Простатата е жлезда со внатрешно лачење, карактеристична само за машката популација. Сместена е веднаш под мочниот меур и е со големина на костен. Таа е од суштинско значење за плодноста на посилниот пол и придонесува за целосно психичко и физичко здравје кај мажите.
Најчести форми на промени и заболувања
Мажите постари од 40 години често имаат проблеми со оваа жлезда бидејќи на оваа возраст започнуваат промени во форма на бенигно зголемување (хиперплазија) на простатата. Зголемувањето врши директен притисок на мочниот меур, па се јавуваат низа карактеристични симптоми како што се:
- отежнато мокрење
- долготрајно мокрење
- испрекинато мокрење
- недоволно празнење на мочниот меур
- зачестено мокрење (речиси секој час)
- повеќекратно ноќно мокрење
- потреба за брзо или за постојано уринирање
- појава на болки во долниот дел на стомакот и во долниот дел на грбот
Покрај бенигното зголемување, простатата е подложна и на други форми на заболувања. Меѓу најчестите се разни облици на бактериски инфекции и воспаленија (простатитис), а неретко простатата страда и од посериозни заболувања како што е канцерот.
За да не дојде до компликации при заболувањата и развој на канцерогени форми, потребно е да се води сметка за здравјето и навреме да се реагира при појава на првите симптоми кои укажуваат на инфекција или на зголемена простата. Тие треба да се разберат како причина и апел за преземање соодветни мерки за лекување и за промена на животните навики.
Превенција, здрав начин на живот, како и совесен однос кон сопственото здравје, можат да нè заштедат од голем број компликации и непријатни искуства.
Здрави навики за здрава простата
Здравата простата бара движење. Забележано е дека проблемите со простатата се појавуваат кај мажите кои повеќе седат и слабо се движат, што е спротивно од начелата за совршена функционалност на организмот кој бара постојани форми на движење. Кога малку се движиме, а многу седиме, крвотокот и циркулацијата се забавени, со што се зголемува концентрацијата на токсините и отпадните материи во секретот на простатата. Бидејќи простатата сама по себе е мускулен орган, треба да се вежба и да се зајакнува исто како што во вежбалница ги важбаме нашите бицепси и трицепси. Со вежбање на тие мускули, се подобруваат крвотокот и исхраната на самата простата, а се спречува таложењето на токсините и се подобрува и фунционалноста на простатата.
Едноставна вежба за контракција на простатата
Стегајте ги мускулите на начин да се вовлече анусот. Опуштете се и напрегнете повторно. Оваа вежба не бара посебни подготовки, време и простор. Можете да ја изведувате стоејќи, лежејќи или седејќи. Додека возите, на работното место, додека гледате телевизија. Практично на секое место и во секоја ситуација. Во текот на денот доволно е вежбата да ја повторите 200 пати.
Бидете активни!
Секоја аеробна активност како трчање, брзо одење, планинарење и слично, ја подобрува циркулацијата во пределот на карлицата. Доколку вашиот животен стил не ви остава доволно време за наведените активности, можете да ги искористите благодатите на следните две вежби:
Симулација на возење велосипед
Заземете лежечка положба, кренете ги нозете и со движења симулирајте исто како да возите велосипед. Направете 2-3 серии од по 15-20 движења.
Вежба „ножички“
Заземете лежечка положба, кренете ги нозете и наизменино вкрстувајте ги во облик на ножички. Направете околу 15 повторувања.
И двете вежби влијаат на раздвижување на карлицата и на подобрување на циркулацијата во тој сегмент.
Чувари на здравјето
Покрај физичката активност, мажите особено треба да водат сметка за начинот на исхрана. Задолжително е внесување доволни количини од витамини и минерали кои се од есенцијална важност за здрава простата.
Цинк – ги спречува промените на простатата. Најмногу цинк содржат морската риба и морските плодови, оревите, печурките, пивскиот квасец, семките од тиква, интегралните житарки и сл.
Бета каротен – моќен антиоксиданс кој ја штити простатата од дегенеративни процеси. Го има во овошјата и зеленчукот со портокалова боја.
Селен – уште еден значаен и моќен антиоксиданс неопходен за целосна функционалност на простатата. Делува противвоспалително и антиканцерогено. Како богат извор на селен се пивскиот квасец, жолчката од јајце, морските плодови, лукот, овесните никулци и семките од сончоглед.
Витамин Ц – делува на продукција и подвижност на сперматозоидите, а, секако, значајна улога има и во одржување на здрав и силен имунолошки систем.
Витамин Е – важен за севкупното репродуктивно здравје, вклучувајќи ја и простатата. Го има во ладно цедените растителни масла, јајцата, интегралните житарки, гравот, оревите, бадемите, семките и сл.
Секогаш практикувајте изворот на есенцијалните елементи и нутриенти да биде вашата храна.
Одлични намирници за „вечна младост“ на вашата простата
Домат
Поновите истражувања укажуваат на големото здравствено значење на ликопенот кој во големи концентрации го има во доматот. Иако најдобро е да се јаде свеж, се смета дека подеднакво корисни се и производите од домати кои се термички обработени со додаток на маслиново масло (или друго масло), поради растворливоста на ликопенот во масло. Ликопенот во организмот се концентрира во простатата и во тестисите, па неговото консумирање се поврзува и со намален ризик од канцер на простатата.
