ДЕЦА И ХРАНА

ДЕЦА И ХРАНА

Родителите секогаш мислат најдобро за своите дечиња и се трудат да им обезбедат квалитетна исхрана, но некогаш, навидум, малите грешки можат да создадат лоши навики кај нашите најмили.

1. Родителите контролираат што јаде детето

Родителите носат одлуки кои видови храна ќе се купат и ќе се складираат дома, на кој начин ќе бидат приготвени и кога и каде ќе се сервираат на децата. Купувајте здрава, разновидна, природна и свежа храна, гответе балансирани оброци и избегнувајте купување процесирана храна. Здравјето и навиките за хранење кај децата и кај целото семејство зависат од прехранбените правила што ќе ги постават родителите.

2. Заборавете на решението „изеди сè од чинијата“

Драги родители, не присилувајте ги вашите дечиња да јадат кога се сити и не инсистирајте на првилото „изеди сè од чинијата“ со кое многу деца пораснале. Навиката да престанат да јадат кога се сити и да не се прејадуваат е многу важна во однос на контролата на телесната тежина во текот на целиот животен век. Децата поседуваат вродени инстинкти, а задача на родителите е да ги сочуваат тие способности дадени од природата за правилно да ги препознаваат и слушаат потребите на своето тело.

3. Понудете им на децата можност за избор, но само со храната што вие ќе ја понудите

Понекогаш на децата треба да им дадете чувство за избор и слобода, но мудро, понудата од која децата треба да изберат треба да биде повторно под контрола на родителите, односно, понудете здрави опции. Дефинирајте го и почитувајте го времето за главните оброци и за ужина и во тие рамки понудете избор.

4. Почнете рано

Прифаќањето различни вкусови се развива уште додека децата се бебиња. Во соглсност со нивната возраст и соодветните препораки за исхраната, понудете им нови вкусови со здрави оброци, но не на сила, не инсистирајте, две-три лажици се доволни. Понудете им нов вкус постепено, во различни оброци и дајте им време да се навикнат. Прашајте ги повозрасните деца, со кои можете да комуницирате, да пробаат еден залак од храната која претходно не ја вкусиле.

5. Збогатувајте го менито за јадење кај децата

Децата се љубопитни и сакаат да пробуваат нови нешта особено кога јадете надвор од дома, во друг амбиент. Понудете им да пробаат храна од вашата порција, но не инсистирајте. Нарачајте го предјадењето кое ќе го јадат сите што се на масата и кое ќе биде можност за запознавање со новите вкусови.

6. И течностите се храна

Не заборавајте на хранливата вредност на течностите, како што се млекото и соковите (инсистирајте на природни сокови). Истовремено, не претерувајте со природни сокови поради содржината на шеќер, сепак треба да се создаде навика дека водата треба да биде основа за рехидратација.

7. Слатките јадења треба да стојат на свое место познато само на родителите

Повремено давање слатки продукти во ограничени количини е во ред, но никако не смеете да дозволите десертот да биде причина за јадење на оброкот. За да се избегнат ситуациите во кои децата ги наметнуваат своите желби за слатки продукти, подгответе точна количина која сакате детето да ја консумира. Пробајте да ги држите слатките продукти надвор од погледот и од дофатот на децата (доколку знаат каде се наоѓаат слатките, многу потешко ќе ја контролирате динамиката и количината на слатките продукти во нивната исхрана).

8. Храната не е замена за љубов

Секојдневно децата се справуваат со своите детски стресови и емоции кои не смее да се компензираат со слатко. Охрабрете ги децата со гушкање, внимание, убав збор и со пофалба.

9. Вие сте модел на поведението на вашето дете

Децата ги впиваат сите работи кои се случуваат околу нив и ги прифаќаат моделите на однесувањето и навиките на родителите кои им се во опкружувањето. Родителите се пример за своите дечиња, поради што се советува да ги изберете здравите опции во својата исхрана, да не ги прескокнувате оброците, колку што е повозможно јадете сите заедно на иста маса без вклучен телевизор и избегнувајте јадење грицки пред телевизор и компјутер. Изнесете ги децата на зелен пазар каде ќе се запознаат со разновидниот и шарен свет на овошје и зеленчук, кога готвите дајте им мали задачи со што и самите ќе сакаат да го пробаат зготвеното јадење во чија подготовка и самите учествувале.