Исклучително лековита и корисна билка, меѓу народот позната и како „плод на иднината“ бидејќи има многукратно позитивно дејство врз човековиот организам. Аронијата може да се нарече и овошје „сè во едно“бидејќи е вистинска ризница на биолошки активни состојки, есенцијални витамини – Ц, А, Е, Б1, Б2, Б3, Б5, Б6, Б9, минерали – цинк, железо, калиум, калциум, манган, фосфор и јод, антоцијани, проантоцијани и биофлавоноиди.
Дава сила, издржливост и го зајакнува организмот. Таа е супер овошје, кое и кога сте здрави, ќе ви помогне да го прочистите вашиот организам, да ги отстраните симптомите на замор и да се чувствувате здраво и полни со енергија. Аронијата е листопадна грмушка која потекнува од Северна Америка. Плодовите остануваат на самата грмушка, не паѓаат и не се оштетуваат. Успева на сите видови почва, а единственото нешто што не го поднесува е суша. Отпорна е на штетници и затоа не е потребно да се употребуваат пестициди за нејзина заштита. Поради тоа, се смета за 100 % еколошка билка.
Како и сите овошја и зеленчуци, најдобро е да се консумира сурова, бидејќи на тој начин лековитите супстанции се во највисоки концентрации. Се користи за приготвување сок, мармалад и џем, а, исто така, за чај и за компот. За да се искористат сите бенефити, доволно е да се консумираат 200-300 г свежи бобинки дневно, или во зависност од големината на плодовите: 20-30 бобинки.
Лековити својства
Лековитите ефекти на аронијата се многукратни и во моментот се едни од најпроучуваните ширум светот.
Jа подобрува циркулацијата и ги зајакнува крвните садови
Бобинките на аронијата се познати по тоа што ја подобруваат циркулацијата на крвта, ги зајакнуваат крвните садови и го намалуваат ризикот од срцеви болести. Слобдните радикали се причина за бројни болести, а аронијата може да го спречи нивното создавање и, на тој начин, да се превенираат кардиоваскуларни заболувања.
Зрелите плодови на аронијата содржат големо количество феноли, кои ги дезинфицираат крвотокот и телото, го забрзуваат заздравувањето на раните, ги отстрануваат отровите од телото, намалуваат воспаленија и ја подобруваат еластичноста на крвните садови. Аронијата помага во одржувањто на нормален крвен притисок, држејќи го подалеку од „опасната зона“.
Еден од најдобрите антиоксиданти
Бобинките на аронијата имаат најголема концентрација на антиоксиданти од кое било друго овошје во светот. Антиоксидантските својства можат да се препишат на фенолните соединенија присутни во аронијата, како и на високите концентрации на витаминот Ц кој, исто така, има многу важна улога. Вака „набилдана“ со антиоксиданти, аронијата успешно се справува со слободните радикали низ целото тело, а ефектите се видливи со подобрување на општото здравје. Освен тоа, антиоксидантите го штитат организмот и од дегенеративни болести, како канцер и болести на срце, а, исто така, и го забавуваат и стареењето.
За здрав уринарен тракт
Уште една голема предност на оваа супер храна е одржувањето на здрав уринарен тракт. Милиони луѓе низ целиот свет секојдневно се соочуваат со инфекции на уринарниот тракт, во кои еден од најчестите причинители е бактеријата Ешерихија коли (Еscherichia coli). Најчести симптоми се чувство или потреба за постојано мокрење, болки при мокрењето и матна урина. Познато е дека брусницата е многу добра во борбата против инфекции на уринарните патишта, но студиите покажуваат дека бобинките од аронија се пет до десет пати поефикасни, поради високата доза на кинична кислеина, која е одговорна за спречување на инфекциите на уринарниот тракт.
Аронија против канцер
Консумирањето на ова овошје, генерално, е еден од најдобрите совети за луѓето кои се во потрага по храна која може да го намали ризикот за развој на канцер.
Во 2003 година, со студија е потврдено дека аронијата овозможува природна одбрана во борба против рак на дебелото црево, бидејќи содржи антиоксиданти кои играат многу важна улога против канцерогените клетки.
Ги заштитува очите
Поради значителната содржина на каротин во својот состав, аронијата, исто така, е и познат чувар на видот и ги штити клетките од оштетувања и од појава на катаракта. Дополнително, содржи и флавоноиди, како лутеин и зеаксантин, кои ги чуваат очите од макуларни нарушувања карактеристични за повозрасната популација.
Го подобрува варењето на храната
Аронијата е добар извор на диететски влакна, кои се неопходни да се внесуваат со исханата и се поврзани со бројни здравствени придобивки. Особено се важни за редовни столици, правилна работа на дебелото црево, пониски нивоа на холестерол и за регулирање на телесна тежина (во комбинација со вежбање и со генерално здрави диети).
Докажано е дека аронијата помага и во третман на гастрични проблеми, вклучувајќи ги и чиревите и дијарејата.
Противвоспалителни својства – за превенција на настинки
Ако во вашата исхрана, редовно ги вклучите бобинките од аронија, можете да бидете сигурни дека настинките и грипот ќе ве одминат. Ова се должи на комплексниот состав дополнет со високи концентрации на витамин Ц. Најдобра препорака за заштита, па и за лекување на воспаленија или вирусни инфекции е консумацијата на суви бобинки, сок или чај од аронија.