Теоријата зад овој тип вежбање ветува максимални резултати за минумум време, но што точно се случува во телото за време на една ВИИТ сесија?
Вежбајте интензивно во кратки интервали
Клучот лежи во насловот. Вежбањето треба да биде со максимален интензитет за да има ефект. „Неопходно е да вложите 90-100% труд во рок од 15-30 минути“, вели спортскиот терапевт Бери Сигрист. „Вежбајќи анаеробно (без кислород како гориво), телото ќе продуцира млечна киселина што, пак, ќе поттикне ослободување адреналин, а тоа ќе помогне да се топат мастите во телото“.
Задолжително паузирајте
Одморот е пожелен колку и повторувањата. Да, сериозно! „Идеалниот размер за 20-минутна тренинг сесија би бил: 30 секунди вежбање, 60 секунди паузирање. Подолгиот одмор можеби делува како мамење, но на мускулите им треба време да го обноват нивото на кислород и гликоген“, вели Сигрист. „Ако одморот е прекраток, организмот ќе стане катаболичен и ќе дојде до разградување на мускулното ткиво“.
Игнорирајте го потењето
Спортувањето и потењето одат „рака под рака“ – сакале ние или не. Колку и да не ви се допаѓа тоа што ви се слеваат капки пот по телото, не трчајте по крпата за бришење. „За телото да се лади преку потта, неопходно е топлината да испарува преку кожата, но бришењето на потта само ќе поттикне дополнително поттење“, објаснува д-р Џон Дикинсон, професор по фискултура на „Универзитетот на Кент“.
Забрзајте го растот на мускулите
ВИИТ е анаеробен тип на вежбање при кој телото го користи гликогенот како гориво, а не маснотиите. Но, ова е добра вест и во случај да сакате да ја намалите телесната тежина. „ВИИТ поттикнува лачење на хормон за раст и тестостерон – и двaта имаат клучна улога во метаболизирањето на мастите“, објаснува Сигрист. За максимални резултати и забрзано создавање мускулна маса, изнудете ги хормоните да стигнат до врвот, така што ќе вклучите и сложени вежби во сесијата, како чучнувања и склекови.
Согорувајте калории и по тренингот
И додека се туширате или го подготвувате својот протеински оброк по тренингот, телото сѐ уште согорува калории. „Магијата кај ВИИТ се случува по завршување на тренингот“, вели Сигрист. „За време на анаеробниот тренинг, побарувачката на телото за кислород ја надминува понудата, па телото се соочува со кислородна дупка која треба да ја отплати“. Едноставно кажано, телото согорува калории со часови по тренингот. За да го засилите ваквиот ефект, треба само да останете активни. Затоа, најдобро е ВИИТ да практикувате наутро, пред да стартувате со тековните обврски.