ВИДОВИ НА СОЛ

ВИДОВИ НА СОЛ

По својот состав солта е минерал кои се добива од комкбинацијата на натриум и хлор. Заедно, тие формираат кристализирана супстанца – натриум хлорид, . Солта е од суштинско значење за човечкиот живот и функционирањето на телото. Натриумот и хлорот се важни елементи кои помагаат во одржувањето на клеточната рамнотежа, циркулацијата и нивото на шеќер во крвта. Натриумот е еден од минералите кои е примарно одговорен за одржување на електролитите во телото..

На пазарот постојат повеќе видови на сол но за жал не постојат релевантни компаративни студии кои би ја покажале вистинската вредност односно кортиста или лошите страни на секоја од нив. Заради ова ние како потрошувачи сме оставени само на веродостојноста на информациите пласирани во соодветните маркетинг кампањи.
Заради ова многу е важно да се консумира во умерени количини без разлика на “суперефектите”наведени во пропагандите
Рафинирана / Кујнскасол
Најчесто користената сол е рафинираната обична бела готварска сол. Таа најчесто е високо преработена и поради тоа многу од минералите во трагови се отстранети.  Оваа сол најчесто има поминато низ неколку фази на индустриска преработка , па затоа содржи бројни адитиви кои во главно спречуваат згрутчување на солта. Оваа сол понатаму дополнително се јодира како би се задоволиле законските регулативи доколку постојат а се однесуваат на одредено количество на јодати во солта (Во Р. Македонија е донесена законска регулатива според која прехранбената сол мора да биде јодирана со калиум јодат (20-30 mg јод на1kg сол).

Морска сол
Морската сол се добива во солани по пат на евапорација (испарување) на морската вода во плитки базени. Сепак, во зависност од местото на производство и на кој начин е добиена (колку и како е процесирана), таа за разлика од обичната сол, најчесто содржи минерали во трагови како: калиум, железо и цинк, и тоа во различен сооднос, во зависност од производителот. Колку морската сол е потемна, толку таа е побогата со овие „нечистотии“ или елементи во трагови.

Варена сол
Варената сол се добива од наслаги на сол на места каде некогаш постоело море па со неговото повлекување се наталожила сол. Со бушење се доаѓа до наоѓалиштата на сол во кои се става вода која ја топи солта а потоа се испумпува. По испарувањето односно варењето останува чистиот натриум хлорид. Најдобар пример за ова е рудникот за сол во Тузла кој е остаток од Панонското море.

 Хималајска сол
Овој тип на сол потекнува од Пакистан, поточно од рудникот за сол Кјуреј (Khewra)– вториот по големина рудник за сол во светот. Инаку рудникот се наоѓа околу 300км од Хималаите, така да освен името како добар маркетиншки трик, друга реална поврзаност со Хималаите и нема. Хималајската сол најчесто содржи количини во трагови од железен оксид (‘рѓа) поради кој ја добива розовата боја. Содржи мали количини на калциум, железо,калциум, калиум и магнезиум, а содржи и незначително помало количество на натриум од обичната сол.
Многу луѓе го преферираат вкусот на хималајската сол во однос на другите видови.
Сепак, главната разлика е едноставно бојата, која може да го направи секое јадење визуелно привлечно.
Кошер сол
Овој тип на сол изворно бил употребуван за религиозни причини. Еврејскиот закон наложувал крвта од месото да се отстрани, пред истото да се консумира. Кошер солта има груба, лушпеста и полно зрнеста структура, која е особено корисна во таа намена.
Главната разлика со обичната сол е во структурата и готвачите затоа повеќе ја преферираат, бидејќи е полесна за употреба со прсти, а има и појак моментален ефект на вкусот. Има гранулирана структура и е многу покрупна од обичната сол. Се состои од натриум хлорид и за разлика од обичната сол, не содржи додатоци како што е јодот.

Сива сол
Сивата сол ја добива својата боја од глината од каде што се собира. Има алкални својства и е многу слиќна со хималајската сол но значително поскапа поради начинот на производство.

 Fleur de sel
Во буквален превод “цвет на солта”, оваа сол рачно се собира од базени покрај брегот на Бретања, Франција. Овие тенки кристали се појавуваат на  површината на водата и ова може да се направи само во сончеви, суви денови со малку бранови и само со традиционални дрвени гребла. Поради својот недостиг и интензивна берба, Fleur de Sel е најскапата сол  заработувајќи го надимакот “кавијар сол”.
Се работи за најздравиот вид на сол кој освен зголемената концентрација на јод е богата и со калциум и магнезиум.

Црна сол
Црната сол потекнува од Хаваите, не е преработена и е вулканска па уште го добива и името црна лава сол. Длабоката, црна боја доаѓа од активниот јаглен кој е одличен за дигестија и отстранување токсини од телото. Покрај тоа, црната боја ѝ дава навистина интересен изглед на храната.
Постои уште еден вид црна сол наречена кала намак која потекнува од Индија. Оваа сол има високо количество на сулфур, а ова ја прави одлична за дигестијата.

Црвена сол
Црвената сол исто така потекнува од Хаваите и ја добива својата боја од вулканската глина. Можеби оваа сол е најбогата  со микроелементи, особено со железо. Се препораќува како одлижен додаток во исхраната особено кај лица со ниски концентрации на железо

 Персиска сина сол
Овој вид на сол се собира од древно солено езеро во Иран и има боогата содржина на минерали. Ретко се наоѓа на пазарот и има исклучително висока цена.

Чадена сол
Fumee de Sel или Чадена сол има речиси исто количество хранливи материи како и нормалната морска сол. Всушност, чадената сол се добива од морска вода која испарува во голем сад над дим од запалени боровници, цреши, храст.Поради начинот на производство, има необичен вкус, но нема некои здравствени придобивки.