Ви останаа денови од ланскиот одмор? Сакате да ги потрошите на некое мирно место? Некаде во близина, некаде каде што нема да се заборавите од патување, а ќе имате чувство дека сте надвор од овој свет. Токму такво место најдовме на грчкиот остров Кефалонија, станува збор за Фискардо, малечко селце со неповторлива убавина. Распослано на северната страна на бисерот на Јонското море. Единствено Фискардо, од сите 365 села, го преживеал големиот земјотрес во 1953-тата, кој срушил вредни историски градби за островот.
Традиционалните бродови за ловење риба ќе ве дочекаат на пристаништето, а ако решите да станете порано ќе успеете да купите свежо фатена риба или да направите една тура низ најексклузивните јахти – уште една потврда дека Фискардо е мирот што го бараат и познатите.
Фискардо навечер и преку ден се две потполно различни места. Светлата на градот, старите згради во комбинација со таверните, создаваат вистинска медитеранска атмосфера. Ако сте повеќе дневна птица, тогаш препуштете им се на боите. Тргнувајќи од разнобојните цвеќиња и природа кои се заштитени со закон, па сѐдо куќите со жолти, сини и розови фасади, ќе се расположите со една прошетка.
КАДЕ ДА ПРЕСТОЈУВАТЕ?
Со цел да се заштити уникатниот изглед (читај: со цел да не се прочуе за ова прибежиште на џет сетот), Фискардо не располага со којзнае какви хотели. Но, тоа не значи дека нема апартмани, вили или студио за двајца уредени во класичен грчки стил.
Il Veliero
Располага со апартмани и студија за 2,3 и 4 лица, со можност за дополнителен кревет. Нуди неверојатен поглед на зајдисонцето и токму затоа важи за една од омилените вили на туристите од Италија.
*За повеќе вили погледнете на www.fiscardo.com/accom.htm
Alaties Beach
Тука нема да најдете песок, но ќе најдете прекрасна проѕирна вода и зајдисонце како од филмовите. Малечка, интимна, оддалечена само 20 минути од Фискардо. Нема да погрешите ако ги истражите карпите, бидејќи меѓу нив има голем број базени кои во минатото служеле за вадење сол. Природно солено џакузи, со поглед на Јонското море!
Ресторан Veggera
Гиро, суфлаки или кој било друг тип на брза храна, се наоѓа на секој чекор. Овде особено добро се пречекани вегетаријанците, но ако сте расположени за нешто поинакво, тогаш на 15 минути возење со автомобил, ќе стигнете до Veggera. Вистинско место за гурмани на кои не им се брза.