Улогата на фармацевтите во намалување на ризикот за дијабетес
Фармацевтите се најдостапните здравствени работници, тие имаат контакт и со здрави лица кои ретко посетуваат лекар и може да влијаат врз подигање на свеста за рано откривање на дијабетесот и за спречување на компликациите од него.
Фармацевтите треба да ги набљудуваат ефектите од лекот и да делуваат во решавање на проблемите поврзани со употребата на лековите.
Пациентите со дијабетес мора да бидат предупредени за компликациите кои може да настанат како последица на високото ниво на шеќер во крвта и треба да се упатуваат на редовна контрола на нивната здравствена состојба. Препорачливо е покривање на сите аспекти како што се:
што претставува дијабетесот, како да се контролира здравствената состојба, до кои компликации доведува дијабетесот, како може да се превенира и како дијабетесот може да има влијание врз квалитетот на животот.
Фармацевтите се тие кои треба да дадат детални информации кои им се потребни на пациентите за правилно користење на лековите, како што се индикации, контраиндикации, дозирање, начин на употреба и мерки на претпазливост кои треба да се преземат при користењето на лековите.
Обучувањето на болниот од дијабетес е основен момент при ефективна терапија на двата основни типа дијабетес. Болните треба да се научат како правилно треба да ги употребуваат препишаните лекови, како да го мерат нивото на шеќер во крвта во домашни услови, како да ги избегнат состојбите на хипо и хипергликемија, како да ги избегнат компликациите и на кој начин да се гарантира нормален и квалитетен живот.
Светска здравствена организација (СЗО) за дијабетес
СЗО има цел да се поттикне и да се поддржи усвојувањето на ефикасни мерки за надзор, превенција и контрола на дијабетесот, како и за компликации од дијабетесот, преку пристап до примарната здравствена заштита, особено во земјите со низок и со среден приход.
За таа цел:
- Обезбедува научни упатства за спречување на дијабетесот;
- Развива норми и стандарди за дијагноза и нега на дијабетесот;
- Ја гради свеста за глобалната епидемија на дијабетесот; обележување на Светскиот ден на дијабетес – 14-ти ноември;
- Врши надзор на дијабетесот и на неговите ризик-фактори.
Глобалната стратегија на СЗО за исхрана, физичка активност и за здравје е насочена кон граѓаните и има цел да изврши широка промоција на здравата исхрана и редовната физичка активност, а со тоа и намалување на растечкиот глобален проблем со прекумерната тежина и дебелината, како главни ризик-фактори за појава на дијабетесот тип 2 и можните компликации.
Проф. д-р Бистра Ангеловска