Сколиоза и кифоза – сè почести деформитети кај децата на училишна возраст
Рбетот е стожер на целото тело
Децата на училишна возраст нагло растат во висина, а со самото тоа добиваат и во тежина. За растот во висина се одговорни коските, а мускулите растат побавно и со тоа се јавува релативна слабост на мускулатурата за да ја издржи тежината на детето, ако таа не се зајакнува постојано со физичка активност. Од друга страна, и коските треба постојано да ја одржуваат својата цврстина за да ги издржат истите оптоварувања.
Ако дојде до дисбаланс на растењето, зајакнувањето на мускулатурата и зацврстувањето на коските, можно е да дојде и до искривување на ’рбетниот столб.
Нормалниот ’рбет има облик на двојна, издолжена буква „С“,. При одредени промени ’рбетот може да биде искривен странично (кон лево или кон десно). Овие промени на ’рбетот ги нарекуваме сколиоза. Кога искривувањата на ’рбетот се кон напред или кон назад, зборуваме за кифоза.
Дали тешката училишна чанта е преголем дополнителен товар за првачињата и колку седењето со часови пред компјутер е „здраво“ за коските и муслулите на ’рбетниот столб?
Постојат повеќе причини за искривување на ’рбетот – вродени или стекнати болести на ’рбетниот столб, повреди, тумори, невролошки заболувања, инфекции и метаболни заболувања. За разлика од овие, функционалната сколиоза е многу побројна и најчесто е последица на лошо држење на телото или заземање принудна положба на телото поради болки во ’рбетот.
Сколиозата е двапати почеста кај девојчињата отколку кај машките. Многу често е поврзана со наглиот и брз раст во висина во периодот од 8-16 години. Околу 4% од децата од оваа група имаат видливо искривување на ’рбетот. Прогнозата зависи од повеќе фактори, но важи правилото: доколку се јави на подоцнежна возраст и на понизок сегмент на ’рбетот, дотолку прогнозата е подобра. Но, за жал, важи и обратното – ако се јави во раната возраст и на повисок сегмент од ’рбетот, прогнозата на сколиозата е потешка.
Кифоза е термин кој се употребува за искривување на ’рбетот кон назад, кога пациентот се гледа од страна. Во градниот дел од ’рбетот и нормално постои вакво искривување, но за кифоза зборуваме кога тоа е значително нагласено.
Најчесто кифозата се јавува како последица на лошо држење на телото. Кај момчињата и девојчињата во период на адолесценција, подвижноста на ’рбетниот столб не е нарушена и кифозата лесно се коригира со поправање на држењето на телото, со физичка активност.
За секое искривување на ’рбетот неопходен е лекарски специјалистички преглед. Многу од случаите се решаваат едноставно со следење и со физикална терапија.
Но, запомнете: најважна е превенцијата од искривувања на ’рбетниот столб.
Редовната физичка активност, правилниот став во однос на држењето на телото, особено во периодот на брз раст и развој, се клучни во спречувањето на кифозата и сколиозата. Најранлива популација, секако, се децата на училишна возраст и адолесцентите. За здрав и цврст ’рбет се препорачуваат спортски активности што го јакнат ’рбетот – пливање, гимнастика, балет, како и витаминско-минерален додаток во исхраната со калциум и витамин Д.
Лекување
Најчесто, поради рана детекција на сколиотичните држења, кај децата на училишна возраст со неправилна постура (став, држење) се применуваат кинезитераписки процедури кои се придружна терапија и кај деформитети кои се со конзервативен третман на лекување. Преземањето на превентивни мерки за спречување на деформитетот на ’рбетот е од суштинско значење, особено во период на забрзан скелетен раст (адолесценција) со редовно следење од страна на ортопед и специјалист по физикална медицина и рехабилитација, со укажување корективни навики во секојдневните активности и изготвување поединечни вежби за зајакнување на ослабената мускулатура при мускулниот дисбаланс.
Кинезитерапевтските третмани покажуваат дека е можно постигнување на позитивен баланс на мускулатурата преку одредување индивидуални вежби за дишење и корекција на ставот во стоење, седење, создавање навики за истегнување на скратените мускули, вежби за јакнење на одделни групи мускули, со посебни програми за вежби во вода и пливање. Вежбите се одредуваат во зависност од возраста на пациентот, неговата кондициона подготвеност и, се разбира, од степенот на сколиоза.
Спортувањето – прва превентива.
Според досегашните искуства, спортувањето и практикувањето на вежби се со неспорна медицинска вредност. Спортувањето е метод на избор кон кој треба да насочуваат и родителите, од рана возраст кај децата, со цел да се превенираат состојби со искривување на рбетот. Особено што на училишна возраст постои висок процент на застапеност на сколиоза и сколиотични држења поради инактивитетни навики, долготрајно седење во училишната клупа и зголемена употреба на домашниот компјутер, што го пасивизира детето во седечка положба со консеквентен дисбаланс на мускулатурата од грбот.
Долгото седење во училишните клупи, долготрајната употреба на компјутер и други инактивитетни навики кои го пасивизираат детето, ги прават децата од училишна возраст особено изложени на деформитети на ’рбетот.
д-р Горан Видоевски, ортопед, ПЗУ ОРТОМЕДИКА