Ангела Димитрова – Актерката која се вивнува кон ѕвездите

Ангела Димитрова  – Актерката која се вивнува кон ѕвездите

Многумина можат да се наречат актери, но малкумина се ѕвезди. Младата актерка Ангела Димитрова полека, но сигурно, чекори кон вторите, бидејќи поседува сѐ што е потребно за да се запише на ѕвезденото небо. Актерски талент запечатен со диплома, музикалност, несекојдневна убавина, дисциплина, професионалност, но пред сѐ приземјеност и народност – одлики на најголемите имиња. Широките маси ја запознаа преку психолошката ТВ серија „На терапија“ во која го толкуваше комплексниот лик Ивана и тоа рамо до рамо со Никола Ристановски и Јелена Јованова. Љубителите на театарот ја познаваат од поодамна, и таму, на театарската сцена, Ангела не изостанува од големите проекти. Што и носи иднината, останува да видиме, а за сегашноста со задоволство прифати да ни каже збор-два.

·      После принудната пауза, каде застанавте на професионален план? Дали се големи и непоправливи штетите за македонскиот театар и филм или, напротив, изолацијата донесе поголема продуктивност и креативност? Што ни подготвувате во моментов?
Оваа пауза која воопшто не ја очекувавме се случи точно пред една недела од премиeрата на младинската претстава „Што е силеџија?”во Театарот за деца и младинци во режија на Хана Миленковска. Многу ми е криво што за само 7 дена не успавме да ја изведеме премиерата. На театарот и филмот им се случи таа, буквално,а принудна пауза, поради која негативните последици но и позитивните, допрва ќе се одразуваат и влијаат на понатамошната работа. Некогаш паузата е и добра за да видиме до каде сме, што сме направиле, што можеме да промениме и да го подобриме нештото што го создаваме. Изолацијата нѐ доведе до нови сознанија и нѐ научи дека треба да се прилагодуваме на условите колку што можеме за да не се изгубиме во некреативноста. Ние, театарџиите, не можеме без публиката која е неопходен дел од театарот, и најголемата загуба во моментов е што не можеме да играме пред неа. Театрите полека се отвораат и прво нешто што планираме да го направиме, е да ја завршиме веќе започнатата претстава и да продолжиме со создавање на нови. А како ќе се одвива понатака театарот и филмот, колку ова промена ќе влијае, останува да видиме.

„Темнината ни е потребна за да ја препознаеме и пристигнеме до светлината.“

·       Актерите кои имале и театарско и филмско искуство зад себе, сепак, повеќе предност и љубов му даваат на театарот. Дали и вие спаѓате во таа група? Несомнено, публиката на филмот е побројна, а епидемијата ни покажа дека ни недостасуваат македонски филмови, особено серии. Зошто тогаш не се форсираат ваквите ТВ проекти? И зошто не се снимаат онакви серии или филмови од секојдневието, оние што се разбираат на прво гледање, туку секогаш се прибегнува кон некои комплексни теми или воени дејствија?
Љубовта кон театарот и филмот ми е подеднаква и не би сакала да ги делам, затоа што и двете си имаат своја убавина и специфичност која на различен начин ме исполнува. Сметам дека треба повеќе да се продуцираат македонски серии бидејќи така најлесно и најбрзо се стасува до публиката која не доаѓа во театар. Пошироката публика гледа тоа што и се сервира, доколку повеќе би се снимале и емитувале македонски серии, тогаш таа би ги гледала. Претходните години имаше многу добар бран од македонски серии, кој се надевам дека нема да биде само еден бран  и дека ќе продолжи да се практикува и во наредните години. Јас лично, повеке сакам серии бидејќи во нив постои подолг временски период во кој може да се опфатат повеќе теми, проблеми и приказни. Забораваме дека луѓето не секогаш сакаат да слушнат приказни од минатото, тие сакаат да видат и секојдневни работи кои им се случуваат на нив, на пример, како да се соочиме со проблемите денес, што се случува тука, во околината, во светот, што да очекуваме во иднина итн. Едноставните работи се секогаш најтешки за правење и за доживување, но преку нив секогаш се допира до публиката.

·       Оној што оди на театар, точно знае какви талентирани актери имаме, но дали како општество сме свесни за ова и дали доволно ги цениме уметниците? Како вие лично се чувствувате по ова прашање?
Гледајќи ја денешната стуација, ние периодов бевме првите кои бевме затворени и последни кои продолжуваме со работа, односно со враќање во новата нормала. Мислам дека недоволно се цени трудот кој го внесуваме и посветеноста со која работиме за секоја нова претстава. Помал број на луѓе се свесни низ каков процес поминуваме за да стигнеме до крајниот резултат и не секогаш тој резултат е препознаен. Но, на крајот на денот постојат луѓе кои секогаш се тука да не поддржат и ја ценат нашата работа, а тоа е верната публиката.

