СЛОБОДА НА ДВЕ ТРКАЛА

СЛОБОДА НА ДВЕ ТРКАЛА
Возењето велосипед во зима скоро по ништо не се разликува од возењето во пролет или лето. Можеби e потребна малку поголема внимателност, но возењето по снег може да биде само дополнително адреналинско уживање.
Митот е разоткриен
Првото заладување до пред неколку години за многумина значеше задолжително „пакување” на велосипедот до следната пролет. Експанзијата на возењето велосипед во изминатите неколку години полека но сигурно го руши овој мит, па секој ден станува добар ден за возење велосипед. Во светот постојат бројни примери каде велосипедот, особено како транспортно средство, се користи во текот на целата година. Во ова предничат западноевропските и скандинавските земји.

Возењето велосипед покрај многубројните здравствени бенефити прераснува во своевидна култура на однесување кон себе и кон општеството во целина. Секако дека постојат и фактори кои директно влијаат на дополнителна промоција и мотивација за користење на велосипедот како превозно и како рекреативно средство. Некои од нив се нужно зло, како што е потребата од добро организирани и обележани патеки за возење, но добар дел се „пуст” изговор велосипедот и оваа зима да остане зaтскриен некаде во визбата.

Дали е безбедно?
Возењето велосипед во зима скоро по ништо не се разликува од возењето во пролет или лето. Исто е и како вашата зимска прошетка. Скептиците, сепак, ќе кажат дека е премногу ладно за возење велосипед, а добар дел од нив ќе ја искористат зимската убавина, па на -10˚ C или -15˚ C ќе се „топлат” со скијање.
Можеби е потребно малку поголемо искуство доколку улиците се прекриени со снег или тенок слој на мраз, но, сепак, со поголема внимателност снегот или мразот може да бидат само дополнително адреналинско уживање.
Што е потребно?
Возењето велосипед во зимски услови не бара посебни измени или подготовки на вашиот велосипед. Секако, редовните сервиси и одржување на велосипедот во технички исправна состојба се задолжителни. Доколку се вози по снежна површина може да е потребно да возите со пошроки гуми и да го намалите притисокот во гумите.
Бидејќи возењето претставува и физичка активност, не е пожелно да бидете и премногу облечени. Од една страна ќе ви биде отежнато движењето, а од друга страна можете и многу бргу да се испотите. Дoбро е на почетокот и да ви биде малку ладно, а полека со возењето ќе се затоплите и ќе се чувствувате пријатно. Соодветната облека вклучува задолжително носење капа и заштитна кацига, ракавици и маска за лицето. Доколку температурите се под нулата, доколку е ветровито или снежно, се препорачува и дополнителна заштита на очите со соодветни очила. Препорака е да се избегнува памучна облека.
Храна и вода
Како и при секоја физичка активност, така и при возењето велосипед лесно може да дехидрирате, иако надвор е ладно. Затоа почесто пијте вода. Исто така, внимавајте и на исхраната. Таа треба да е лесна и здрава за да ви ја обезбеди доволната количина енергија што ви е потребна при возењето.
Директни учесници или соучесници
Сведоци сме на сè поголемата загаденост на околината и на нејзините рефлексии по нашето здравје и квалитетот на нашиот живот. Ова особено е истакнато во зимските месеци кога користењето на автомобилите е многу помасовно. Во ваков случај, одлуката да го користите велосипедот како алтернативно превозно средство може да ве направи директни учесници во промоцијата на вредности и активности повзрани со заштита на животната средина. Во спротивно, ќе останеме пасивни набљудувачи и директни соучесници на потемната страна.
Придобивките се многукратни
Придобивките од возењето велосипед се навистина бројни. Додека возите, вие едноставно вежбате, избегнувате сообраќајни гужви и не ја загадувате околината.
Покрај ова:
  • ја подобрувате физичката кондиција
  • слабеете
  • го намалувате ризикот од кардиоваскуларни заболувања
  • чувствувате слобода и мобилност во движењето
  • штедите пари
  • развивате дополнителна интуиција и чувство за ориентација
И секако, вашата награда е појак имунитет и поздраво тело. Освен тоа, возењето знае да го подобри расположението, а доброто расположение гарантира и успешен ден.
И можеби најважното – доколку сте родители ќе бидете добар пример за вашите деца и таен код за градење на нивната свесност, а подоцна и за нивниот интерес и однос кон спортувањето и грижата за околината и општеството.
Па, драги љубители на велосипедизмот, не ви преостанува ништо друго освен да се придвижите по зимската идила со едноставно вртење на педалите од вашиот велосипед.