ПУШЕЊЕ ЦИГАРИ И ПРОМЕНИ ВО УСНАТА ШУПЛИНА

ПУШЕЊЕ ЦИГАРИ И ПРОМЕНИ ВО УСНАТА ШУПЛИНА
Пушењето е еден од главните ризик-фактори за појава на многу хронични болести, во кои спаѓаат и болестите во усната шуплина. За последиците и штетните влијанија од пушењето, треба да бидеме свесни и да ги превенираме со тоа што ќе се откажеме од употребата на тутун.
Какви промени се забележуваат во устата на пушачите?
Покрај баналните промени, како што се лошиот здив и обојувањето на забите, во устата на пушачите се појавуваат и многу посериозни промени. Најчестата промена е воспалението на непцата (гингивитис) кое неретко се развива во парадонтопатија (болест на ткивата кои ги држат забите всадени во коската од вилицата). Пушачите имаат воспалени и раширени отвори на плунковните жлезди на тврдото непце. За разлика од непушачите, кај пушачите многу почесто сретнуваме преканцерозни промени на слузниците, а како најсериозна промена, која е последица од пушењето цигари, е оралниот карцином.
Зошто пушачите имаат воспалени непца?
Пушењето цигари на повеќе начини им штети на непцата. Никотинот кој го има во тутунот е вазоконстриктор, односно, ги стеснува крвните садови. Со тоа се намалува циркулацијата на крв во непцата, што води до намалена оксигенација на ткивата и до намален одбранбен механизам против инфекции. Непцата стануваат почувствителни на бактериите кои ги има во забните наслаги (плак) и на таков начин се развива гингивитис. Гингивитисот е состојба која е возможно потполно да се излекува со правилен третман од страна на стоматолог и со добра едукација на пациентот, но заздравувањето на раните кај пушачите е отежнато токму поради намалената циркулација на крв. Покрај никотинот, со пушењето во телото внесуваме и слободни радикали, кои се високо реактивни молекули. Ако во организмот немаме доволно антиоксиданси, тогаш овие слободни радикали започнуваат да го уништуваат ткивото на непцата и придонесуваат кон развој на парадонтопатијата и подоцнежно разнишување на забите и нивно паѓање. Овие слободни радикали настануваат и како нуспродукти во воспалителните процеси во непцата, што уште повеќе ја влошува нивната состојба. За разлика од воспаленијата на непцата кај непушачите, кај кои непцата отекуваат, крвават, болат итн., непцата кај пушачите не делуваат болно. Тие не отекуваат и не крвават, токму поради намалената циркулација на крв. Затоа кај пушачите кај кои не е дијагностицирано и лекувано воспалението на непцата – гингивитис, тоа преминува во парадонтопатија. Парадонтопатијата е болест која има иреверзибилни промени. Поради долготрајното воспаление, коската од вилицата каде се всадени забите започнува да се топи и на таков начин настануваат парадонтални џебови. Бидејќи пушачите немаат јасно изразени знаци на воспаление, парадонтопатијата неретко е дијагностицирана предоцна кога пациентите веќе започнале да ги губат забите.
Каква е превенцијата пред воспаленијата на непцата?
За почеток пациентите треба да се откажат од пушење. Со тоа, во устата ќе се воспостави рамнотежа и услови за заздравување на непцата по парадонталното лекување. Стоматологот при прегледот на секој пациент треба да направи темелен преглед со мерење на длабочината на пародонталните џебови и да забележи во картотеката дали пациентот е пушач или не. Само на таков начин пациентот-пушач може темелно да се следи и да се интервенира навремено. Кај пушачите се забележува зголемена акумулација на плак, затоа хигиената кај нив е пожелно да биде на високо ниво. Правилно и доволно долго четкање на забите и масажа на непцата ја зголемува циркулацијата на крв во нив, а со тоа и одбранбениот механизам пред инфекции е зголемен. Редовна и правилна употреба на забен конец без восок. Треба редовно професионално на стоматолог да се отстранува забниот камен и да се замазнуваат сите површини од забот и забниот врат со што ќе се намали собирањето на нови наслаги. Парадонталниот третман вклучува и отстранување на воспалителното ткиво и локално лекување со медикамент. Само на ваков начин може да се одржи здравјето на непцата.
Дали пушачите имаат повеќе кариес од непушачите?
Да. Причината во зачестената инциденција на кариес кај пушачите е тоа што пушењето на долг рок го намалува излачувањето плунка. Таа станува помукозна, односно погуста. Ph нивото се намалува и со тоа средината во устата станува покисела. Овие промени на плунката го отежнуваат самочистењето на усната шуплина. На овој начин се создаваат погодни услови за настанување на кариес.
Дали пушењето влијае врз имплантите?
Во современата стоматологија изгубените заби сè почесто се надоместуваат со импланти. Не е докажано дека пушењето ја намалува остеоинтеграцијата или прифаќањето на имплантот од страна на организмот, меѓутоа процентот на отфрлени импланти е двојно поголем кај пушачите отколку кај непушачите. Сето ова се должи на воспалението на непцето околу имплантот (периимплантитис), кој ако не е соодветно третиран води до топење на коската околу имплантот и негово отфрлање. Природата на воспалението околу имплантите е еднаква со воспалението на непцата околу природните заби кај пушачите.
Каков е ризикот од појава на орален карцином?
Пушењето штетно делува на сите клетки и органи каде што поминува чадот од цигарата. Прва на удар е усната шуплина. Долготрајното пушење ги присилува клетките да се менуваат и приспособуваат на штетните влијанија. На таков начин е возможно да настанат преканцерозни (леукоплакија) и канцерозни промени. Колку подолго пушите и колку поголема количина пушите, толку поголем е ризикот од орален карцином. Кога пушењето е проследено и со консумирање алкохол, ризикот е уште поголем. Дури над  90% од луѓето заболени од орален карцином се пушачи. Доколку сте пушач, сето ова е доволна причина уште денес да се откажете од пушењето.

Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.