·       Сте глумеле рамо до рамо со врвни актерски имиња како Никола Ристаноски, Јелена Јованова, Тања Кочовска, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, дали мудро го користите времето поминато со нив да впиете што повеќе практично школо? Дали нашите искусни актери се расположени да ги насочуваат младите колеги? Постои ли искрено дружење меѓу актерите?
Повеќето од нашите поискусни актери се многу расположени кон насочување и советување за нашата професија, како да се справиме со предизвиците кои таа ги носи и како да учиме од секое искуство без разлика дали било добро или лошо. Секогаш кога играм со некој од моите повозрасни колеги, гледам што повеќе да научам и се инспирирам од нивната неисцрпна желба за работа и создавање. Јас по природа сум доста комуникативна и секогаш расположена за дружба, така што кога сум дел од еден процес, скоро секогаш се зближувам со колегите и можам да кажам дека постои искрена дружба, не секогаш, но постои.

·       Поседувате несекојдневна убавина, вие не се претопувате во толпата македонски девојки. Дали тоа е предност или недостиг при аудициите и општо во животот?
Ви благодараам за комплиментот. Сметам дека тоа е предност, бидејќи различноста нѐ прави тоа што сме, онакви какви што сме. Сите сме различни и во тоа е големата убавина. Ако сме сите исти тогаш нема да биде интересно.

·       Имате ли некоја професионална неостварена желба – филм, претстава, актер или актерка во кој/со кој сакате да глумите? Што е со вашите идоли, има ли такви од кои црпите инспирација?
Уф…листата е многу долга, особено за актери и актерки со кои би сакала да глумам и нормално да учам од нив. Сакам да експериментирам, така што би се пробала во секаков жанр на филм, серија и тип на претстава. Инспирација црпам секојдневно од колегите, пријателите, сериите, филмовите, книгите и музиката.

„Не можам да живеам без играње на сцена, имам многу енергија и креативност која не знам како би ја канализирала освен со креирање и играње на сцена и филм.“

·       Како изгледаше еден ден на една млада актерка, а како изгледа денес? Што најмногу ви недостасува од животот претходно? Има ли некој позитивен аспект, поука или навика што ја стекнавте последниве неколку месеци?
Од еден многу исполнет ден со утрински проби и вечерни претстави, до моментално ден поминат во кревет со добра серија на Нетфликс и топол чај. Нешто што научив, е дека не можам да живеам без играње на сцена, дека имам многу енергија и креативност која не знам како би ја канализирала освен со креирање и играње на сцена и филм. И поради таа моја енергија, периодов ја насочив и си посветив доста време на себе си и рефлектирање на нештата кои се случуваат, што кога сме преокупирани со работа забораваме на тоа. Работата на себе си е една од најважните работи во животот и не смееме да ја заборавиме и да се изгубиме во брзината на денешното време.

·       Со што си ја храните душата во слободно време, каква музика милувате да слушате и на каква релација сте со спортот и исхраната? Водите ли сметка за здравиот начин на живот или сѐ е препуштено на спонтаноста што ја наметнува вашата младост?
Душата буквално си ја хранам со секаква музика, зависи од денот, и со многу танцување по дома. Се трудам да вежбам три пати неделно, а во однос на исхраната гледам да внимавам што јадам, колку што можам, бидејќи сум страсен љубител на благо и тоа малку ми ги пореметува плановите. Особено ако сме зафатени со проби и снимање тогаш ми е најтешко да внимавам на исхраната.

„Секогаш кога играм со некој од моите повозрасни колеги, гледам што повеќе да научам и се инспирирам од нивната неисцрпна желба за работа и создавање.“

·       Сте биле дел од школи надвор од земјава, колку беа поучни и колку пуштија „црв“ во вашата глава да ја туркате кариерата надвор од границите? Како ја замислувате својата иднина, на професионален и приватен план? 
Работилниците и семинарите кои сум ги посетила надвор. ги поттикнаа и ги развија неоткриените потенцијали кои сум ги поседувала, а не сум била свесна за нив. Сметам дека секој актер, особено млад актер, треба што повеќе да посетува и да собира секакво искуство од различни работилници. Јас сум била на различни видови работилници од говор на тело, танц, различни изрази на актерска игра, до креативно изразување преку перформанси и арт инсталации. Кога ќе стивне ситуацијава, планирам да продолжам со посетување на работилници и семинари и би била среќна ако имам можност да заиграм и некаде надвор од земјава.

·       За крај, кој совет би им го упатиле на читателите во ова кризно време? Како да успеат да останат на светлата страна?
Сèќе помине и ситуацијава ќе помине и се надевам дека ќе донесе подобра свесност кај луѓето за себеси и за другите. Јас секогаш ја барам и гледам на светлата страна да работите, бидејќи ако не постои темнината никогаш нема да ја цениме светлината. Темнината ни е потребна за да ја препознаеме и пристигнеме до светлината.