ВАШЕТО ПРВАЧЕ ПРЕД НОВА ЖИВОТНА КРСТОСНИЦА

ВАШЕТО ПРВАЧЕ ПРЕД НОВА ЖИВОТНА КРСТОСНИЦА

Вашето мало човече наскоро ќе биде ученик, за првпат во неговиот и во вашиот живот. Ова е еден од најважните семејни животни настани. Животен период кој изобилува со радости, гордост, слатки маки, но и предизвици, како за вас така и за вашиот првоодделенец.

Сите предизвици на првиот училишен час
Започнувањето на образовниот процес е период во кој се менуваат многу работи во семејното функционирање. Тоа е период во кој се очекува кај детето да се променат некои негови навики, обврски и одговорности. Како детето ќе ги прифати тие промени, како ќе се адаптира и снаоѓа во училиштето, во голема мера зависи од неговиот дотогашен развој и воспитување, но и од спремноста и умешноста на родителите активно да се вклучат во овој процес и да помагаат.

Фактори за успешна адаптација и вклопување во образовниот процес
Физичката и психичката подготвеност на детето за поаѓање на училиште е сплет на сложени и испреплетени влијанија на наследството и средината. Но, како можете вие да му помогнете полесно да го прифати училиштето и што од вас се очекува? Каде е вашето место во првите денови од школувањето на вашето дете? Како да ги усогласите своите желби и постапки, за подобро да му помогнете? Како да му дадете поддршка и како да помогнете во процесот на градење сигурност и самопочит кај вашето дете?
Освен генетските предиспозиции, условите во кои детето живеело, како се развивало во предучилишниот период, што и на кој начин добивало од возрасните во своето семејство – влијае во каква личност ќе се развие и како ќе ги прифаќа промените со започнувањето на образовниот процес. Детето расте во семејството. Тоа за него е природно и најважно опкружување. Тоа е целиот свет за голем број деца. Единствена средина во која растат сè до поаѓањето во училиште. Какво и да е семејството, мало, големо, целосно или не, среќно или не, има најголемо влијание во формирањето на личноста на детето. Со поаѓањето на училиште, детето ќе го донесе сè она што го научило во семејството; односот кон другите деца, кон наставниците и кон себе. Иако идеални семејства нема и тешко е да се оформи средина во која децата ќе доживуваат само позитивни влијанија, важно е ваквиот пристап да доминира. Ако се водите од ставот дека јас и моите деца заедно живееме, растеме, создаваме, и заедно го креираме семејниот живот, вие воспоставувате активен заемен однос со вашето дете и помагате да се развива во зрела, одговорна и самостојна личност. Таквите личности многу полесно минуваат низ процесот на адаптација во училишната атмосфера.

Што е важно?
За детето е неопходно да почувствува дека е сакано од двајцата родители и дека имаат доволно време, нежност, разбирање и поддршка за него. Колку и да ви е слаба точка вашето дете, родителската љубов не смее да биде посесивна, да го гуши детето, ниту да значи бескрајна попустливост или недоследност во однесувањето. Вашите зборови и постапки треба да бидат усогласени, а вие одлучни, јасни и постојани во своите барања и како мајка-татко, и како родителски пар. Преголемата строгост предизвикува страв, отпор и лаги кај детето. Преголемата попустливост носи разгаленост, своеволност, пасивност. И двата екстрема создаваат потенцијал за тешкотии во училишната адаптација.

Љубовта е нужен, но не и единствен услов за успешен развој на детето. Потребни се родителска грижа, внимание, разбирање и почитување.
За децата е важно да јадат редовно, умерено и различни видови храна. Вие помагате да се изгради односот кон храната. Од вас зависи кој вид, која количина и на кој начин детето ќе се храни. Овозможете му добар сон од 10-12 часа. Создадете навика за определено време кога се оди на спиење, по цртан филм или слично, но бидете доследни и одлучни, сепак и доволно толерантни да отстапите понекогаш од договореното време за спиење.
Играњето носи радост, слобода, но и помага да се испробуваат, вежбаат и усовршуваат своите способности. Овозможете му на вашето дете што повеќе да игра. Со тоа ќе задоволите една од најважните потреби на детето, ќе поттикнете развој и ќе создадете предуслови за успешено учење и адаптирање. Низ игра детето полесно воспоставува контакт со другите деца, учи да ги почитува потребите на другите, да одложи некои свои потреби, да реагира кога ќе дојде ред на него во играта. Сето ова помага низ игра детето да развива солидарност, соработка, толеранција, трпение и самоконтрола.
Смејте се со вашето дете. Смеењето релаксира и смирува, а ведриот дух помага да се соочиме со тешкотите на полесен и креативен начин. Смејте се на неговите шеги, дозволувајте повремено да ве насамари, нежно шегувајте се на своја и на негова сметка. Насочувајте го кои шеги се прикладни за деца, кои не.
Сите активности практикувајте ги со многу ЉУБОВ, ВНИМАНИЕ, ТРПЕНИЕ, ДОСЛЕДНОСТ, ДОВЕРБА, ПОДДРШКА. ПОТТИКНУВАЈТЕ ГИ СИТЕ ОСОБИНИ КОИ САКАТЕ ДА ГИ ПОСЕДУВА ВАШИОТ ПРВООДДЕЛЕНЕЦ. Истото ќе ви помогне во адаптација на првите училишни денови.

