КОГА ШТИТНАТА ЖЛЕЗДА НЕ ФУНКЦИОНИРА КАКО ШТО ТРЕБА?

КОГА ШТИТНАТА ЖЛЕЗДА НЕ ФУНКЦИОНИРА КАКО ШТО ТРЕБА?

Тироидната жлезда, или попозната како штитна жлезда, со својот изглед потсетува на штит или пеперутка и е една од најголемите ендокрини жлезди во човековото тело. Лоцирана е во долниот дел од предната страна на вратот, под гркланот од двете страни на дишникот.

Елементарна функција на штитната жлезда е формирање и лачење на тироидните хормони –троксин, тријодтиронин и калцитонин. Нивната улога е една од најважните, т.е. ѝ помаагат на секоја клетка, во секое ткиво и орган, да функционира нормално. Тироидните хормони му помагаат на телото да ја користи енергијата, да остане затоплено, како и да им овозможат на мозокот, срцето, мускулите и на другите органи да функционираат нормално.
Тироидните хормони имаат и други важни функции. Му помагаат на црниот дроб да го отстрани од крвта таканаречениот лош холестерол. Исто така,
учествуваат и во процесот на варење на храната и во перисталтиката на цревата.
Хормоните влијаат и на изгледот и здравјето на кожата и на косата, со што од голема важност е овој орган да биде целосно функционален и редовно да се контролира неговата работа.
Секое нарушување на работата на штитната жлезда може да резултира со појава на многубројни здравствени проблеми.

Од што зависи здравјето на штитната жлезда?
Функцијата на тироидеата може да биде нарушена поради исхрана сиромашна со јод, физичко преоптоварување, стрес, генетски фактори, инфекции, болест или како резултат на несакано дејство на некој лек препишан за друга болест.

Заболената штитна жлезда, обично, лачи или премногу или премалку хормони. Претераната активност на оваа жлезда се вика хипертирeоидизам, а недоволната активност – хипотирeоидизам.

Симптоми на неправилна работа на штитната жлезда

 

Mногу често некои од овие симптоми се прикриени или недоволно изразени, па знаат да бидат и занемарени. Изразеност, пак, на некои од симптомите може да биде сигурен знак за проблеми со функционирањето на штитната жлезда. Затоа, при појава на симптоми како брзо и ненадејно губење на телесната тежина (и до 15 килограми месечно), срцебиење, потење, треперење на рацете – треба да бидат аларм за контрола и проверка на здравјето на тироидеата.

ХРАНАТА И ЗДРАВЈЕТО НА ШТИТНАТА ЖЛЕЗДА

Во услови кога штитната жлезда функционира нормално, имаме целосна слобода во изборот на намирници во нашата исхрана. Меѓутоа, кога се дијагностицирани неправилности во нејзината работа, како што е намалена или зголемена функција, неопходно е да се почитуваат правилата за соодветна исхрана.

 

Јодот е есенцијален елемент вклучен во процесот на синтеза на хормони на штитната жлезда.
Тироксинот за да премине во активна форма неопходно е присуството на овој елемент. Во намирници богати со јод се вбројуваат: хималајска сол, морска риба, морски алги, јајца, млечни производи, ротквици…

Селенот игра важна улога во нормално функционирање на штитната жлезда. Негов недостаток може да ја намали нејзината функција. Го има во бразилскиот орев, морските плодови, житарките, лукот, кромидот, семките од сончоглед, ротквиците, печурките…

Цинкот, железото и бакарот се, исто така, важни за здравјето на штитната жлезда. Заради ова, намирниците како риба, мешункаст зеленчук, телешки џигер, семки од тиква, ленено семе и интегрални житарки треба да бидат дел од вашето мени.
Недостатокот од железо особено може да биде проблематично во комбинација со недостаток на јод.

Јод, селен, железо, бакар и цинк, во комбинација со витамини кои делуваат како антиоксиданси, го чуваат здравјето на најважната жлезда со внатрешно лачење.

 

ПРАВИЛНАТА ИСХРАНА МОЖЕ ДА ГИ СПРЕЧИ ЗАБОЛУВАЊАТА НА ШТИТНАТА ЖЛЕЗДА

ХРАНАТА ШТО ЈА САКА ВАШАТА ШТИТНА ЖЛЕЗДА

ПРИ ХИПОТИРEОИДИЗАМ
Важно е да се консумира храна богата со антиоксиданси, јод, селен. Редовно консумирајте свеж зеленчук, цреши, боровинки, тиквици, риба (туна, бакалар, харинга, лосос), морски
алги, јајца, интегрален ориз,лешник, бразилски и индиски орев, млеко и млечни производи.

Што не е дозволено:
Одредени производи може да го намалат дејството на лековите коишто се препишани за терапија на хипотирeоидизам. Бидете внимателни при употреба на храна особено богата со растителни влакна, ореви и соја. Бидете внимателни и со употреба на свежи намирници како кељ, прокељ, карфиол и зелка. Тие може да влијаат на лачењето на хормоните на штитната жлезда особено кај лица со недостаток на јод во организмот.

ПРИ ХИПЕРТИРЕОИДИЗАМ
Кај пациентите со хипертиреоидизам во состојба на забрзан метаболизам доаѓа до промена на мускулната и коскената маса и затоа се препорачува зголемено внесување протеини, аминокиселини и калциум. Храна што позитивно делува кај овие лица се: интегрални житарки, зелка, прокељ, карфиол, ротквици, спанаќ, грав, куркума.
Просото и наведениот зелено-листен зеленчук содржат супстанции што го попречуваат преземањето на јодот и на тој начин влијаат на намалување на продукцијата на хормони на штитната жлезда.

Што не е дозволено:
Контролата на прекумерното внесување јод е најважна. Намалете го внесувањето сол, а потполно отстранете ги од употреба сите индустриски преработки што се скриен извор на големи количества сол. Месните преработки, солените грицки, конзервираната храна, индустриските намази и сосови не се препорачуваат. Секако, избегнувајте брза храна, млеко, млечни производи  и жолчка од јајца.

СОВЕТИ

  •  Болеста на тироидната жлезда може да се развие постепено и незабележливо, што значи дека некој може да ја има со години, без да биде свесен за тоа.
  •  Најчестите болести на тироидната жлезда, обично, не даваат никакви симптоми.
  •  Правилната исхрана може да ги спречи заболувањата на штитната жлезда. Размисли дали храната што ја јадеш е чувар на твоето здравје.
  •  Кај болните од хипертиреоидизам не се препорачува одмор на море, изложеност на високи температури и активно спортување. За сметка на тоа, препорачан е одмор на планина, свеж воздух и лесни прошетки.
  •  Избегнувајте стресни ситуации!