Сите тајни на КОСТЕНОТ

Сите тајни на КОСТЕНОТ

Дарот којшто природата му го дарила на човекот во разноликост од форми, бои и вкусови е непроценлив. Дел од тие дарови се основата на човековата исхрана, дел се основата за човековото здравје, а дел се и едното и другото.
Токму еден таков дар е мирисот на печениот костен, јасно препознатлив по маалските сокаци во овој период од годината. Со прекрасен вкус, извонредна хранлива содржина и редица лековити особини, костенот се вдомил и си зазел значајно место во ланецот на исхраната на човекот.

КОСТЕНОТ НИЗ ИСТОРИЈАТА:

Мирисот на костенот по улиците се шири уште одамна. Во средниот век костенот се користел како главна храна на посиромашните слоеви, а бил популарен уште од времето на Римјаните и античките Грци кои први ги откриле и почнале да ги применуваат неговите лековити својства.
Во нашиот крај постојат два вида костени – питом костен (Castanea sativa) и див костен (Aesculus hippocastanum).

ЗА ПИТОМИОТ КОСТЕН:

Питомиот костен спаѓа во редот на овошја и на трпезите е присутен во текот на есента и во првите зимски месеци. Најомилен е печениот костен, а може да се јаде и свеж, варен или како пире.Во форма на брашно од костен може да се употреби во подготовка на разни слатки, леб и печива.

Што содржи?

Костенот содржи значително количество витамин Ц. Една шака костени содржи витамин Ц што може да задоволи дури 40% од дневните потреби. Од останатите јаткасти плодови се разликува по тоа што содржи пониско ниво на масти.
Главна состојка на костенот е скробот кој што во суровото семе го има дури и до 40%.
Покрај ова, костенот е добар извор на диететски влакна и незаситени масти кои што помагаат во намалувањето на лошиот холестерол, а го зголемуваат добриот холестерол.
Костенот е добар извор и на витамини од групата Б, витамин А, како и минерали: калиум, фосфор, калциум, магнезиум, сулфур, хлор, железо, бакар и манган.
Костенот е одличен избалансиран извор на јаглехидрати, белковини и целулоза.

За што е добар?

Костенот го зајакнува имунитетот и поради неговата хранливост се користи за подобрување на општата здравствената состојба на организмот. Ја подобрува крвната слика и ја зголемува енергијата, а поради природните шеќери што ги содржи, ја задоволува желбата за благо.
Слободно може да се каже дека плодовите на питомиот костен се со голема калориска вредност и затоа се одлични за децата како енергетска поддршка во развојот. Подеднакво е добар за спортистите, за повозрасните лица и за сите оние кои имаат поголем физички и интелектуален напор.

Како се конзумира?

Костенот се јаде само кога е зрел, а кога се јаде пожелно е да не се меша со други видови храна за да може полесно да се свари.
Kомбинацијатана чај од мајчина душица и костен може да се користи за третирање на проблемите во системот за дишење. Оваа чаева мешавина го прочистув аорганизмот, а помага и при дијареја.
Медот од костенот е, истотака, хранлив и лековит и може да се користи при лекување на гастритис и при проблеми со варењето на храната. Го заштитува црниот дроб и ја подобрува циркулацијата.

Чај од костени

1 лажица сомелени костени (со лушпата) прелијте ја со 1 шолја врела вода. Оставете ја течноста поклопена да отстои 15 минути, а потоа процедете. Пијте 1-2 шолји чај дневно.
Овој чај може да помогне при зголемена простата, проширени вени, хроничен пролив и при внатрешни крвавења.

 

Тинктура од див костен против проширени вени и хемороиди

Потребни се 12-15 зрели плодови од див костен (свежо набран) и 2,5 дл коњак. Костенот ситно се ренда заедно со кората, се става во тегла и се прелива со коњакот. Се остава да стои 6-8 недели на собна температура. Растворот се процедува и се пие 3 пати на ден по 15-20 капки во вода.

И многу повеќе од костен…

Костенот може да биде и дополнителна причина за забава и за рекреација во природата.

  • Излезете со семејството и со пријателите и сами наполнете ја својата кошничка со свеж костен.
  • Повикајте ги пријателте и уживајте во ритуалот на печење на костените.
  • Бидете малку повеќе креативни и заедно со вашите најмили направете цело царство од фигури и декорации. Покрај костен, употребете дабов жир, плод од шипка, глог или други суви плодови што заедно ќе ги соберете во природата.