Има премногу митови и лажни аларми кога станува збор за бременоста. Бремената жена треба да биде добро информирана за сопственото здравје, можностите што ги има телото во бременоста и храната што може да се консумира. Важно е да се биде активен во текот на вашата бременост за да останете фит, да се намали стресот и жената да се подготви за раѓање.
Бременоста може да биде многу возбудлив период кај повеќето жени. Но, исто така, некои се чувствуваат загрижени за тоа што треба (или не треба) да направат за сопственото и за здравјето на своето бебе. Поаѓајќи од аксиомата дека секоја жена е различна, таквата различност особено доаѓа до израз во оваа чувствителна состојба за секоја жена. За некои жени, бременоста не го менува значително нивниот животен стил, но кај други животот се менува од корен. И на таквата различност се надоврзуваат прашањата: што е дозволено, и што не смее да се прави во текот на бременоста? Кои правила треба задолжително да се следат, а кои не?
Повеќето навики, за жал, се само во служба на нарушување на некои функции, ткива или органски системи во нашето тело. Од истата причина, бременоста треба да биде време кога жената се преиспитува колку овие навики се потенцијално штетни и за нејзиниот организам, како и за бебето. Старите навики, во бременоста стануваат лоши навики кои треба да се прекинат дури и „преку ноќ“. Совети за бременост може да се најдат на многу места, но треба внимателно да се применуваат. Затоа ги истакнавме клучните совети за бремени жени и ги поделивме во неколку важни категории.
Исхрана во бременоста
Дали е дозволено сè да се јаде во бременоста? Тоа е едно од првите прашања што ги поставуваат идните мајки, иако е јасно дека одговорот е – не. Советите за исхраната на бремени жени мора да започнат со кршење на митот дека жените во оваа состојба „мора да јадат за двајца“. Ова не е докажано, а прејадувањето е лошо и за идната мајка и за нејзиното бебе. Според некои истражувања, потребни се само дополнителни 300 до 500 калории на ден. Бремените жени може да добијат на тежина од 8 до 12 килограми, најмногу до 15 килограми. Вкупната тежина која се губи при раѓање е 5000-6000 грама.
Што треба да избегнува од храна во текот на бременоста
– Суши, односно каква било сурова риба или сурово месо, зашто постои опасност за присуство на бактерии.
– Морска храна која содржи жива како туната.
– Јајца кои не се добро сварени
– Млади сирења.
– Внесувањето на кофеин и алкохол треба да се избегнува по секоја цена, дури и во мали количини.
– Пушењето е исто така строго забрането за време на бременоста.
Што треба да се јаде во текот на бременоста
Она што се јаде за време на бременоста влијае на енергија и благосостојбата на трудницата. Но, исто така, исхраната на мајката може директно да влијае на здравјето и развојот на нејзиното бебе. Бидејќи потребите на калории и хранливи материи се зголемуваат, многу е важно да се избере здрава храна богата со хранливи материи.
Зголемувањето тежина во текот на бременоста е нормално, но важно е тоа да биде на здрав начин. Тоа е корисно за мајката, за бебето и за здравјето на мајката по бременоста.
– Храна базирана на скроб (леб, житарки, компири, ориз и тестенини).
– Многу растителни влакна, кои можат да се најдат во лебот од интегрални житарки, како и во овошјето и во зеленчукот.
– Протеинска храна: месо, риба, пилешко месо.
– Млечни производи: јогурт, млеко и сирење.
– Мешунки: леќа, грашок, грав, наут, соја и кикиритки.
Мешунките се одлични растителни извори на растителни влакна, протеини, железо, фолат (Б9) и калциум – кои му се потребни на телото, дополнително во текот на бременоста.
– Слатките компири се богати со бета-каротин, растително соединение кое се претвора во витамин А во телото. Витаминот А е неопходен за раст и диференцијација на повеќето клетки и ткива. Тоа е многу важно за здрав развој на фетусот.
– Лосос – богат со есенцијални омега-3 масни киселини.
– Вода. За време на бременоста, волуменот на крвта се зголемува за 1,5 литри. Затоа, важно е да се задржи правилната хидратација. Фетусот обично добива сè што е потребно, но ако не внимавате на внесот на вода, може да се случи трудницата да дехидрира.
Хигиена и козметика во текот на бременоста
Покрај исхраната, потребни се совети за бремени жени во врска со хигиената и козметиката. Постојат голем број нерешени дилеми во оваа област. Но, совет заснован на повеќе искуства е дека не е безбедно бремените жени да се капат во премногу топла вода. Во втората половина на бременоста, капењето во затворена када или базен не е дозволено поради зголемена можност од инфекција или предвремено прснување на водењакот.
Во одговорот на прашањето „што може да се прави во бременоста“ вклучено е бојосувањето на косата. Иако боите за коса содржат одредено ниво на хемикалии, тие не се штетни за бебето.Треба добро да се провери составот на кремите што се користат. Ако содржат салицилна киселина во сооднос повеќе од 2 проценти, најдобро е да се избегнуваат овие производи.
Сексуален живот
Односот не мора да биде незгоден, но нормално е дека со партнерот ќе треба да се прилагодите на некои пози. Треба да се потенцира дека фетусот е многу добро заштитен и сексуалните односи во најголем број случаи немаат никаков ефект врз бебето. Сепак, не е лошо да се изврши консултација со лекар пред одлуката да се одржуваат сексуални односи за време на бременоста.