ВАШИТЕ 5 МИНУТИ – за некого цел живот

ВАШИТЕ 5 МИНУТИ – за некого цел живот

Доброволното дарување крв претставува одраз на високи етички, хумани и морални вредности. Да се дарува крв и да се спаси нечиј живот, водено од алтруистички побуди, е благородно дело.

Крводарителството во Република Македонија

Во нашата земја, крводарителството се темели на принципите на доброволност, анонимност, бесплатност и солидарност. Само ваквите принципи обезбедуваат посигурни крв и крвни продукти. Со самото дарување крв, крводарителот изразува највисок степен на солидарност со сите оние на кои таа им е потребна, без оглед на возраст, пол, раса, боја, национална и верска припадност. Активностите на полето крводарителство се координирани со Институтот за трансфузиона медицина на РМ.

Улогата на Црвениот крст на град Скопје

Црвен крст на град Скопје, со координативна улога меѓу петте општински организации на Црвен крст во Скопје, постојано е активен во промовирањето и унапредувањето на крводарителството на територијата на нашиот град. Таа промоција ја реализираме преку двете редовни крводарителски акции (по повод 26 Јули и 13 Ноември), крводарителската акција во соработка со Фан-клуб форумот на Тоше Проески и крводарителската акција во соработка со Американската амбасада во РМ, во знак на сеќавање на жртвите од 11 Септември, потоа гостувања во медиуми, редовни средби и состаноци со Комисијата за крводарителство во организацијата, Клубот на крводарители, Клуб 25 – клуб на млади крводарителимотивирачи, печатење на промотивни материјали и информативни флаери, мотивирање на младата популација.

Дневен центар за дарување крв – ДХО Даре Џамбаз Нова локација за вашата хуманост

Чекор понапред во процесот на унапредување на крводарителството на територија на град Скопје претставува и работењето на Центарот за дарување крв поддржан од Алкалоид АД Скопје. Во наменски адаптираната просторија во склоп на ДХО Даре Џамбаз, крводарителите имаа можност да ја покажат својата хуманост, преку чинот на крводарување, секој работен ден од 10:00 до 17:00 часот, а во сабота од 09:00 до 14:00 часот.

КЛУБ 25 Клуб на млади крводарителимотивирачи

Клуб 25 е организирана форма на дејствување на млади со цел промоција на крводарителството кај младата популација и мотивирање на младите крводарители. Тој функционира во рамки на Црвен крст на град Скопје и брои околу 20 волонтери. Активностите се насочени кон младите, кои се поттикнуваат да станат дел од големото семејство на крводарители.

Клуб на крводарители на Црвен крст на град Скопје

Придонес во процесот на унапредување на крводарителството на територија на град Скопје, даваат и дваесетте членови на Клубот на крводарители, кои доаѓаат од различни работни организации, фирми, компании и институции. Тие се крводарители и мотивирачи – позитивен пример во нивните работни средини.

 

Нашето мото: „Крвта е таа која секогаш треба да го чека пациентот, а не обратно“ нè мотивира за континуирана активност на полето крводарителство.

Крводарителството во РМ има општествено значење и претставува дејност од општ интерес. Без потребните количини сигурна крв (55 000 единици крв, во согласност со планот и потребите во РМ) не е можно да се обезбеди современа, квалитетна и рационална здравствена заштита на населението.

Александра Валкановска

Координатор за млади и крводарителство,
Црвен крст на град Скопје