Чичоката (Heliantus tuberosus) е лековита билка, многу слична на сончогледот, со убав жолт цвет и со стебло кое може да израсне и преку 2 метра височина. Претставува повеќегодишно растение со добро развиен корен во облик на кртола, поради што е позната и како див компир. За разлика од компирот кој содржи скроб, чичоката е богата со инулин кој има улога да го регулира нивото на шеќерот во крвта, поради што е одлична намирница за дијабетичари.
Сè почесто чичоката станува задолжителна тема кога станува збор за здрава храна и за здрави и корисни намирници, кои треба да бидат дел од нашето мени.
Ризница на витамини, минерали и олигоелементи
Покрај големата нутритивна вредност, чичоката се карактеризира со тоа што има ниска енергетска вредност и богатство од витамини и минерали. Таа е добар извор на калциум и фосфор поради што е корисна во состојби за контрола на крвниот притисок, правилна работа на мускулите и срцето. Покрај ова, чичоката содржи значајни концентрации на магнезиум, железо, витамини од групата Б, витамин Ц, витамин Д и провитамин А. Дополнително, чичоката е извор на есенцијални аминокиселини кои организмот не е во состојба сам да ги синтетизира.
Чудотворен инулин
Инулинот е главната состојка на чичоката. Пробиотик кој го стимулира развитокот на добрите бактерии кои имаат благотворно дејство во нашиот организам и ги уништува и го спречува развојот на штетните микроорганизми во дигестивниот систем. Дополнително, придонесува за нормална дигестија и проблеми поврзани со опстипација, а позитивно влијае и на јакнење на имунолошкиот систем.
Покрај ова, инулинот го нормализира нивото на триглицериди и холестерол во крвта, а на тој начин и помага во превенција од кардиоваскуларни заболувања. Она што ја чини посебна е што е одличен избор на храна за лица со дијабетес и е здрава замена за компирот. Може да се консумира во неограничени количества бидејќи го намалува нивото на шеќерот во крвта.
Во исхраната
Во исхраната може да се консумира сурова, тенко изрендана и зачинета како салата во комбинација со друг зеленчук. Како прилог на јадењата, се користи варена или печена како компир. Може да се користи и во облик на брашно за изработка на леб. Лесно е достапна и може да се најде на нашите зелени пазари. Во некои земји е многу застапена во исхраната, но не заради тренд или хит во кулинарството, туку токму заради здравствените придобивки.