Неконтролираното мокрење го органичува животот во секоја смисла, затоа не срамете се да побарате помош
Природниот процес на стареење влијае на цврстината на мускулите, па на човекот му станува сѐ потешко да ги одржи мускулите што ги има и да формира нови. Но, слабеењето на мускулатурата не подразбира само збогување со стомачните мускули или трицепсите што некогаш сте ги имале, малкумина се свесни дека оваа промена се однесува и на мускулите кои се сместени длабоко во внатрешноста на телото, како оние на карлицата.
После 50-тата година од животот, особено кај жените, мускулите на карлицата почнуваат да слабеат под влијание на хормонските промени и истрошените сврзни ткива кои стануваат сѐ поизнемоштени. Бидејќи се тенки по природа, овие мускули ја губат силата и тоа создава проблем во секојдневното нормално живеење. Состојбата особено се комплицира штом ослабнат мускулите што го поддржуваат мочниот меур.
Ако постојано се воздржувате од одење во тоалет и згора на тоа не вежбате, голема е веројатноста на старост да се соочите со инконтиненција, состојба која се карактеризира со повремено, неконтролирано мокрење или со потреба од мокрење која е доста ненадејна и силна.
Замислете да не можете да додржите ниту минута за да појдете во тоалет?! Токму ова е секојдневие со кое се соочува околу 25-30 % од светската повозрасна популација.
Симптоми на уринарна инконтиненција
Зачестеното неконтролирано мокрење преку ден, но во некои потешки случаи и во текот на ноќта, е главниот симптом својствен за оваа состојба.
Некои луѓе само повремено се соочуваат со неконтролирано испуштање урина, главно во мали количества. Други пак, неволно испуштаат поголеми количества и тоа почесто.
Типови уринарна инконтиненција
Инконтиненција поради стрес или притисок – доаѓа до мокрење поради тоа што мочниот меур трпи некаков притисок. Ова најчесто се случува при кивање, закашлување, смеење, вежбање или подигнување некој потежок предмет.
Нагонска инконтиненција – се карактеризира со ненадејно, силно чувство и потреба од мокрење. Доаѓа до честа потреба од мокрење, дури и во текот на ноќта. Ваквата состојба може да се јави и поради некаков тип инфекција, но и поради посериозни состојби како дијабетес или некакво невролошко нарушување.
Инконтиненција со прелевање – зачестено или константно мокрење во мали количини, поради нецелосно празнење на мочниот меур.
Функционална инконтиненција – физичко или ментално оштетување, или состојба која ги спречува луѓето навремено да појдат по мала нужда.
Мешана инконтиненција – ова е состојба кога луѓето може да искусуваат повеќе од еден тип инконтиненција на пример, инконтиненција поради притисок и нагонска инконтиненција.
Без разлика на типот на инконтиненцијата, во суштина состојбата може да се карактеризира како привремена или повторувачка.
Привремената инконтиненција може да се јави поради некаков вид инфекција на уринарниот тракт или поради констипација.
Повторувачката инконтиненција може да се јави поради повеќе причини како:
Бременост – хормоните или тежината од плодот може да ја предизвикаат оваа состојба.
Стареење – способноста на мускулите на мочниот меур да ја задржуваат урината се намалува со возраста.
Менопауза – по менопаузата кај жените доаѓа до намалено создавање на хормонот естроген. Овој хормон се смета дека има улога во одржувањето на здрава обвивка на мочниот меур.
Зголемена простата – кај повозрасните мажи, инконтиненцијата често се јавува поради зголемување на простатната жлезда.
Кои ризик-фактори водат до уринарна инконтиненција?
Возраста – со стареењето мускулите на мочниот меур слабеат, па тој ја намалува способноста да ја задржува урината.
Полот – жените се посклони на состојбата. Бременоста, породувањето, менопаузата се дел од факторите кои ја прават инконтиненцијата почеста кај жените. Но, мажите кои имаат проблеми со простата исто така имаат поголем ризик од појава на уринарна инконтиненција.
