Не е случајно именуван како витамин А. Тоа е првиот откриен витамин и достојно го има првото место од азбуката. Откриен во 1913 година, ѝ припаѓа на групата витамини растворливи во масти. Овој витамин е еден од најактивните антиоксиданти и е од особено значење за низа биохемиски процеси во организмот.
Два вида витамин А
Првиот вид витамин А се наоѓа во месото, живината, рибата и во млечните производи. Вториот вид е провитаминот А и тој го има во овошјето, зеленчукот и во другите растителни производи. Најчестиот вид провитамин А во храната е бета-каротинот.
Колку витамин А му е потребно на организмот?
Количеството на витамин Ашто му е потребно на организмот, во голема мера зависи од возраста и од репродуктивниот статус. Препорачаните дози витамин А, за луѓето на возраст од 14 години и постари, се движат помеѓу 700 и 900 микрограми дневно. Поголеми дози се препорачуваат на жените коишто дојат, додека, пак, пониски вредности – за доенчињата и за децата помали од 14 години.
Извори на витамин А
Витаминот А природно се наоѓа во многу прехранбени производи, меѓу кои, како најбогат извор се:
- говедски црн дроб и други видови месо
- риба, особено лосос и туна
- зелен лиснат зеленчук и други зелени, портокалови и жолти зеленчуци, како морков, брокули и тиквички
- овошје, вклучувајќи ги дињата, кајсиите и мангото
- млечни производи
- компир
- јајца
Здравствени придобивки
Витаминот А е најважен за добар вид. Благодарение на него, можеме да гледаме кога е темно.
Без доволно витамин А, организмот е посклон кон инфекции. Овој витамин нè чува од бактериски, паразитски и од вирусни инфекции.
Витаминот А особено е значаен при прележувањето сипаници кај децата. Кога е присутен во соодветни количества, дечињата полесно ги поминуваат симптомите на сипаница.
Овој витамин е еден од најактивните антиоксиданти. Придонесува за одржување здрава кожа и слузокожа. Помага и во заштитата на кожата од штетните сончеви зраци. Особено е важен во лекувањето акни и мали брчки.
Докажано е дека витаминот А има и заштитно дејство кај некои видови рак, помага за намалување на нивото на лош холестерол и го намалува ризикот од срцеви заболувања.
Витаминот А има уште многу други здравствени употреби, како што се,на пример,лекувањето на уринарните инфекции, лекувањето на состојбите на кожата,како егзема, псоријаза, лузни, изгореници од сонце и многу други заболувања и здравствени состојби.
Недостиг на витамин А
За среќа, преку храната се внесува доволно витамин А. Но сепак, иако е реткост, можна е појава на недостиг од овој витамин што најчесто се манифестира како:
– влошен вид, што се манифестира со ноќно слепило
– недоволен телесен развој на децата
– проблеми со репродуктивен систем кај возрасните
– гингивитис
– многу сува кожа и инфекции
– ако недостатокот е голем,може да предизвика и анемија
– склоност кон вирусни инфекции
– опаѓање на косата
– губење апетит
– проблеми со коските
Дали витаминот А може да биде опасен?
Кога зборуваме за витаминот А, важно е да се спомене и за можноста од негово предозирање. Најчесто, предозирање со витамин А се добива со прекумерно консумирање витамин А, како додаток во исхраната.
Хипервитаминозата А може да доведе до проблеми при породувањето, аномалии на црниот дроб или до проблеми со централниот нервен систем. Поради ова, бремените жени не би требало да земаат витамин А како додаток, освен доколку тоа не е препорачано од лекар.
Некои од симптомите кои се појавуваат при хипервитаминоза со витамин А се: губење апетит, раздразнетост, гадење, повраќање, проблеми со варење на храната.
Консумирањето големи количества бета-каротин или други форми провитамин А, може да ја промени бојата на кожата во жолто-портокалова. Сепак, оваа состојба е безопасна.