СЕМЕЈНА ПАТНА АПТЕКА – Задолжителна за безгрижно патување

СЕМЕЈНА ПАТНА АПТЕКА – Задолжителна за безгрижно патување

Сезоната на годишните одмори е пред нас а со тоа и подготовките и прашањата дали имаме место да го земеме со нас сето она што ни е потребно. Со цел одморот да биде што побезгрижен  покрај крпите, сандалите и сите можни реквизити за плажа подготовката на вашата патна аптека е од исклучително значење.

Што е тоа што треба да го содржи вашата патна аптека?

Содржината на вашата аптека, пред сè, зависи од вашите потреби, од здравствената состојба, како и од бројот и возраста на членовите во семејството. Доколку страдате од одредено хронично заболување, тогаш препишаната терапија ќе биде задолжителна. Сепак, за да се избегнат непријатности, како резултат на вообичаени здравствени тегоби кои може да се појават во текот на одморот,  добро е во вашиот багаж да бидат сместени основните медикаменти и препарати за самозаштита и за самолекување.

Најчести проблеми или здравствени нарушувања со кои се соочуваме во текот на патувањето или за време на самиот одмор се:

  • болки и покачена телесна температура
  • повреди и исекотини
  • дијареја
  • мачнини и повраќање
  • алергии
  • изгореници

Со цел да избегнете дополнителен стрес од потребата да се бара лекарска ординација или најблиска аптека, важно е со себе да имате лекови, медицински и заштитни средства кои ќе ви бидат при рака заради итна санација и прва помош.

Во патната аптека имајте:

  • лек за намалување на зголемена температура
  • лекови против болки и забоболки
  • таблети или сируп против алергија во случај на каснување од инсекти
  • препарат, крем или гел за ублажувањелокални реакции од убод од инсекти
  • раствор за надомест на течности и соли во случај на повраќање
  • пробиотик
  • топломер

Задолжителен прибор и средства за прва помош:

  • антибиотски прашок или спреј
  • антисептик за чистење рани
  • завои и фластери
  • стерилни гази и компресии
  • водоотпорен ханзапласт
  • ножички

Секако, не заборавајте да понесете креми за сончање со соодветен фактор, универзален крем за нега и хидрирање на кожа, како и производи заодбрана од инсекти.
Сепак, доколку некој од симптомите или повредите имаат сериозна природа или траат подолго од вообичаеното, задолжително побарајте лекарска помош.