизата, која е задолжена за регулирање на сексуалните хормони клучни за плодноста.

Клучно е да знаете – Информирајте се на која возраст стартувала менопаузата на вашата мајка. „Постои една временска рамка во која жените се поподложни на проблеми со плодноста, то а се случува отприлика 10 години пред да влезат во менопауза“, објаснува д-р Џилијан. „Најдобриот претскажувач за менопауза е возраста кога вашата мајка влегла во менопауза“. Многу корисни се и мобилните апликации за следење на менструалните циклуси, преку нив ќе имате целосен увид во овулацијата, плодните денови и колку тие се намалуваат.