Телото има потреба за свеж воздух 365 дена во годината. Изговорот дека надвор е студено или дека има снег до колена, белите дробови не можат да го сфатат.
Вежбањето на отворено го поткрева енергетското ниво, а ја намалува тензијата, фрустрациите, депресијата, се вели во последното истражување објавено во Enviromental Science & Technology.
Истражувањето објавено во Medicine & Science in Sports & Exercise откри дека луѓето побрзо трчаат во зима во споредба во лето – побрзо трчање значи и побрзо согорување на поголем број калории.
Загрејте се мудро
Пред да почнете со било какви вежби, загрејте се со трчање и скокање во затворена просторија околу пет минути. Штом излезете надвор, оставете му простор на телото да се прилагоди на условите со тоа што во првите 10 минути ќе паузирате често – околу 30 секунди.
Не вежбајте на провев
Внимавајте да не се изложувате на провев или да трчате покрај вирови со вода, бидејќи за секунда ќе завршите поплавени од глава до пети. Студеното време не е штетно за здравјето, но провевот и силниот ветер се! Всушност, провевот е штетен и во лето, особено за главата и коските. Ако дува ветер, а не сакате да го прескокнете тренингот, вежбајте помеѓу поголеми блокови згради. На планина или на отворен терен вежбајте кога деновите се мирни.
Не премрзнувајте
Без разлика што физичката активност поттикнува циркулација, многу лесно можете да премрзнете надвор, затоа скратете го времето за спортување. Вежбите нека бидат краткотрајни: Како привршувате со тренингот, забавувајте го ритамот и вежбајте уште 2-3 минути, потоа влезете внатре и истегнете се. Соблечете ја јакната или дополнителната блуза и продолжете да се движите уште 10-тина минути пред да влезете под туш.
Почнете со малку
Ако трчате по 4 километри во лето, на ладно време стартувајте со 2. Подобро е да ги потцените своите способности во зима и да играте на сигурно. Во случај да на можете да го издржите темпото и едноставно да мора да застанете, температурата на телото рапидно ќе падне со што се изложувате на ризик од настинка, а во најлош случај хипертермија. Ако не се форсирате, ќе им помогнете и на респираторните патишта да се аклиматизираат. Ако надвор воздухот е премногу остар, добро е да замотате лесен шал околу устата и носот, за да го затоплите воздухот пред да го вдишите.
Пијте течности
Потењето во зима не е видливо како во лето, но тоа не значи дека не се потите и дека не губите вода. Од друга страна, кога е студено пиеме помалку вода, па ризикот од дехидрација уште толку расте. Поука: Шишенце со вода понесете на секој тренинг и задолжително испијте го! Ако надвор е многу студено, чувајте го шишето вода во внатрешниот џеб од јакната за колку-толку водата да биде потопла.
Бидете флексибилни
Можеби сте утрински вежбач, но кога деновите се ладни, најдобро и најбезбедно време за спортување е напладне кога температурите се највисоки. Ако времето едноставно не е на ваша страна, врне или премногу дува, навистина е подобро да останете дома.