Аптекарски разговор со Кристина Арнаудова

Аптекарски разговор со Кристина Арнаудова

Пејачка, композитор, продуцент, волонтер, активист, филантроп, сопруга, мајка… 
Долга е листата на епитети кои природно и прилегаат на нашата драга соговорничка Круистина Арнаудова. Долга е и листата на нашите прашања и се надеваме дека само со дел од нив ќе откриеме нешто ново или помалку познато за Кристина Арнаудова

Ваш Аптекар: Актер и уметник во душа, хуманист и поборник за вредности и права еднакви и достапни за сите. Како би се опишале себе си и кое е животното мото на Кристина

Кристина Арнаудова: Едно од потешките прашања кога некој бара да се опишеш сам себе. Навистина не би знаела како точно да одговорам. Јас сум личност која ужива во тоа да патува,  да сака, да шири среќа, да поминува време со семејството, да ги гушкам своите деца. Јас сум личност која создава музика, пее, сака да го направи светот подобро место за живеење, особено подобро место за оние деца, кои не се благословени со среќен живот. Во главно, ако не приметивме од погоре кажаното, јас сум неуморна J

Ваш Аптекар: Несомнено е дека музиката е вашата “прва љубов”, иако се чини дека во изминатите години сте многу активни и преку вашатето хуманитарно здружение “Проект Среќа”и низа други хумани проекти.  Кога се роди идејата, кои беа мотивите и кои се целите на здружението.

Кристина Арнаудова: Уште кога бев дете, сонував дека еден ден ќе бидам доволно позната и моќна,  да можам да им помагам на децата, кои заради одредени причини имаат тежок живот. Континуирано во текот на годините работев секогаш кога можев хуманитарни проекти, акции, за во еден момент да сфатам дека сакам да направам повеќе од она кое до тогаш го правев. И така се роди Проект Среќа.

Ваш Аптекар:  Колку ние како нација сме среќни. Што навистина е потребно да се биде среќен.

Кристина Арнаудова: Не сме среќни, верувам дека ако се направи анализа ќе излезе дека сме на дното на табелата. Не знаеме да се радуваме на мали нешта, уживаме кога креираме негативна енергија, кога омаловажуваме некого, кога наоѓаме мани некому, навистина мислам дека енергијата која владее во оваа земја е негативна. Да се биде среќен , не треба многу. Треба да одлучиш прво дека сакаш да бидеш среќен, а потоа да тргнеш по патот на своите желби и соништа. И да не се занимаваш со туѓите животи, туку со својот. Среќата не паѓа од небо. На неа се работи секој ден.

Ваш Аптекар: Живееме во таканаречено дигитлно време во кое како да се губат и основните – семејните вредности. Колку е важно семејството и каква би требало да е неговата улога во градењето на еден поздрав и поихармоничен свет.

Кристина Арнаудова: Сметам дека од домот, и од енргијата која владее во домот доаѓа се. Ако во вашиот дом владее хармонија и љубов, гарантирано и надвор од него се ќе биде полесно, поубаво и полесно. Мене ми е семејството секогаш број еден приоротет и ништо друго неможе да го завземе тоа место.

Ваш Аптекар: Дали сметате дека можеби начинот на исхрана може да биде дел од сложувалката за посреќен и поздрав живот. Дали вие лично преферирате одредени видови на исхрана, програми или диети.. Кој е вашиот избор кога е во прашање исхраната?

Долколку сакате можете да споделите една ваша омилена рецепта за нашите читатели?

Кристина Арнаудова: Не практикувам диети, но имам навика да конзумирам доста здрава храна. Јадам салати, пијам природно цедени сокови секој ден, ретко конзумирам конзервирани производи, и пржена храна. Сакам убаво зготвен ручек, хранлив, зеленчук. Ретко конзимирам и месо, иако не сум вегетаријанец. Сепак сметам дека генерално Македонците се хранат многу нездраво. Многу пржена, масна храна, многу не здрав начин на приготвување, со разни запршки, надополнето со многу леб…  Ако е здравјето среќа, а тоа зависи од она што како храна го внесуваме во себе, тогаш можеме лесно да дојдеме и до заклучок зошто како нација сме склони кон заболувања. Сметам дека ни е потребна сериозна едукација за она што значат здрави животни навики.

Долколку сакате можете да споделите една ваша омилена рецепта за нашите читатели?
Сакам да приготвувам морска храна, па еден од омилените рецепти ми е рижото со морски плодови.

Ваш Аптекар: Колку е лесно или можеби има магичен рецепт  во исто време да се биде професионалец, хуманист, филантроп, родител… Што е она што ве мотивира и ги поместува границите.

Кристина Арнаудова: Не мислам дека е лесно или тешко. Едноставно, тоа е она кое сум јас, и таа комбинација на моите страсти, желби, работни места и обврски, е она кое мене ме прави комплетна личност. Не постои успех без посветеност и многу работа. Јас сум воркохолик, и за мене тоа не е проблем. Дисциплинирана сум и на тој начин успевам да постигнам се, а да не одземам од времето поминато со моите деца. Ме мотивира сознанието дека можам да направам промени, и дека можеме заедно да изградиме подобар свет за нашите деца.

Ваш Аптекар: Со оглед дека секогаш изгледате беспрекорно, зрачите со убавина и спокој, колку во оваа трка со времето има простор кој е посветен само на вас.

Кристина Арнаудова:  Ви благодарам. За жал во целиот репертоар на обврски, ретко имам време за себеси. Ретко посетувам козметички салони, многу поретко отколку што можете да претпоставите J. Да кажеме декa eднаш во 3 месеци одам на козметичар,на обичен третман. Но внимавам на тоа каков крем користам, храната која ја конзумирам ми помага да изгледам добро и да се чувтсвувам добро. Во пролет и лето почесто посетвувам салони, па одам и на масажа, а бидејќи сум кампањски вежбач, најчесто со вежбање почнувам во април, обично теретана или пилатес.

Ваш Аптекар: Покрај музиката и спортот е дел од вашето семејство. Освен несомнената подршка на вашиот сопруг , дали и колку спортот е задолжителен за вас?

Кристина Арнаудова: За мене неe задолжителен секако, а сопругот вели дека тој неговото го истрчал веќе, па и тој ретко спортува во последно време, на што јас постојано приговарам J.Почитувам луѓе кои се грижат за себе и редовно спортуваат. Жал ми е што јас не сумедна од тие коисекојдневно спортуваат. Една од моите неостварени желби е редовно секојдневно спортување.

Ваш Аптекар: Кога би имале моќ да смените нешто, што е првото што би сакале да биде на вашата листа?

Кристина АрнаудоваСреќа за секое дете, топол дом, љубов, квалитетен живот. Децата не би смееле да бидат дел од војни, ниту некој да ги злоупотребува во било какви цели. Во еден збор, свет на среќни деца е мојата желба.

Ваш Аптекар: Кој би бил вашиот совет до нашите читатели. Која е вашата препорака за добро здравје, добро расположение и ведар дух?

Кристина Арнаудова:Среќата, спортот, здравата храна, е клучот за здрав живот. За ведар дух, не се занимавајте со лоши вести, и не следете портали кои пласираат ваков вид на информации. Уживајте во вашите животи, и се ќе биде добро! И помагајте им на децата со поддршка на Проект Среќа!