ИСХРАНА КАЈ ДЕЦАТА НА УЧИЛИШНА ВОЗРАСТ

ИСХРАНА КАЈ ДЕЦАТА НА УЧИЛИШНА ВОЗРАСТ

Семејната храна – огледало за здрави навики
Исхраната е од исклучително значење за правилниот развој на децата, како во првите години од нивниот живот, така и во периодот на училишна возраст, како фактор за правилен психофизички развој и „погонско гориво“ за извршување на училишните предизвици.  Но како ќе се храни и какви навики ќе стекне вашето дете  во однос на исхраната, зависи примарно од она што ние ќе им го понудиме. Нашите мали човечиња ја консумираат токму нашата кујна која секојдневно им ја сервираме. Нивните навики и нивната храна ќе бидат онакви какви што се нашите. Затоа е важно да инвестираме во создавање навики за здрава и правилна исхрана кои понатаму ќе бидат столб за развој на здрава и среќна личност.
Секое дете е универзум за себе и секое има свој различен биоритам и систем на исхрана, но својата култура околу исхраната ја стекнуваат токму од нашите навики на исхрана на возраст некаде од 3 до 6 години. Можеби несвесно, но секако нашите постапки, нашето однесување, а вклучително и односот кон храната се првите патокази за нашите најмили.

Што е најдобро?
Со оглед на тоа дека станува збор за еден нов период од животот на вашето дете, исполнет со нови, пред сè, ментални активности, правилната и избалансирана исхрана ќе помогне кон полесна адаптација и секако правилен развој на вашето дете. Идеален оброк можеби и не постои, но тој треба да биде доволно хранлив и со доволно калории да го „нахрани“ мозокот и да овозможи извршување на моторните активности на детето за време на престојот во училиште, но тој не треба да биде премногу калоричен за да не предизвика поспаност или пак да предизвика хиперактивно однесување.

Полни со енергија веќе по првиот оброк
„Кралот на оброците“ – појадокот е најважниот оброк. Многу често децата го прескокнуваат појадокот, што има низа на несакани последици по здравјето и однесувањето на детето. Најчесто овие деца се поспани, отежнато ја следат наставата и имаат помалку концентрација.
Најдобро е денот да се започне со чаша природно исцеден сок од овошје и зеленчук или пак со свежо и разновидно сезонско овошје. Со ова сигурно нема да погрешите.
Појадокот нека биде комбинација од житарки и суво овошје со јогурт или млеко, или пак едноставно понудете му парче интегрален леб со путер или со домашен џем. Но во НИКОЈ случај појадокот не треба да бидат конзервирани и концентрирани продукти како паштети, виршли, маргарин, мајонез, слатки кремови, пржени јајца и сл. Појадокот треба да биде немасна и непржена храна, богата со јаглехидрати.

Што за ручек?
Според  македонската кујна и традиција, ручекот се смета за главен оброк.
Детската кујна не треба да изобилува со пржени работи, брза храна и многу зачинети манџи. Научете ги децата да јадат свежи, домашно подготвени супи. Секако, на менито треба да бидат застапени риба, квалитетно месо, печурки, леќа, грав, грашок, ориз, компир, просо… Каков и да е ручекот, секогаш на менитоимајте свежо приготвена салата. Салатите нека бидат што побогати и поразновидни. Не изоставувајте ги корењата кои се извор на живот и енергија. Учете ги децата да јадат целер, цвекло, морков, пашканат – сèшто е корен. Не секогаш салатата треба да е од домат, пиперка и краставица.
Не мора да се придржувате кон традиционалните концепти на ручекот дефинирани како предјадење, главно јадење и десерт. Не наградувајте ги децата по ручекот со торта, колач, сладолед и сл. Ако оброкот бил соодветен и добро искомбиниран, нема потреба од десерт. Десертот може да биде чаша свежо цеден сок или некој друга ваша комбинација и замисла.
Секако, добро е кон ручекот да се додаде и парче леб, само доколку има потреба од тоа. Добро е лебот да е интегрален и тоа во соодветна комбинација со храна богата со јаглехидрати (грав, грашок, боранија), но не и со храна богата со протеини (месо, риба, јајца).

Ужинка, грицки или нешто трето
Ужината треба да е составен дел од дневното мени на вашиот ученик. Како најздрава алтернатива препорачуваме тоа да биде овошје, во прв ред домашно јаболко.
Учете ги децата наместо да грицкаат смоки или чипс, да грицкаат свежи бадеми, ореви, семки од тиква, сончоглед и сл.

Здрава вечера
Вечерата секогаш треба да биде лесна и различна од ручекот. Потрудете се да му дадете нутритиви кои ќе му овозможат мирен сон на вашето дете. Никогаш не давајте ја храната пред спиење. Нека бидат тоа лесно сварливи намирници на база на млеко и млечни производи, зеленчук без целулоза, умерени количини леб и печиво. Храната во вечерните часови никако не треба да е пржена, силно зачинета и пресолена.
Јадете заедно и научете храната да ви биде задоволство и уживање, а не опсесија и оптоварување.

Јадење пред телевизор или компјутер???
Јадењето пред телевизор го одвлекува вниманието и така помалку внимание обрнуваме на тоа дали сме сити или не. Јадењето станува несвесно, а тоа лесно може да доведе до прејадување. Докажано е дека децата внесуваат многу повеќе калории од потребните кога нивното внимание е одвлечено од телевизиската програма.
Ограничете ги местата во домот на кои е дозволено да се јаде, на пример масата во трпезаријата или во кујната. Оброците треба да бидат време за семејството. Исто така, децата се посклони да прават подобар избор на храна кога јадат на иста маса со целото семејство.

Здравите навики почнуваат во кујната
„Излегувај, само ми правиш неред во кујната“, „Бегај, ќе се изгориш“, „Не допирај го ножот, ќе се пресечеш“… Звучи познато? Да, кујната е опасно место за малите деца, но тактиката да не му дозволувате на вашето малечко да учествува во приготвувањето на оброците е погрешна.
Всушност, поверојатно е вашето малечко да јаде одредено јадење или да прифати да вкуси нова храна доколку ви помогнало да ја приготвите. Пазарете со вашето дете, вклучете го при избирањето намирници, а потоа вклучете го во готвењето, дури и по цена да треба да чистите поголем неред.