Брокола, кељ, прокељ, зелка и карфиол
Простатата ќе ви биде многу благодарна доколку секојдневната исхрана ја збогатите со овој зеленчук. Консумирајте го свеж или кратко обарен на пареа, колку да остане крцкав.
Комбинацијата од домат и брокола се смета за одлична храна за превенција на рак на простата
Грицкајте семки
Покрај како задолжителен „реквизит“ при гледање на омилениот натпревар, семките од тиква се и најдобриот пријател на простатата. Богати се со цинк, масни киселини и антиоксиданси. И семките од сончоглед се во истото друштво. Исто така, богати се со цинк, селен, магнезиум и витамини од Б групата.
Доколку, пак, не сте љубители на семки, неколку оревчиња, лешници или бадеми треба да бидат дел од вашата исхрана за здравјето на простатата.
Калинка
Позната и како витаминска бомба, калинката е плод со извонредна лековита моќ и добар извор на широка лепеза на витамини. Содржи значајни количини на витамини од групата Б (рибофлавин, тиамин, ниацин) витамн Ц, како и минерали; калциум, фосфор, железо, бакар и калиум. Ваквиот состав ја прави идеална намирница за превенција од разни форми на канцер на простата.
Калинката се смета за своевиден симбол на плодноста и плод кој носи радост и среќа во домот.
Куркума и магдонос
Куркумата денес се наоѓа на полиците во речиси секоја домашна кујна. Содржи активна компонента куркумин, кој игра важна улога во превенција и одржување на здравјето на простатата. Се покажала ефикасна во превенција и лекување на бактериски воспаленија.
И магдоносот, како и куркумата, делува пред сè противвоспалително и има значајна улога во превенција и одржување на здравјето на простатата.
Лук и кромид
Универзални намирници, етаблирани кога се во прашање здравствените ефекти од нивното редовно консумирање. Поради нивните докажани својства, треба да бидат неизоставени од трпезата на секој маж кој сака да го сочува здравјето на својата простата.
Чаеви
Употребата на одредени видови чаеви може многу да помогне во одржувањето на здравјето на простатата. Еден од најпознатите е чајот од мала, ситноцветна млечка (Epilobium parviflorum). 1 лажица од овој чај се прелива со 250 мл зовриена вода, се остава да отстои 10 минути во поклопен сад, се цеди и се пие 2 пати дневно, најдобро наутро и навечер по 250 мл. Чајот се пие колку што е потребно, но најмалку неколку недели.
Покрај овој кој се смета за најефикасен, се препорачуваат и други чаеви како што се: зелен чај, чај од коприва, чај од брусница и увин чај.
Водете сметка
Одредени видови храна може дополнително да влијаат врз здравјето на простатата, дури и да бидат фактор за појава на некои од заболувањата. Со нивно намалување или отстранување од вашата исхрана, во голема мера ќе придонесете за здравјето на вашата простата. За таа цел:
- Намалете го внесувањето на црвеното месо, млечните производи и на рафинирани јаглехидрати.
- Избегнувајте кофеински пијалаци.
- Отстранете ги цигарите и алкохолот бидејќи се вистински непријатели на простатата.
- Избегнувајте јако зачинета и лута храна.
РЕЦЕПТИ
Крем чорба од зеленчук со куркума
Состојки:
1 кромид (праз) брокола, морков, целер, пашканат, коприва, тиквица, магдонос, 1 ловоров лист, оригано, бибер, сол и куркума.
Подготовка:
Се зоврива вода (1 шолја за едно лице), во која се додава малку маслиново масло, сол и зачин. Се додаваат зеленчуците (може и смрзнати) и се остава да врие 5 минути. Се трга од оган, се додава 1 лажиче куркума и се блендира со рачен миксер сè до добивање на компактна смеса. По желба, се додава сок од лимон.
Состојките може да се комбинираат според ваша желба и според она што го имате во вашата кујна. Густината, исто така, приспособете ја по ваш вкус.
Чорба од домат и брокола
Состојки:
- 500 г брокола
- 1 кг домати
- 1 лажица брашно
- сол, бибер, оригано и 1 гранче босилек.
Подготовка:
На малку маслиново масло се пропржува 1 лажица брашно. Во посебен сад се ренда доматот, а броколата се ситни на ситни цветчиња. Кон пропрженото масло се додава броколата и се додава вода колку да ја прелие. Се вари околу 2-3 минути. Потоа, се додаваат и ренданите домати и се вари уште 3-5 минути. На крај, се додаваат зачините и исечканиот свеж босилек.
Доколку чорбата е премногу кисела, може да се додаде малку кафеав шеќер.
Најдобро е чорбата да се консумира барем 2 пати неделно.
Салата од брокола
- 500 г брокола
- 2 домата
- 1 снопче млад кромид или 1 главица црвен кромид
За прелив:
- 3 лажици маслиново масло
- 2 лажици јаболков оцет
- 1 лажица сенф, сол, бибер
Подготовка:
Броколата се вари 3-4 минути, се прелива со ладна вода и се цеди. Доматите и кромидот се сечкаат и се додаваат на броколата. Се прелива со подготвениот прелив и се меша.