Себепромоција

Себепромоција
Фалењето е добро за успех, но и за мозокот, тогаш зошто се срамиме?

Вашата работа, успехот, заработувачката, па дури и вашата врска, тапка во место од причина што вие сѐ уште одбивате да се промоворате себеси онлајн. Се плашите ли од осуда?

Разбирливо, уште ако сте жена, тогаш вашиот страв е целосно оправдан. Имено, истражувањето што го спроведе Ратгерскиот универзитет, откри дека жените кои се обидуваат да се промовираат себеси се помалку допадливи за разлика од мажите.

Во просек, 80% од објавите на социјалните медиуми се, во суштина, пораки во служба на себепромоција. Па, ако сите ги користиме за иста цел, тогаш кој е оној што осудува и зошто? Е, тука се случува еден интересен парадокс, жените се оние што судат први и истовремено, жените се први на мета за осуда. „Широко е прифатен стереотипот дека жените треба да бидат скромни“, вели д-р Шерон Коен,професор по медиумска психологија на Универзитетот во Салфорд.Јавното изразување моќ и компетентност е чин на изразување нескромност, а тоа е контрадикторно на општествените очекувања споменати погоре. Контрадикторноста е коренот на негативните реакции од другите. И, додека жените се соочуваат со цела една низа етикети, судот за мажите најчесто гласи: „Види го, фалбаџија!“ Ваквите стереотипи се толку продлабочени и вкоренети, што имаат моќ да влијаат врз однесувањето на половите низ животот. Како стареат, жените се охрабруваат да се презентираат себеси што е можнопопрецизно, додека мажите се охрабруваат да ги преценуваат своите достигнувања.

Жените се фалат скромно, но и покрај тоа се помалку допадливи. Мажите се фалат претерувајќи и притоа не водат сметка кому му се допаднале, а кому не. Жените судат строго. Мажите на сѐ додаваат сексуална конотација. Кој е поуспешен при себепромоцијата? Мажите, иако жените имаат подобро развиено чувство за креативност и се поречити. Според ова, дали пристапот на себепромовирање треба да биде ноншалантен, во машки стил?

Прво, вредно е да се спомене дека себепромоцијата не е ограничена само на социјалните медиуми, луѓето се многу подлабоко навлезени во неа без да бидат свесни за тоа. Всушност, сите се промовираме себеси, постојано. Не станува збор за некоја уникатна способност која ја вклучуваме и ја исклучуваме по потреба. Кога се дотеруваме, кога се смешкаме, кога користиме одредени фрази, ние несвесно му презентираме на светот една верзија од себе.

Едно од најважните места за себепромоција е работната средина и токму поради тоа, мажите предничат во однос на жените. Не дека сами заклучиле кој е поважен фронт, туку, едноставно, мажите имаат одбивност да се сликаат за на Инстаграм,додека со задоволство би пиеле кафе со шефот.

Сју Унерман,во својата книга „Стаклениот ѕид“ („The Glass Wall“), вели дека жените не го владеат начинот на кој треба да комуницираат на работа. Работејќи на книгата, таа интервјуирала стотици мажи и жени, вклучувајќи ги и нивните претпоставени кои ги вработиле и ги отпуштиле. Преку овие интервјуа, Сју заклучила дека жените веруваат дека е доволно само одлично да ја завршат работната задача, но практиката вели нешто друго: уште поважно е да му дадете на знаење на претпоставениот дека сработивте, дека завршивте одлична работа – токму тоа го прават вашите машки колеги! „Ми стана јасно дека жените преретко бараат промоција или покачување на плата, па дури и кога ќе се осмелат, доволно е само да чујат „Не“ и да се повлечат тивко“, вели Сју.Жената кога ќе добие покачување на платавели: „Благодарам!“ Мажот кога ќе добие покачување на плата вели: „Благодарам, кога можам да очекувам следно?“

Ако земеме предвид дека бројот на луѓето кои работат од дома како хонорарци во последните 10 години двојно порасна, тогаш потребата од себепромоција станува нужна. Но, луѓето се плашат и пред сѐ не знаат колку е доволно и кога себепромовирањето може да поттикне одбивност кај примачот. Но, ако се ослободите и го направите тоа, со сигурност ќе дојдете до клучна себерефлексија, објаснува д-р Шерон Коен.„Објавувањето слика од себе или препрочитувањето на содржината што сте ја објавиле за себе и за својата работа, е начин да создадете чувство за тоа кои сте“, вели Коен. Тоа може да ви помогне да го разберете и да го елаборирате својот идентитет.

Но, коцкањето со сопствениот имиџ поради неможноста да ја контролирате туѓата перцепција е ризик кој не секој може да го поднесе, иако е невозможно да им се допаднете на сите. Проблемот дополнително го комплицира опцијата за оставање коментар – ако негативните коментари се побројни од позитивните, во тој случај себепромоцијата ќе стане антипромоција. Студиите покажале дека и директните приватни пораки со негативен контекст се сосем доволни да ја разнишаат самодовербата на авторот на содржината и покрај тоа што само тој може да ги прочита.

Преплашени од ваквите можни исходи, многу луѓе применуваат таканаречено скромно фалење на социјалните мрежи. Иако ваквата техника е само залажување, бидејќи е речеси невозможно да се предвиди реакцијата на публиката за која било објава. Пример за скромно фалење: „Да, јас го освоив првото место, но тој беше одличен противник, нијанси одлучуваа“. Студија од 2017 година на Бизнис школата на Харвардоткри дека ваквото скромно фалење е помалку успешно за разлика од отвореното фалење, бидејќи кај првото, недостасува искреност.

Креаторот сигурно се чувствува убаво што не е експлицитен во фалењето, но публиката реагира негативно и на себепромоцијата и на обидот таа да се маскира. Затоа, бидете искрени. Соодветно е при чинот на фалење да има несоодветни елементи, а уште посоодветно е да не им се допаднете на сите.