ВОДА – темел на телесно и ментално здравје

ВОДА – темел на телесно и ментално здравје

Пиењето вода, иако е една од основните човечки потреби, честопати претставува нешто што забораваме да го правиме во текот на денот, го правиме сосема несвесно или кога веќе е доцна. Правилната и постојаната хидратација е од суштинско значење за нашиот организам.

Водата е есенцијален елемент. Човековото тело е составено од 55% до 78% вода и едноставно не може да функционира без неа. Намалувањето на количеството вода во телото од само 2% може да предизвика низа здравствени проблеми. Заканите по здравјето се дотолку поголеми ако во континуитет телото страда од недоволно внесување вода.

Непроценлив извор на здравје

Водата, како регулатор на многу телесни функции, претставува основен услов за правилно функционирање на телото. Иако најчесто наместо вода консумираме други пијалаци, како, на пример, разни сокови, кафе или млеко, сепак, треба да бидеме свесни дека нема друга течност која може да направи толку позитивни нешта за нашето тело, како што тоа го прави водата.
Водата игра важна улога во сите процеси на нашиот организам.
Особено е значајна за:
  • пренос на нутриентите до виталните органи
  • растворање на хранливите состојки
  • одржување на телесната температура
  • хидратација на кожата
  • елиминирање на токсините од организмот
Поради овие факти, несомнена е важноста на водата за животот и за здравјето на човекот. Таа неизоставно се наоѓа во секој сегмент од човековото тело и само соодветно количество вода во организмот овозможува интегрално функционирање на организмот како целина.

Што е дехидрација?

Дехидрацијата е неприродна состојба во која телесните клетки се лишени од соодветно количество вода. Во зависност од количеството вода која недостасува, дехидрацијата може да се класифицира како блага, умерена или тешка.
Хронична дехидрација значи дека организмот страда од продолжен недостаток на вода.

Знаци на дехидрација

Сушењето на устата е последниот надворешен знак за веќе настаната дехидрација!
Симптомите на дехидрираност се различни во зависност од нејзината тежина. Најчесто, почетните реакции се чувство на жед и намалено уринирање.
Проблемот е што во времето на појава на овие симптоми, телото веќе е дехидрирано. Како што се зголемува количеството изгубена вода се појавуваат сè повеќе симптоми, како што се:
  • мигренозни или болки во главата
  • сува кожа
  • грчеви во рацете и нозете
  • забрзана работа на срцето
  • замор или слабост
  • мачнина и повраќање
  • стрес и депресија
  • проблеми со варење на храната
  • запек
Долготрајна жед на телото за вода, односно хронична дехидрираност, може да предизвика и посериозни здравствени проблеми или загуба на некои функции на организмот.
Кога телото е хронично дехидрирано, органите во телото, а особено кожата, почнуваат предвремено да стареат.

Најголема закана за дехидрација е замена на водата со газирани безалкохолни пајалаци, енергетски пијалаци и кафе.

Водата е најевтиниот лек. 

Водата е најевтиниот медикамент за дехидрираниот организам. Како што дехидрирањето води до некој од симптомите и заболувањата предизвикани од н

едостаток на вода во телото, така и редовнoто и доволно примање вода ја спречува нивната појава.

Во нашето модерно општество, широко е распространето мислењето дека индустриски произведените пијалаци, кафето и алкохолот се добра замена за природната вода. Тоа е елементарна, но катастрофална заблуда. Наведените пијалаци навистина содржат вода, но, исто така, содржат и дехидрирачки состојки. Тие не само што ја извлекуваат водата во која се растворени, туку ја извлекуваат и водата од резервите на организмот. Модерниот начин на живот ги прави зависни луѓето од индустриски подготвени пијалаци. Нивното претпочитање автоматски води кон исчезнување на желбата да пиеме вода!
Алармантно е што децата воопшто не ги учиме да пијат вода! Уште од мали стануваат зависни од лимонади и сокови. На тој начин, доброволно им ја „пресушуваме“ потребата на организмот за вода. 

Запомнете! Не е можно водата, за која човековото тело има потреба, да се замени со какви било готови пијалаци. 

Колку вода е доволно?

Точното количество вода што треба да се внесе во организмот на дневна основа, зависи од степенот на активност, температурата, влажноста, но и од други фактори.
Сепак, се смета дека телото секојдневно има потреба од апсолутен минимум кој изнесува од 1,5 до 2 литра (шест до осум чаши) вода.
Жедта треба да се задоволува во секое време, а не само при појава на знаците на дехидрираност.
Најдобро е водата да се пие по една чаша, половина час пред секој оброк и тоа количество два часа по оброците. На овој начин ќе се обезбеди потребниот дневен минимум.

Денот започнете го и завршете го со чаша свежа вода!

На лето, водата од телото се губи буквално од секаде, па потребите од вода можат да бидат двојно поголеми од вообичаено. Затоа, покрај добра сенка и соодветна и лесна облека, во летниот период обезбедете се и со соодветно количество вода.
Сменете ги навиките за вода, консумирајте редовно и ќе се изненадите од бенефитите видливи во форма на поголема виталност, подобро расположение, сјајна и здрава кожа. Со редовно пиење доволно количество вода, со сигурност ќе се ослободите од симптомите и состојбите кои биле предизвикани токму од недоволно внесување на оваа животоважна течност. Научно е утврдено дека со редовна хидратација исчезнуваат главоболките, се подобрува состојбата кај мигренозните болки, како и кај други хронични болки и заболувања поврзани со недостаток на вода.

Која вода е најдобра за пиење 

Со оглед на глобалните трендови на загадување, климатските промени и сè помалите количества на пивка вода, ова е едно од горчливите прашања. Која вода е здрава вода?
Во секој случај, најдобра за пиење е проточната вода. Онаму каде што има услови, природната изворска вода, која претходно е проверена е најдобра солуција. Истото важи и за водата од чешма, освен ако не е загадена со хемикалии и тешки метали. Водата од нашите водоводни мрежи со сигурност содржи хлор, па, во тој случај, водата можете да ја оставите да отстои ден-два во отворени стаклени шишиња или бокали за вода. На овој начин, одредено количество растворен хлор се намалува и мирисот исчезнува.
Употребата на бокали и филтри за домашна употреба, исто така, може да биде добро решание за постојано обезбедување на чиста и здрава вода. На пазарот постојат повеќе видови филтри, а нивната употреба е едноставна и за кратко време филтрирањето на водата директно пред употреба ќе ви стане нешто рутинско.
Сè почеста и поактуелна е употребата на флаширана вода, бидејќи сметаме дека е безбедна, лесно е достапна и изгледа како најпрактично решение.  Сепак, ваквата вода поминува низ фази на индустриско производство и транспорт, па, според многу испитувања, не може да се вброи во категоријата на „идеална“. Дополнителен товар на ова трвдење се и пластичните шишиња во кои најчесто се складира оваа вода, па во зависност од нивната хемиска структура можно е тие да бидат директен извор на загадување на водата што е внатре.
Доколку флашираната вода е ваш избор, обидете се да најдете вода во стаклена амбалажа или купувајте вода за која сте сигурни дека е со проверен квалитет и е соодветна на она што е декларирано на надворешната етикета.
Чистата вода има сладок вкус и е пријатна за пиење. Важен фактор за здрава вода е и pH вредноста. Доколку веќе купувате, изберете вода со повисоки pH вредности (над 7,5 или 8).

Проверете!

На сите им е познато дека водата е неопходна на организмот, но се чини дека малкумина сме свесни за нејзината важност по нашето здравје! Уверете се. Едноставно е. Наздравете со чаша пивка и свежа вода.