Зборот јога стана синоним за душевен мир, позитивни вибрации, а сѐ што ви треба е едно чергиче за вежбање и природа, иако и затворената адаптирана просторија е прифатлива. Сето ова добро звучи, но што вели праксата? Прекинот на конекцијата помеѓу мозокот и телото, она на што нѐ учи јогата, честопати знае да предизвика непријатна и несигурна пракса. Додека обичната јога докажано ја подобрува хроничната тензија во главните регии (како вратот и долниот дел од грбот), кај 10 проценти од луѓето предизвикува болка. Овие луѓе завршуваат со најмалку една нова болна точка годишно или ја влошуваат веќе постоечката, се вели во неодамнешната студија во Journal of Bodywork and Movement Therapies.
Но, не е виновна активноста сама по себе (иако за истата е потребна флексибилност и стабилност), болката најчесто се јавува како последица на игнорирањето на сопствените капацитети. Без онаа клучна конекција помеѓу мозокот и телото, мозокот оди во екстремности притискајќи нѐ да дадеме максимум. Ако се присетите на асоцијациите од погоре и фактот што интензитетот на јога вежбите не се во корелација со кој било друг тип на вежби, луѓето стануваат построги кон себеси, принудувајќи се да го поднесат и неподносливото. И покрај бавниот и смирувачки стил, јогата сепак е компетитивен спорт. Јогините имаат доволно време да набљудуваат кој е понапреден во изведувањето на позите, а тоа раѓа желба да се стане најдобар. Ако се обидувате да постигнете нечие ниво во момент кога телото не е подготвено, ризикувате да се повредите.
Ова не значи дека треба да ја отфрлите јогата, таа е одлична пракса која особено се препорачува при закрепнување од повреди, бидејќи ја подобрува силата, флексибилноста и балансот. Она што се бара од вас е да обрнете внимание на пораките што ви ги праќа телото, особено во моментите кога мозокот е пуштен на пасење.