ТИКВА – есенска кралица

ТИКВА – есенска кралица

Поради изобилството на многу хранливи и лековити состојки, тиквата со право се нарекува и есенска кралица. Се препорачува нејзиниот плод да се користи секојдневно во исхраната во текот на есента, па и преку целата зима.

Тиквата (Cucurbita pepo) е едногодишно зелјесто растение познато во културите на сите земји со потопли климатски услови. Потекнува од Централна Америка, а во Европа е донесена во XVI век. Во исхраната се користат плодот, семките и маслото.

Изобилство од хранливи компоненти

Тиквата е драгоцено депо на низа лековити компоненти. Покрај мали количини на белковини, јаглехидрати и масти, содржи богатство од витамини (А, Ц, Е и витамини од групата Б) и минерали (калиум, калциум, фосфор, железо, бакар, манган и цинк). Составот е надополнет со олигоелементи и микроелементи, пектин, целулоза и други билни влакна.
Со редовно присуство на тиквата во нашето мени му овозможуваме на организмот заштита од штетното дејство на слободните радикали, што пак директно влијае на забавување на процесот на стареење на организмот.

Лековити својства

Тиквата е идеален диуретик. Се препорачува на лица со ревматски тегоби, воспаленија на уринарни патишта, жолчка и бубрези. Познати се и ефектите во намалување на нивото на холестерол во крвта.
Покрај ова, штити од кардиоваскуларни заболувања, дегенерација на клетките во очите и го намалува  процесот на појава на катаракта.
Присуството на пектини и целулоза ја прави тиквата одличен избор за лица кои имаат проблеми поврзани со чувствителен желудник.
Секако, тиквата е задолжителна и во менито на дијабетичарите, бидејќи поволно влијае и во намалувањето на шеќерот во крвта.


Идеална за вита линија

Тиквата е нискокалорична намирница и во 100г од овој производ содржани се само 26 калории со отсуство на незаситени масти и холестерол.
Токму поради ова, тиквата претставува идеален избор на храна за сите оние што сакаат вита линија, без притоа да бидат ускратени од внес на есенцијални минерали и витамини.

Семки – скриеното богатство на тиквата

Добро испечена и слатка тиква во есенскиот период од годината е одличен десерт или ужина, но семките од овој есенски дар се вистинско скриено богатство.

 

  • Природен лек за простата

Заради богатството со омега-3 масни киселини и фитохемикалии, семките од тиква докажано помагаат во лекување на зголемена  простата (хиперплазија) и со редовна употреба превентивно делуваат во спречувањeна нејзина појава.

 

  • Оптимално количество магнезиум

Една рака семки од тиква содржи 92% од дневните потреби на магнезиум, минерал важен за релаксирање на нервите и мускулите, за зацврстување на коските и за подобрување на циркулацијата.

  • Богати се со цинк

Високата вредност на цинк која овие семки ја содржат дава безброј придобивки. Го подобрува имуниот систем и зараснувањето на раните, превенира остеопороза кај возрасните, а кај децата помага во правилно развивање на сетилата за вкус и мирис.

  • Штитат од срцеви заболувања

Семките од тиква изобилуваат со фитостероли кои помагаат во балансирањето на крвниот холестерол и превенираат коронарни заболувања.

  • Го подобруваат расположението!

Иако есента и зимата знаат да бидат многу депресивни, семките од тиква се богати со аминокиселината L-триптофан, одговорна за зголемување на нивото на серотонинот во мозокот кој делува антидепресивно и го подобрува нашето расположение!
Повеќе семки за повеќе насмевки.

 

Важно:
За целосни придобивки најдобро е да се консумираат сурови семки. Можат да се употребат самостојно во мелена форма или помешани со јогурт или кисело млеко во комбинација на семки од лен, сусам и сончоглед.

 

Подготовка на мешавина од семки

Подгответе хомогена смеса од еднаква количина на свежо мелени семки од тиква, лен, сончоглед и сусам (на пример по 100 г). По 2 лажици од оваа смеса секоја вечер додадете во шолја кисело млеко или јогурт. Смесата оставете ја да отстои преку ноќта и консумирајте ја рано изутрина. Остатокот од мешавината чувајте го во стаклена тегла во фрижидер.

 

Совет:
При лупењето на семките да се внимава да не се излупи и сребрено-зелената обвивка, бидејќи во неа се наоѓаат најважните лековити компоненти.

Масло од семки

Се добива со екстракција од семките од тиква. Изобилува со многу корисни компоненти како омега-3 и омега-6 масни киселини, аминокиселини, цинк, како и пристојни количини витамин А, Ц и Е.
Маслото се има докажано како добра храна за превенција и лекување на одредени заболувања. Делува позитивно на репродуктивните органи, ја подобрува мозочната функција и помнењето, го подобрува расположението и има докажани ефекти во подобрување на видот.
Содржано е во голем број козметички линии и креми за подмладување и одржување на здрав и убав изглед на кожата.

 

Чорба од тиква

Потребни состојки:

  • 1 главица кромид
  • 250г тиква
  • 1 поголем компир
  • 700мл вода
  • 1 лист лорбер
  •  ½ лажиче куркума и лимонов сок, по желба
  •  сол, бибер, магдонос

На малку зејтин се пропржува кромидот. Тиквата и компирот се рендаат и се додаваат во пропржениот кромид, заедно со водата, и се вари 10 минути. Се трга од оган и се блендира со рачен блендер. По добивање на хомогена смеса, се додаваат зачините и сечканиот магдонос и се враќа на оган уште 1 минута.

Задолжително пробајте го овој вкусен и хранлив оброк!

Печена тиква – десерт за целото семејство
Тиквата исечете ја на парчиња и наредете ја во плех обложен со хартија за печење. Во претходно загреана рерна на 170˚ тиквата се пече непокриена 45-60 минути.

Совет:
Со цел да се користат придобивките на тиквата во текот на целата година, тиквата може да се чува во замрзнувач во период до 10 месеци.