Збогум ПМС-симптоми

Збогум ПМС-симптоми

Промената на нивото на хормоните во телото предизвикува различни физички и емоционални симптоми како вознемиреност, променливо расположение, нервоза, главоболка, замор, подуеност, акни, чувствителни гради, со еден збор – ПМС! Но, дали знаевте дека магичното апче се наоѓа во кујната?

Анти ПМС-салата

Потребни состојки:

  • 250 г спанаќ

  • 1 јајце

  • ½ авокадо

  • 25 г пармезан

  • една рака ореви

  • 5-6 ротквици

  • 5-6 шери домати

  • 1 млад кромид

  • 1/2 лимон

  • морска сол

  • маслиново масло

Начин на приготвување:

  1. Внимателно измијте го спанаќот и потопете го во студена вода да отстои 20 минути, а во меѓувреме варете го јајцето. Излупете го авокадото и изрендајте го на ситната страна од рендето. Исечкајте ги оревите и чери доматите на четвртинки. Ротквиците и младото кромитче исечкајте ги на тркалца, но заедно со перцата.

  2. Во длабок стаклен сад искинете го спанаќот со раце за да го зачувате железото. Врз него распоредете го авокадото, па наредете ги доматите и јајцето пресечени на четвртинки. Озгора расфрлете ги ротквиците и младиот кромид. Исцедете го лимонот и прелијте ја салатата, додајте маслиново масло, сол по вкус и внимателно промешајте.

  3. Озгора поросете ја салатата со малку ореви и ленти пармезан. Пријатен апетит и збогум ПМС!

Зошто токму овие состојки помагаат при ПМС?

СПАНАЌ… Контрола на стресот

Растение кое најмногу изобилува со магнезиум, минерал што докажано ги смирува ПМС- симптомите. Магнезиумот го намалува нивото на стрес и на тој начин ќе успее да го контролира вашето променливо расположение. Ефектот ќе биде уште поголем доколку го комбинирате со Б витамин. Недоволното консумирање на магнезиум е причината за појава на главоболки, сонливост и замор, особено во тие денови.

ЈАЈЦЕ… За грчевите да стивнат

Витаминот Б6 е причината поради која ќе додадете и јајце во салатата. Овој витамин ќе ви помогне да ги намалите грчевите во стомакот и да го контролирате душевното расположение. Јајцата се богати со холин од кој зависи не само развојот на мозокот, туку и неговото нормално функционирање. Две големи јајца содржат 252 милиграми холин, тоа е речиси половина од дневните потреби.

АВОКАДО… Против болки

Авокадото ќе ви помогне да внесете есенцијални масни киселини во телото и да ја намалите болката во стомакот. Тоа се истите оние масни киселини што ќе ги најдете и во маслиновото масло. Тие важат за најздравите масти познати на науката кои спречуваат рак на дојка и срцеви заболувања. Имате проблем со холестеролот? Не грижете се, авокадо е дозволено да јадете.

ПАРМЕЗАН… Лек за подуеност

Калциумот е најдобриот сојузник во борбата со ПМС, а него ќе го најдете во сите млечни производи. Истражувањата потврдија дека калциумот ја намалува подуеноста на стомакот, истовремено намалувајќи ги болките и грчевите. Калциумот ја контролира нагласената желба за грицки и брза храна за време на ПМС.

РОТКВИЦА… Против акни

Освен калциумот и магнезиумот, добро ќе ви дојдат и витаминот А и витаминот Д затоа што ќе помогнат за целосна апсорпција на калциумот и ќе спречат појава на акни. Ја избравме ротквицата бидејќи го подобрува лачењето на желудочните сокови, ја подобрува работата на цревата, што значи дополнителна помош за подуениот стомак.