Тениски лакт

Тениски лакт

Тенискиот лакт е повреда на тетивите, која најчесто настанува поради прекумерна употреба на подлактицата и предизвикува болка во лактот. Во просек, тенискиот лакт се јавува кај еден до тројца од 100 луѓе на возраст помеѓу 35 и 54 години.

Иако е болен и непријатен, постојат различни можности за третман и намалување на ризикот од негово појавување.

Што е тениски лакт?

Познат и како латерален епикондилит, е вид на тендинопатија, што значи дека ги зафаќа тетивите. Станува збор за повреда на тетивата што ги поврзува мускулите на подлактицата со лактот, при што се јавуваат болка и воспаление на надворешната страна од лактот.

Тенискиот лакт е еден од најчестите извори на болка во лактот и обично настанува поради повторувачко оптоварување.
И покрај името, тенисот не е најчеста причина за тениски лакт. Напротив, експертите проценуваат дека девет од десет лица ја развиваат оваа состојба поради други причини.

Симптоми

Главниот симптом е болка на надворешната страна од лактот. Таа може да варира од блага непријатност при движење на раката до постојана болка што влијае на спиењето и секојдневните активности.

Некои луѓе чувствуваат специфичен тип болка, често опишана како остра болка или чувство на печење што се шири од лактот кон подлактицата и зглобот. Ова се должи на ситни оштетувања (микрораскинувања) во тетивата, поради што таа отекува, се задебелува и станува чувствителна на допир.

Стисокот може да биде ослабен, дури и кога не се користи голема сила.

Тенискиот лакт може да ги зафати двете раце, но најчесто се развива на доминантната рака што почесто се користи.
Симптомите обично се развиваат постепено и траат од шест месеци до две години. Понекогаш состојбата може да се повтори.

Што може да предизвика тениски лакт?

Тенискиот лакт се развива кога тетивите и мускулите во подлактицата се оштетуваат. Ова најчесто се случува кога постојано се повторува исто движење. Ризикот за појава на тениски лакт е поголем кај лица кои изведуваат повторувачки движења повеќе од два часа дневно.

Спортови со рекет

Тенис, сквош, бадминтон и други спортови со рекет се чести причини за тениски лакт, особено ако техниката не е правилна или опремата не е соодветна за играчот.
Исто така, и други спортови и активности што бараат силен стисок, како кревање тегови, можат да ги оптоварат тетивите ако не се изведуваат правилно.

Активности низ дома

Работи како градинарство, молерисување, водоводни работи, како и користење алати (чекан, шрафцигер), често вклучуваат повторувачки движења на зглобот и подлактицата што можат да доведат до напрегање на тетивите.

Одредени професии

Работни места што вклучуваат многу пишување на тастатура, внесување податоци или подигање и држење предмети (во фабрики), можат да придонесат за развој на тениски лакт.

Свирење музички инструменти

Свирењето на одредени инструменти, како виолина или виолончело, бара повторувачки движења на зглобот и подлактицата, што го зголемува ризикот од оштетување на тетивите.

Фактори што го зголемуваат ризикот

Покрај повторливата употреба на тетивите и мускулите, истражувањата покажуваат и други фактори што можат да го зголемат ризикот:

  • Возраст – тенискиот лакат е почест кај лица од 35 до 54 години. Со тек на време, тетивите и мускулите ја губат еластичноста, што ги прави поподложни на мали оштетувања.
  • Прекумерна телесна тежина – вишокот килограми создава дополнителен притисок врз зглобовите и мускулите и може да доведе до зголемено воспаление, вклучително и околу лактот.
  • Пушење – пушењето негативно влијае на здравјето на тетивите и циркулацијата на крвта, што го зголемува ризикот и го забавува заздравувањето.
  • Дијабетес – луѓето со дијабетес, особено ако шеќерот во крвта не е добро контролиран, имаат поголем ризик. Причината е акумулација на штетни материи во тетивите, што ги ослабува.
  • Исхрана богата со масти – постојат докази дека исхрана богата со заситени масти може негативно да влијае на тетивите и да ги направи поподложни на повреди.
Како се лекува тениски лакт?

Тенискиот лакт се смета за состојба што се повлекува сама од себе. Статистиките покажуваат дека кај 90 % од луѓето, состојбата се подобрува без посебен третман.
Ако не можете да прекинете со некоја активност, корисно е да направите прилагодувања. На пример, при работа на компјутер, користете потесна тастатура и наместете ја столицата така што лактот ќе биде свиткан под агол од 90 степени.

Вежбите како свиткување и исправување на лактот или движења на дланката нагоре и надолу, може на почеток малку да ги влошат симптомите, но со време го подобруваат движењето.

Ладната терапија (на пример, ставање мраз) може привремено да ја намали болката. Се препорачува ставање ладна облога до 15 минути, на секои три часа, до четири пати дневно.
Носење помагала како лента или ортоза за тениски лакт може да помогне во заштита на лактот и намалување на болката при активности.
Физиотерапија и стероидна инјекција се применуваат ако мерките погоре не делуваат.