Со самиот почеток на учебната година започнуваат и здравствените проблеми на децата посебно на најмалечките кои прв пат почнуваат во градинка.
Во такви средини децата доаѓаат во контакт со бактерии и вируси кои можат сериозно да го нарушат нивното здравје. Поттикнат од секојдневните проблеми и прашања на нашите почитувани пациенти се решив да дадам краток осврт на начините како да се подобри имунитетот кај најмалите деца.
1. За новороденчињата секогаш инсистираме на доење со мајчино млеко
Иако тоа е индивидуален избор предностите на доењето се неспоредливи посебно во првите шест месеци од животот. Исто така има и научни истражувања дека доењето помага и во борба против алергии.
2. Стекнување хигиенски навики
Преку 80% од инфекциите се шират преку директен допир. Затоа неопходна улога на родителите е креирањето здрави хигиенски навики. Едноставно миење на рацете со млака вода и сапун ги намалува за 45% шансите од развивање потешка пнеумонија кај децата.
3. Редовна и навремена имунизација
Следењето на редовниот календар за имунизација исто така претставува многу важна заштита од заболувања кои можат сериозно да го загрозат јавното здравје.
4. Здрав и редовен сон
Редовниот сон е многу важен во продукцијата на цитокините кои го даваат имунолошкиот одговор при бактериска и вирусна инфекција. Според некои насоки децата до 2 години миниум треба да преспијат 12 до 14 часа. Деца од 3 до 5 години дневно треба да спијат 10 до 13 часа. Додека на деца од 6 до 12 години оптимално им треба сон од 9 до 12 часа.
5. Здрава исхрана
Можеби и најважниот сегмент од одржувњето здрав имунитет претставува здравата и добро избалансирана исхрана. Секогаш инсистираме нашите пациенти и млади родители да ги избегнуваат готовите јадења полни со вештачки бои и шеќери штетни за здравјето. Секојдневна диета со овошје и зеленчук е златен стандард за исхрана богата со витамини и минерали кои помагаат во одржување на имунитетот.
Покрај сите овие совети не смееме да заборавиме дека има деца со нарушен имунолошки одговор. Кај нив е потребна персонализирана грижа и константна консултација со педијатри и со нас како искусни фармацевти секогаш подготвени да одговриме на нови предизвици.
Аптека Примавита – Струга