АЛЕРГИСКИ КОЖНИ РЕАКЦИИ – СИМПТОМИ И ТРЕТМАН

АЛЕРГИСКИ КОЖНИ РЕАКЦИИ – СИМПТОМИ И ТРЕТМАН

Што се алергиски реакции? Терминот „алергија“ значи изменета реактивност на домаќинот при повторна средба со антигенот. Алергиските реакции може да бидат провоцирани од бројни антигени. Постојат четири типа алергиски реакции, но во практиката тие ретко се појавуваат поединечно и изолирано.  Уртикаријата која ја знаеме како „уртики“ или „копривки“, е чест и карактеристичен начин на реакција. Може да се појави на која било возраст и до 20% од популацијата имаат барем по една епизода во текот на животот. Почеста е кај атопичните пациенти, односно кај оние пациенти со сува кожа. Уртикаријата се класифицира како акутна или хронична. Повеќе од случаите се акутни и траат од неколку часа до неколку недели. Хроничната уртикарија, дефинирана како епизоди на уртикарија што траат повеќе од шест недели, е почеста кај средовечни жени.

Ангиоедемот или отокот на очните капаци и на усните, често се појавува со акутна уртикарија и почест е кај децата и кај младите возрасни луѓе.

Симптоми. Уртиките чешаат. Интензитетот е различен, а некои пациенти може да имаат сосема мало чешање. Пруритисот (јадежот) е поблаг кај ангиоедемот. Ангиоедемот е локализиран каде било на кожата или на слузокожите, но најчесто се сретнува на лицето, очните капаци, усните, половите органи, јазикот, фаринксот и ларинксот. Кожата над отокот е со непроменета боја или е лесно розеникава, присутно е чувство на напнатост, а понекогаш и јадеж со различен интензитет. Отокот се создава брзо, а се повлекува по неколку часа, поретко трае повеќе од 24 часа. Рецидиви, односно повторени реакции, може да се појават на истото или на друго место по кожата. Ангиоедемот локализиран на ларинксот, може да биде опасен по живот, бидејќи може да доведе до гушење.

Клиничка слика. Уртиката е ограничена со раб, црвеникава или бела боја, најчесто малку над нивото на кожата и често е придружена со силен јадеж. Варијациите на боја, обично се присутни во површните уртики. Подебелите уртикариелни промени имаат еднаква боја. Таа може да биде различна во облик, најчесто има овална форма и може да трае само неколку часа, но дел од границата може да не се формира или да се реапсорбира, давајќи изглед на нецелосни прстени. Исто така, може да биде различна и во големина и тоа од 2 до 4 милиметри, па сè до гигантски уртики, чијашто една единствена промена може да покрие еден екстремитет. Средишниот дел може да биде посветол од рабовите на уртиката. Јадежот кој е често интензивен, се ублажува со триење или притискање, а не со чешање, што е многу важен знак за уртикаријата. Уртиките се појавуваат брзо, во текот на неколку минути и траат помалку од 24 часа. Истовремено, може да се појават нови уртики, поради што уртикаријата опстојува неколку дена или неколку недели. Поради тоа, развојот на уртикаријата е динамичен процес. Кога поминуваат старите, се појавуваат нови промени.

Терапија. Терапијата на уртикаријата и ангиоедемот може да биде специфична и симптоматска (неспецифична). Антихистаминици се медикаменти кои и според називот дејствуваат против хистаминот. Инаку, хистамин е супстанција која се ослободува при алергиски реакции. Оваа супстанција предизвикува ширење на крвните садови (што резултира со пад на крвниот притисок), потоа зголемена активност на секрециските жлезди, што доведува до солзење на очите, „течење“ од носот, како и јадеж во очите и носот, и кивање.

Неседативните антихистаминици се прв избор на лекување. Постарите седативни антихистаминици треба да се користат за лекување на тешка уртикарија, за пациентите со сериозен ангиоедем со отекување на лицето, јазикот и фаринксот. Антихистаминиците ја контролираат уртикаријата преку спречување на вазодилатацијата и загубата на течности од крвните садови. Тие не го спречуваат ослободувањето на хистамин. Доколку хистаминот се ослободи пред да се земе антихистаминикот, местата на рецепторот ќе се окупираат и антихистаминот нема да има никаков ефект. Антихистаминиците може да се употребуваат до 6 месеци. Антихистаминикот – деслоратадин е прв избор од антихистаминската терапија за третирање на сите видови уртикариски реакции. Деслоратидинот е антихистаминик од понова генерација со неседативно дејство кој одлично делува за третирање на алергиските реакции, како и за нивна премедикација.

д-р Дејан Филиповиќ
спец. дерматовенеролог