ТОТАЛНИ ПРОТЕЗИ

ТОТАЛНИ ПРОТЕЗИ

Тотални протези се отстранливи протетички помагала коишто ги надоместуваат изгубените заби и меките ткива во устата. Пациентите кои ги изгубиле своите заби поради кариес, парадонтопатија, повреда или каква било друга причина и останале без заби, се рехабилитираат со тотални протези.

Од што зависи стабилноста на протезите?

Изработката на тотални протези се одвива во неколку фази. Секоја од овие фази е еднакво важна и придонесува кон изработка на квалитетен протетички надоместок. Секако, потребна е и голема стручност на стоматологот и забниот техничар за протезата да ги задоволува критериумите од коишто многу зависи нејзината стабилност. Покрај стручноста на тимот, стабилноста на протезите зависи и од анатомските услови во устата на беззабиот пациент, како, на пример, од висината и опсежноста на алвеоларните гребени, висината и обликот на тврдото непце, количеството и густината на плунката, дебелината на прицврстената слузница на жлебините итн.

Колку долго трае периодот на адаптација на нови тотални протези?

Периодот на адаптација е индивидуален. Кај некои пациенти може да биде една недела, додека кај друг – неколку месеци. Важно е во овој период да се направат неколку контроли кај стоматолог при коишто ќе бидат коригирани сите тешкотии што ги наведува пациентот. Во првите неколку дена, главен проблем се декубитусите или раничките коишто настануваат на слузницата под протезата. Протезата се растоварува точно на местата коишто изведувалепоголем притисок и тој проблем брзо се надминува. Она што следи е пациентите да се научат да ја користат протезата. Треба да научат правилно да ги изговаараат буквите (најпроблематични се буквите С и Ф) и тоа се постигнува со тренинг, односно, со читање на глас и со зборување пред огледало. Олеснување во стабилизација на протезите е кога пациентите ќе ја голтнат плунката пред да почнат да зборуваат. Потоа, потребно е да се научат да џвакаат. На почетокот хранењето е во мали залаци и без гризење со влечење. Најтешко јадење е лебот. Тој е леплив и ги одлепува протезите. Кога пациентите ќе ја усовршат техниката на хранење и стабилизација на протезите со јазикот и целокупната орофацијална мускулатура, ќе можат повеќе да се опуштат и да пробаат да јадат како што јаделе претходно со сопствените заби.
Во овој адаптационен период, многу можат да помогнат и адхезивите за протези. Тоа се специјални лепила коишто помагаат во стабилизација на протезата. Доколку протезата не е соодветна,  со текот на времето создава неповратни промени на жлебините. Во тој случај, лепилото само го прикрива проблемот и ја одложува санацијата на лошата протеза, а со тоа се влошуваат анатомските услови во устата на пациентот.

Како се одржува хигиена кај пациентите со тотални протези?

Хигиената кај пациентите со тотални протези е еднакво важна како и хигиената кај оние со свои заби во устата. Протезите е потребно да се мијат најмалку двапати во денот. Првото миење е под млаз вода со што се отстрануваат остатоците од храна, потоа следи темелно миење на протезите со четка и неабразивно средство за миење (детергент за садови). Пастите за заби често се абразивни и со нив може да се оштети површината на протезата. Постојат и дезинфекциони средства во коишто се остава протезата да отстои. Доколку пациентите не ја носат протезата преку ноќ, потребно е да ја чуваат на сигурно место во вода, што го спречува исушувањето на протезата. Покрај хигиена на протетичкиот надоместок, важно е пациентите да одржуваат хигиена и во усната шуплина. Со мека четка потребно е да се измијат жлебините, непцето и јазикот. Повремено е добро да се направи дезинфекција на устата со усна вода којашто содржи хлорхексидин.

Колку често треба да посетуваат стоматолог пациентите кои носат тотални протези?

Минимум еднаш во годината е потребно да се посети стоматолог и да се направи контрола на протетичкиот надоместок. Со стареењето се создаваат промени и во усната шуплина. Протезата треба, секако, да ги следи овие промени, односно, со тек на време протезата станува сèпомалку соодветна. Доколку пациентот носи несоодветна протеза,  се забрзува ресорпцијата на коската од вилицата, што води до постојано влошување на анатомските услови во устата и во сèпонестабилни протези. Користењето лепило во овие случаи е лошо, бидејќи ја стабилизира несоодветната протеза и пациентот со тоа ја одложува посетата на стоматолог. Сèшто е потребно да направите е редовно да одите на контролни прегледи и кога ќе биде потребно да биде направена ребазација на протезите. На таков начин, секогаш ќе имате добри протези, нема да имате потреба од лепило и промените во усната шуплина ќе бидат минимални.

 

Ана Кртолица-Геориев,
др дент. мед