Како да му помогнете на вашето дете да учи?
Учењето е сложен и долготраен процес кој се одвива низ целиот живот на детето, процес во кој детето стекнува нови знаења и искуства, процес со кој се поттикнува развој на сите негови потенцијали и на целокупната негова личност. Многу родители се загрижени дали детето пред поаѓање на училиште треба да знае да чита, пишува, да ги познава бројките.
Она што можете да го направите е да:

  • Зборувате со детето, едноставно, без предолги реченици и апстрактни поими.
  • Зборувате за работи кои се блиски до детето, кое се дел од неговото искуство.
  • Не брзaјте и не викајте додека разговарате, воедно не срамете се за работи кои не ги познавате доволно, а вашето дете е љубопитно заедно да ги побарате одговорите.
  • Прашувајте го детето повремено дали и што ве разбрало, имајте трпение да ги повторувате работите кои не се доволно разбрани.
  • Додека детето ви зборува, насочете го целосно вниманието кон него.
  • Покажете му дека ви е важно и интересно она што ви го раскажува.
  • Поттикнете го детето да го искажува своето мислење и своите чувства во текот на разговорите.

Бидете активен стимулатор
Помогнете му на вашето дете да научи подобро да ги користи своите сетила и да ја перцепира околината.
Додека патувате, натпреварувајте се кој прв ќе ја види најголемата зграда, кое дрво е највисоко, колку повеќе продавници ќе види, каква боја е трговскиот центар, болницата и сл.
Да воочува различни форми, големини и бои (покажете му го виножитото, редете ги боичките во боите на виножитото, нека се обиде да го нацрта, собирајте школки и камчиња и редете ги по големина и сл.).
Делумно да се ориентира во простор и време. Основните поими за време, во овој период детето ги стекнува низ активности кои само ги прави. Дали се облекло брзо или бавно, дали надвор било за долго или за кратко. Да се снајде подобро, научете го колку траат неговите активности (за да стигнеш до  игралиште треба 10 минути).
Да стекне одредени хигиенски, работни и културни навики. Не правете ги работите наместо него, или ако е бавно, дозволете само да ги прави, оставете го да вежба и пофалете ги неговите вештини.
Добро да го развие говорот и успешно да комуницира со луѓето. Разговарајте секогаш со своето дете, секаде каде што можете. Доколку греши, или неправилно изговара одредени букви или зборови, поправајте го ненаметливо, без притисок и потсмевање. Користете и учете го брзозборки. Проверувајте колку зборови знае и воведувајте постепено нови зборови и поими.
Да го вежба помнењето и меморијата. Проверувајте ги работите кои сте ги научиле. Давајте му задачи нешто да ве потсети.
Да ја развива својата љубопитност и фантазија. Покажете интерес и почит за неговата љубопитност и заедно со него разбранувајте ја својата фантазија.

На оваа возраст децата полесно го одржуваат вниманието и подобро паметат доколку задачите се интересни и привлечни за нив и им се од области кои им се блиски. Полесно паметат кога ќе видат, допрат и слушнат.

Причини поради кои децата најчесто одбиваат да одат на училиште или пројавуваат тешкотии:

  • Страв да се одвојат од родителите;
  • Недоволна психофизичка зрелост;
  • Неподготвеност за училиште;
  • Раѓање на брат или сестра;
  • Развод на родителскиот пар;
  • Постапка на наставник (викање, преместување на друго место, подалеку од најдоброто другарче);
  • Тешки задачи со кои не може да се снајде;
  • Несогласувања со другарите, соучениците.

Доколку се случи вашето дете да почне да се однесува на начин на кој не сте очекувале, кој ве изненадува, збунува, вознемирува и плаши (почнува да пелтечи, се појавиле тикови, често се разболува, енуреза (мокрење во сон), агресивно е или е премногу повлечено и сл), обидете се да разговарате со него, обидете се да разберете и да помогнете.
Доколу забележите дека детето има тешкотии, а не умеете да ја откриете причината или доколку не знаете како да ги надминете тешкотиите кои сте ги воочиле (дури иако ја знаете причината), побарајте стручна помош.

Започнувањето на вашето дете со училиштето е уште еден предизвик во вашиот живот и вашето семејство кој доколку дозволите ќе ви помогне да се развивате во родител кој ќе сака, почитува, разбира, поддржува, поттикнува, ќе верува во своето дете, ќе биде доследен, трпелив родител, подобар брачен партнер, професионалец, пријател, подобар и помудар човек. А на вашето дете ќе му помогне да се развива во сè посамостоен, успешен, млад човек.

Совет
Запознајте го детето со она што го очекува. Прикажете го училиштето како место во кое детето ќе стекне нови пријатели, место каде ќе научи да чита, црта пишува… Избегнувајте реченици од типот: „Кога ќе тргнеш во училиште, готово е со играњето“, за да не создадете погрешна перцепција за училиштето и неговата поврзаност со останатите активности.
Одете заедно до училиштето, така ќе ја зголемите неговата самодоверба.