„Тодлери“ се деца на возраст од 12 до 36 месеци, а на оваа возраст тешко дека може да се зборува за каква било навика кај децата, вклучително и навиката за јадење. Па така, има денови кога количински јадат многу малку, а некои денови ви се чини како постојано да „грицкаат“ нешто по цел ден. Понекогаш се случува да бараат еден ист оброк или намирница секој ден во текот на неколку недели, за потоа одеднаш да престанат и со месеци да не го побараат истото тоа.
Секое дете е приказна за себе, и затоа е многу важно да не ги споредувате децата во изеденото количество, без разлика дали се работи за браќа или сестри, или за најблиското другарче.
Специфично за тодлерите е тоа што се пребирливи, па така, некоја од следниве реакции е сосема нормална за нив:
– Да одбијат храна/намирница само затоа што не им се допаѓа бојата, текстурата или мирисот
– Да консумираат само неколку (2-3) различни намирници или оброци со месеци
– Да одбијат да пробаат ново
– Да изгубат интерес за храна што дотогаш ја обожавале
– Да сакаат да јадат само со лажица или само со виљушка.
Со овие реакции, детето сака да покаже контрола и да вежба независност. Ако и покрај овие реакции, детето напредува во растот и развојот, тогаш немате причина за загриженост. Ви останува само да му обезбедите лесно достапна, здрава храна и да го научите на навиките за здрава исхрана.
Децата не треба и не можете да ги храните со сила. Но, можете да им пружите забавни оброци и да ги научите на здрави навики за јадење.
Здрави навики за јадење
– Оставете го детето да одбере колку ќе изеде. Подобро е да му понудите мала порција со што ќе оставите простор детето само да побара повеќе.
– Бидете трпеливи. Нудете нови намирници почесто. Најверојатно, по 15-тото одбивање, детето конечно ќе го проба тоа што му се нуди. А, може да се послужите и со неколку „бели“ лаги. Искористете ја приказната за Попај морнарот и спанаќот, но Попај заменете го со неговиот/нејзиниот омилен јунак, а спанаќот со проблематичниот зеленчук. Вообичаено, дава одлични резултати.
– Бидете забавни. Исечете ја храната во различна невообичаена форма (можете да користите калапи за колачи). Направете мини-верзии на вообичаените оброци. Креирајте приказна во чинијата на детето. Заедно можете да смислите и посебни имиња за овошјето и за зеленчукот (на пример, поединечните цветови брокола се бебешки дрвја), со што ќе го зближите детето со храната што треба да ја изеде, а и ќе го направите оброкот позабавен.
– Понудете избор. Наместо само да инсистирате да јаде зеленчук, оставете го да избере, на пример: „Дали сакаш брокола или карфиол за ручек?“
– Мешајте старо со ново. Ако сакате да воведете нова намирница, не нудете ја само неа, туку направете комбинација во оброк со намирница што веќе ја сака. Вака, новото може да помине незабележано.
– Користете здрави сосови. Хумус, салца, павлака, густи сосови за салата се одличен избор за „мацкање“ на парчињата овошје или зеленчук.
– Бидете пример. Децата се одраз на однесувањето на родителите. Доколку вие се храните здраво, и вашето дете полесно и побрзо ќе ги прифати здравите навики.
Пријатни оброци
– Најавете му на детето околу 15 минути порано пред да биде готов оброкот за да може да заврши со играта навреме, да ги измие рацете, но и за да сфати дека оброкот е важен настан кој не смее да го пропушти.
– Децата обожаваат рутина, и, всушност, само така и можат да функционираат. Рутината е потребна заради дисциплина, но и за да се превенира глад што ќе направи „кенкави“ деца. Затоа, зададете термини за главните оброци во текот на денот, и одредете место за седење околу масата за секој член на семејството.
– Оброците се време за дружење со семејството. Тогаш не треба да се гледа телевизија, да се сурфа или да се игра на мобилниот телефон, да се игра со играчки на масата. Тоа е време да се праша како поминал денот, да се направи план за забавни активности по оброкот. Пожелно е децата и возрасните да останат покрај масата додека не заврши со јадење и последниот член на семејството.
– На оваа возраст не наметнувајте правила околу користењето на приборот. Децата повеќе ја сакаат лажицата отколку виљушката, па и да не е соодветен избор, оставете, и фокусирајте се на тоа што ќе го изеде детето.
Воспоставете ред во оброците
Тодлерите треба да јадат на секои 3-4 часа, а тоа значи 3 оброци, 2 ужини и многу течности (најмногу вода, а минимално сокови и млеко) во текот на денот. Колку многу и да ви се чини дека изеле за време на главниот оброк, всушност, не е така, и тоа нема да ги остави полни мешињата до следниот главен оброк. Затоа, пожелно е да му понудите здрава ужина како овошен јогурт, парчиња јаболко или интегрални грицки. Но, важно е ужината да биде неколку часа пред оброкот, за да може повторно да огладни до главниот оброк.
Ако детето не сака да го изеде главниот оброк, тогаш понудете му здрава хранлива ужина неколку часа подоцна. Ако не сака да ја изеде ужината, понудете му повторно храна на следниот оброк. Вообичаено, децата попуштаат на вториот оброк.
Што не смеете да правите
Не присилувајте ги децата да ја испразнат чинијата, ниту да јадат кога сте вие гладни. И децата, иако мали и сè уште во развој, имаат внатрешни показатели кои им кажуваат кога се гладни или кога им е доволно. Почитувајте го тоа и верувајте на тоа. Дополнително, тоа влијае и на нивната самодоверба и пребирливост.
Не гответе повеќе различни оброци истовремено исполнувајќи ги желбите на секој член на семејството, вашиот дом не е ресторан. Децата може и треба да учествуваат во изборот на менито за ручек, и преговарањето завршува тука. Тоа што е одбрано да се зготви, треба и да се изеде. Доколку некој се премислил, може да ја почека ужината или следниот оброк, но не и да добие друга опција за ручек.
Многу е важно да не ја покажувате вашата загриженост и вознемиреност за одбивањето да јаде пред детето. Ниту, пак, да правите индиректен притисок врз него. Детето чувствува притисок и кога не е директен, како: „Мораш да го изедеш спанаќот!“Детето и онака постојано бара внимание, ова само ќе му помогне полесно да дојде до тоа, а ќе се обиде да го искористи и за други потреби во иднина.