ЖАЛФИЈА (Salvia officinalis)

ЖАЛФИЈА (Salvia officinalis)

Зачинска и пред се лековита билка која повеќе од 3000 години се користи токму заради  нејзините бројни лековити и ароматични своjства.

Примарно во фитотерапијата се користат  листовите  од жалфијата кои содржат етерични масла, танини, витамин Ц,  горчливи материи, флавоноиди и смола. Благодарение на овие состојки жалфијата има изразено антивоспалително, антимикробно и  антисептично дејство. Жалфијата ги омекнува слузните секрети од воспалените слузници на дишните органи, а го подобрува и процесот на варење на храната. Во терапевтски цели се користи чај, тинктура и етерично масло.

Мевлем за дишните патишта

Жалфијата е корисна  за лекување воспаленија и инфекции на слузниците во устата, непцата и грлото. За инфекции на дишните патишта се препорачува употреба на чај приготвен од суви листови. Поконцентриран чај се користи за гаргара и полесно искашлување, како и за инфекции и одржуавње на хигиената во усната шуплина и грлото. Инхалацијата на пареите од топол чај од жалфија го олеснува дишењето и го намалува воспалението.

За подобро  варење

Чајот се користи за подобрување на функциите на жолчката и на црниот дроб поради горчливите материи и етеричното масло кои го зголемуваат лачењето на соковите за варење. За истата намена но како зачин, се користат сувите лисја од жалфијата бидејќи со својот ароматичен мирис го подобруваат вкусот и мирисот на јадењата. Конзумирањето на чајот помага при пролив, поради присуството на танини.

Уринарен систем

Чајот од жалфија се препорачува и при хронични воспаленија  на уринарните патишта токму заради докажаното антимикробно, противоспалително и диуретично дејство.

Регулатор на потењето

Познато е  дека чајот од жалфија е мошне ефикасен против потење. Ваквата моќ на жалфијата се објаснува со нејзиното дејство врз центарот  кој ја регулира работата на жлездите што лачат пот. Најчесто се препорачува да се пие против потење од нервно потекло или при топлотни бранови кои се јавуваат во менопауза.
Нанесен врз кожата, чајот од жалфија ја затегнува кожата и ги смирува воспаленијата.

За здрави непца

Жалфијата е извонредно средство за јакнење на непцата и помошно средство при парадентоза. Секојдневна гаргара и плакнење на усната шуплина може да бидат од голема помош.

 

Подготовка и употреба на чај од жалфија

ЧАЈ: 1 лажица иситнети суви листови од жафијата се прелева со 200ml превриена вода, садот стои покриен 5 минути и се процедува. Се пие секогаш свежо приготвен и топол чај.
Чајот за гаргара се приготвува на ист начин но со 2 кафени лажици иситнети суви листови од жафија со250mlпревриена вода. На секои 3-4 часа се прави гаргара.

 


ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ:

Чајот од жалфија не е за секојдневна и континуирана употреба. Со посебно внимание треба да го упоотребуваат бремени жени и доилки.