Диши длабоко… И сѐ ќе биде во ред!

Диши длабоко… И сѐ ќе биде во ред!
Дишете од моментот кога отворивте очи на овој свет и тоа за вас не претставува некоја специјалност?! Кога би можеле да дишете во вода…е тоа е веќе нешто, нели? Истово не го мислат луѓето кои сфатиле колкава смирувачка моќ може да имаат само три длабоки воздишки. Останатите, дишеме на автопилот несвесни за дополнителните придобивки што можеме да ги уживаме преку нашата вродена особина.

Што вели теоријата? Дека постои силна конекција помеѓу нервниот систем и постојаното вдишување и издишување. При активирање на симпатичкиот нервен систем (одговорен за реакциите при вонредни и стресни ситуации), срцето започнува да работи забразно и доаѓа до покачување на крвниот притисок. Мозокот и скелетните мускули се полнат со крв, а телото е преплавено со адреналин и кортизол. Во овој момент, дишењето со полн капацитет од дијафрагмата ќе го стимулира парасимпатичкиот нервен систем, кој ќе го забави чукањето на срцето, ќе го симне крвниот притисок и ќе го пренасочи протокот на крв кон дигестивниот и репродуктивниот систем. Ова значи дека правилното дишење може да го прекине циклусот на адреналин и кортизол – одговорни за хроничниот стрес и главни предвесници на паничните напади.

И така дојдовме до концептот на свесно дишење кој не подразбира ништо повеќе од тоа да обрнете внимание како дишете. Со оваа задача не треба да се оптоварувате во текот на целиот ден, доволни се само 10тина минути кои ќе ви го сменат животот. Зошто би го правеле ова?
Речиси сите ние сме заглавени во една хипер-штрек состојба која ни го наметна модерниот начин на живот, а по природа не сме дизајнирани да живееме така. Ако на ова ја додадеме и моменталната состојба со коронавирусот, не е зачудувачки што постојано нѐ води симпатичкиот нервен систем па нашето тело се однесува како да е под закана. Освен телото и  дишењето е во грч, па со сигурност се потпираме само на една третина од нашиот респираторен систем.

Што треба да сториме околу ова? Едноставно е, да дишеме како кога бевме бебиња со полн капацитет од дијафрагма. Како старееме престануваме да дишеме длабоко и вдишуваме само во градите или абдоменот или потсвесно го задржуваме воздухот неколку секунди наместо да го ослободиме.

Абдоменална техника на дишење 

Седнете во удобна положба со исправен грб и смирете се. Вдишете преку уста и пробајте да го наполните стомакот со воздух. Ставете ја раката на стомак за да бидете сигурни дека воздухот ќе стаса во него. Раката треба да се помести нагоре кога вдишувате и надоле кога издишувате. Издишете го воздухот за пократко време од вдишувањето. Кај медитацијата и јогата е обратно, издишувањето трае двојно подолго од вдишувањето.

Да научите да дишете како што природата ве создала, сигурно нема да ви донесе штета, а промените можат да ви го сменат животот. Дишењето го поврзува телото со умот и токму затоа е решение за сите проблеми како депресија, анксизност, несоници. Преку него ќе се ослободите од емоциите без да бидете свесни за тоа. Плус, ветува општо подобрување на физичката состојба како зголемено енергетско ниво, зајакнување на имунитетот, подобра дигестија и ослободување на тензијата во мускулите. Запомнете, само 10 мин во денот!

Диши за сон

Будни сте до 2 наутро? Вдишувајте преку нос 4 секунди, задржете го воздухот 7 секунди, а потоа издишете преку уста 8 секунди. Вака ќе го забавите срцето и ќе го активирате парасимпатичкиот нервен систем за максимум ефект.