Прекумерната тежина – вишокот килограми го зголемуваат притисокот врз мочниот меур и околните мускули, па тие слабеат и дозволуваат урината да помине неконтролирано.
Пушењето – цигарите можат да го зголемат ризикот од појава на уринарна инконтиненција.
Генетиката – доколку постојат членови од семејството кои ја имаат оваа состојба, имате поголеми шансите и вие да се соочите со истото.
Други заболувања – како невролошки состојби или дијабетес.
Кога да побарате лекарска помош?
Штом забележите симптоми, веднаш обратете се на лекар! Ако сакате да бидете сигурни, едноставно почнете да водите дневник за тоа колку често мокрите и колку течности внесувате. Проблемите со мокрењето го намалуваат квалитетот на животот, но може да предизвикаат и други здравствени состојби. Можеби не ви е пријатно да бидете отворени за проблемот, но со молчење не добивате ништо!
Како се лекува уринарната инконтиненција?
Изборот на начинот на лекување најмногу зависи од видот и степенот на уринарната инконтиненција. Кај стрес-инконтиненцијата најчесто се применуваат конзервативни методи, како примена на вежби за јакнење на мускулите на карличното дно (Кегелови вежби). Во случај на неуспех или доколку постои голем степен на инконтиненција, се применува хируршко лекување (вградување слингови или сфинктери).
Како вежбањето влијае на мочниот меур?
Сврзните ткива се соочуваат со многубројни промени поттикнати од природниот процес на стареење, но и седентарниот начин на живот игра голема улога. Имено, ткивата во голем степен се истегнуваат под дејство на притисокот што им го прави телото (тежината) кое постојано е во седечка положба – тоа ја зголемува потребата за често празнење на мочниот меур. Неактивниот животен стил е причина и за честа појава на констипација, која пак води до полн стомак, спречувајќи го мочниот меур целосно да се прошири.
Кои вежби може да ја ублажат инконтиненцијата?
Важно е да запаметите дека која било активност е подобра од никаква активност и дека не е потребен којзнае колкав напор за да ги активирате карличните мускули.
Некои вежби може да се прават и додека седите на стол и гледате телевизија или работите на биро, како што се марширање со стапалата, допирање на глуждовите од една страна па на друга страна, заокружување и исправување на грбот или едноставно седење на топка за вежбање. Сѐ што може да го активира јадрото и оние тенки карлични мускули може да помогне да се намалат проблемите со мочниот меур.
Други вежби што можат да се направат вклучуваат одење, јога или тренинг со отпор. Дајте им приоритет на вежбите за истегнување и зајакнување на колковите за да ги решите сите аспекти на проблемот.
Без разлика какви вежби ќе одлучите да правите, исклучително е важно да го слушате вашето тело и да го практикувате она што можете да го поднесете. Прекумерниот напор може да доведе до компликации, наместо подобрување.
Како да се справите со инконтиненцијата ако сѐ уште работите?
Дури и да работите од дома, постојаната потреба да одите во тоалет ќе ве дефокусира од работата.
Пијте повеќе вода кога сте без обврски
Со помал внес на течности ќе ги намалите посетите во тоалетот, но недоволното пиење вода може да поттикне други последици. Затоа, плански пијте вода, помалку додека работите, а повеќе кога сте слободни. Не оставајте се дехидрирани, но не претерувајте со количината.
Обрнете внимание што го дразни вашиот мочен меур
Идентификувајте ги сите надразнувачи на мочниот меур што може да ја зголемат фреквенцијата на мокрењето. Вообичаени надразнувачи на мочниот меур се кафето, газираните пијалаци, цитрусното овошје и чоколадата.
Почесто истегнувајте се
Ако сте врзани на биро, станувајте почесто за да го намалите притисокот врз мочниот меур. Правете обиколка на канцеларијата или практикувајте ги Кегеловите вежби додека седите. Правилото е дека не смеете да седите подолго од еден час!