ЗАЛЕВАЊЕ НА ФИСУРИ КАЈ ТРАЈНИТЕ ЗАБИ

Што значи залевање на фисури?

Забите во задната регија, односно премоларите и моларите, имаат релјефна џвакална површина. Во релјефот на забите, сочинет од фисури и длабоки јамички, неретко се задржува храна и бактерии, кои пак се причинители за настанување на кариес. За да ги заштитиме забите од кариес, овие јамички ги залеваме со пластични материјали нанесени во многу тенок слој. Тие материјали ги затвoраат сите дупчиња на забите и со тоа џвакалните површини стануваат помазни и со помалку ретенциски места во кои се собираат бактерии и остатоци од храна. Залевањето на фисурите на забите е превентивна мерка во борбата со кариес.
Каква е постапката на залевање на фисурите на забите?
Залевањето на фисурите на забите е безболен процес. Само оној заб, за кој при прегледот ќе констатираме дека е апсолутно здрав, може да подлежи на залевање. Најпрво, забот мораме убаво механички да го исчистиме, потоа го премачкуваме со течност која го размастува, односно хемиски го чисти, и на тој начин создава површина на која ќе може да се залепи тенкиот слој од пластичен материјал за залевање. Забот мора совршено да се исуши и потоа следи апликацијата на материјалот за залевање. Откако ќе се залеат сите јамички, забот се осветлува со светилка за полимеризирање која го стврднува материјалот. Постапката на залевање е временски релативно куса, но за да се направи добро залевање по кое во иднина нема да се појави кариес, треба исклучителна прецизност во работата, како и идеални услови за работа, односно апсолутно сува средина.

Дали е подобро забите да се залеани или да не се залеани?
Според анатомијата на забот и нивото на хигиена во устата на детето, можеме да донесеме вистинска одлука дали да ги залеваме фисурите на забите или тоа не е потребно. Доколку забите имаат изразита анатомија со длабоки и многубројни фисури и јамички, тогаш е добро тие да се залеани дури и во случај кога детето одржува добра хигиена. Плитки јамички и помалку релјефни џвакални површини со добра усна хигиена дозволуваат тие да не се залеваат. Кај пациенти со лоша усна хигиена, претпочитам залевање на фисурите, но во истата фаза и едукација на пациентите и поткревање на нивната свест за усното здравје и хигиена, бидејќи самото залевање не е доволно да ги заштити забите од кариес и да ги сочува здрави.
Како што веќе споменав, изработката на квалитетно залевање на забите изискува одредени услови. Доколку залевањето не е темелно сработено, постои ризик за настанување на кариес под самото залевање. Кога се дијагностицира, тој кариес неретко е во напредна форма бидејќи пациентите сметаат дека со тоа што ги залеале забите се заштитиле од нивно расипување.

Кој период е најпогоден за залевање на забите?
Првите трајни молари, односно шестките, растат помеѓу шестата и седмата година од животот и овој период е најпогоден за залевање. По самото изникнување на забот имаме најмногу можности тој да е апсолутно здрав и со залевањето да успееме да го заштитиме од кариес. Еден од условите за успешно залевање е и тоа забот да биде комплетно израснат во усната шуплина, во спротивно ризикуваме да направиме неквалитетно залевање. За залевање е потребна апсолутно сува средина, но доколку дел од забот е сèуште под непце, сува средина е невозможна да се постигне. Седумките и премоларите (четворките и петките) се залеваат во периодот од единаесеттата до четиринаесеттата година од животот.

Дали доколку се залеат забите сме заштитени од кариес?
Залевањето е една од превентивните мерки во борбата со кариес, но со тоа што сме ги залеале забите не значи дека треба да заборавиме да ги миеме барем двапати во денот. Забите треба да ги миеме со соодветна четка и паста која содржи аминфлориди со приспособена концентрација во зависност од возраста на детето. Децата до шестата година од животот веќе треба да ја совладаат правилната техника на миење заби. И секако, треба да ги избегнуваме засладени пијалаци и кариогената храна, која се лепи на забите и долго се задржува во устата. Да консумираме многу свежо овошје и зеленчук и, секако, многу вода. Редовно да се оди на стоматолошки прегледи и барем еднаш годишно да се направи професионално флорирање на забите кај стоматолог.


Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.