Дали со трчање се намалуваат мускулите?

Дали со трчање се намалуваат мускулите?

Многумина мислат дека трчањето и вежбите со тегови не треба да се комбинираат, бидејќи трчањето (кое спаѓа во кардиовежба) ќе го согори тешко стекнатиот мускул. Но, практиката вели дека ваквиот сојуз е одличен за да го подобрите и кардиокапацитетот, но и мускулната сила и издржливост.

Ако се фокусирате само на трчање и притоа не ги надополнувате енергетските нивоа преку храна или комплементарен тренинг, секако дека ќе согорите сѐ, и мастите и мускулите. Но, ако вклучите тегови во трчањето, тогаш исходот е сосема спротивен. Истражувањата покажуваат дека аеробните тренинзи, како долгометражното трчање, ги прави поефикасни тренинзите со тегови. Како? Вежбите за издржливост со низок интензитет (како трчање со нормално темпо) помагаат да се изгради аеробниот капацитет на оние мускулни клетки на кои се потпираме за моќ и сила. Исто така, тие ја поттикнуваат циркулацијата која му помага на телото да заздравиод интензивните тренинзи со тегови, па дури и ја намалуваат мускулната болка.

Ако ја свртиме паричката обратно, зацврстувањето и растењето на мускулите, за оние што милуваат да трчаат, значи: намалување на ризикот од повреди, поради затегнатите сврзни ткива и мускули и зголемен капацитет за побрзо трчање благодарение на подобрената невромускулна координација и моќ. Но, градењето на мускулите е практично невозможно без соодветна протеинска исхрана. Погрижете се да ги црпите неопходните калории од свежо приготвени и балансирани оброци, во спротивно само ќе слабеете од комбинацијата трчање па вежбање со тежина. Трчањето не смее да се доживува како „лесна опција“ за стигнување до кондиција.

Всушност, многу експерти велат дека уверувањето „трчам за да бидам фит“, во практика гласи: „треба да сум фит за да можам да трчам“.