Дружењето со природата е најдобрата терапија што нема да ве чини ниту денар, а сѐ што ви треба се вашите две нозе и малку слободно време. Барем еднаш во неделата заменете го градскиот метеж со тивкиот и мирен планински свет. Навистина нешто магично се случува кога човек ќе излезе од сопствената мрежа на живеење. Умот се стишува. Дишењето се продлабочува. Крвниот притисок паѓа. Настапуваат мир и среќа пропратени со наплив енергија. Токму ова е убавината на слободното време поминато во планина, со семејството или сами. Одржувањето на физичката кондиција е пропратен бенефит.
Оттука, не е зачудувачки што планинарењето е најпосакуван спорт на отворено меѓу луѓето на возраст од 25 до 30 години. Ако на истото гледаме како на фитнес вежба, тогаш придобивките се бројни – затегнати нозе, колкови, задник, ‘рбетен столб, согорени калории (Збогум остеопороза!). Листата придобивки не е ништо помала во однос на менталното здравје – зголемена креативност, подобрени способности за решавање проблеми, намалена анксиозност и зголемено чувство на среќа, двојно повеќе отколку спортување во затворено, потврдија австралиските научници. Редовното рекреативно планинарење го намалува ризикот од депресија!
Ако од некои причини ја одбегнувате оваа активност, време е да се обидете. Заборавете на инвестирање во којзнае каква скапа опрема, искачувањето на Водно отсекогаш подразбирало лесна и удобна облека, здрави патики, шишенце со вода, малку храна и многу ентузијазам.
Сабота на планина – топ 3 совети
Височина
Стартувајте со помали височини. Она што може да ве премисли на половина пат е наклонот, поради кој срцето ќе почне забрзано да работи, па може да останете без воздух и да ве фати паника. Патеката што ќе ја искачувате треба да е пократка од рамната патека што ја одите без проблем.
Маршута
Дефинирајте ја крајната цел, тоа е клучот за безбедно и ведро планинарење. Не впуштајте се во недефинирани далечини, бидејќи секоја промена како зајдување на сонцето или недостиг вода за пиење може да ве исфрли од колосек. Преиспитајте ги вашите капацитети и не заборавајте дека она што го искачивте, треба и да го симнете.
Тип на патека
По која патека ќе одите, по обележена или народно кажано козја? Има голема разлика, обележните патеки се чисти, безбедни и плус нудат место за одмор. Козјите патеки се нерасчистени, можеби ќе треба да прескокнувате паднати дрвја, а бидејќи се многу слични една на друга, поверојатно е да се изгубите.
Што да понесете со себе?
Не заборавајте, колку помал товар толку полесно искачување!
Паметни ужини
Експертите препорачуваат сувомесно како пршут или чаден кашкавал, бидејќи издржуваат на повисоки температури и нема да развијат бактерии. Комбинирајте ги со зеленчук што изобилува со вода како краставица. За инстант енергија тука е сувото овошје, протеинските или житни барови и јатките.
Вода
Треба да пиете почесто, а помалку. Секоја друга течност и не е добра опција, бидејќи само ќе ви поттикнува жед.
Ќебенце
Понесете го дури и во најтоплите денови, бидејќи ќе ви се најде за одмор и за пикник. Хартиените шамичиња се одлична замена за пешкир, но сѐ додека ветите дека искористените ќе ги понесете назад со себе.
Заштита од сонце
Капа, очила, СПФ фактор – изборот е ваш, но никако не потпирајте се на сенките од дрвјата.
Мобилен телефон
Пред излегување од дома, проверете ја батеријата, бидејќи паметни телефони ќе ви послужат во низа евентуални незгоди.