ФАРМАЦЕВТСКИ ГРИЖИ

ФАРМАЦЕВТСКИ ГРИЖИ
Концепцијата Фармацевтски грижи е насочена кон здравствените проблеми на пациентите, особено на оние кои страдаат од хронични заболувања. Нејзин основен елемент претставува советувањето на пациентот и грижата за неговото здравје.

Фармацевтската грижа е тесно поврзана со сите дисциплини кои го формираат современиот фармацевт и може да се каже дека ги сумира и применува во пракса и добиените сознанија при директниот контакт со пациентот
Фармацевтската грижа е дел од фармацевтската пракса која бара директен взаемен однос на фармацевтот со пациентот со цел: грижа за потребите на пациентот поврзани со препишаните лекови. Основна цел на фармацевтските грижи е правилното и точно следење на здравствените потреби на пациентите за постигнување на сигурна, ефективна и хумана терапија. Од професионална и морална гледна точка, фармацевтот е должен да учествува во грижите поврзани со намалување на заболувањата и смртноста што се последица од неправилна употреба на лекови, при што, квалитетот на здравствената услуга е од првостепено значење.
Фармацевтот треба да ја добие довербата на пациентот користејќи ги сопствените вештини на комуникација и знаења за лековите и ефектите од терапијата. Стандардите за фармацевтската дејност треба да бидат воспоставени во рамките на националното законодавство и усогласени со меѓународните стандарди и правилата за Добрата фармацевтска пракса.

Основни елементи на фармацевтските грижи се:
  • Благовремена идентификација на проблемот поврзан со употребата на лекот

  • Употреба на сигурни, ефективни и соодветни лекови, наменети за секој пациент поединечно

  • Издавање на лекови и совет за нивната употреба

  • Следење на ефектите од терапијата

  • Вклучување на пациентот во системот за фармацевтската грижа

  • Создавање на база на податоци за секој пациент во аптеката

  • Создавање на систем од параметри за оцена на резултатот од терапијата

За доследно реализирање на сите елементи на фармацевтските грижи е неопходно повеќегодишно ангажирање на законодавните и образовните установи, постојана едукација на фармацевтите, подигање на свеста на пациентите за значењето на правилната употреба на лековите и следењето на советите од фармацевтот. Исто така, потребна е подобрена комуникација фармацевт-лекар-пациент и примена на современите сознанија во медицинската и фармацевтската пракса.

Правилното применување на Фармацевтските грижи вклучува седум задолжителни чекори:
  1. воспоставување на контакт со пациентот

  2. навремено идентификување на проблемот поврзан со лекот

  3. можност за издавање на сличен лек на пропишаниот со претходна консултација со пациентот

  4. следење на терапијата

  5. стимулирање на болниот активно да учествува во фармацевтската грижа

  6. создавање на база на податоци за состојбата на секој индивидуален пациент во аптеката

  7. создавање на систем од индикатори за оценка на резултататот од фармацевтската грижа

Особено е важно да не се потценува ниту еден од наведените чекори.

 Од особено значење е соодветниот пристап при спроведувањето на фармацевтските грижи кон различни категории на пациенти:
  • Пациенти кои се особено чувствителни на здравствени проблеми заради физиолошката предиспозиција: деца, повозрасни и оние кои страдаат во помал или поголем степен од хронични болести на бубрезите, белите дробови или на црниот дроб

  • Пациенти кои имаат потреба од непрекинат мониторинг и промена на терапијата со цел постигнување на оптимални резултати, како што се пациенти кои страдаат од дијабетес, астма и/или висок крвен притисок

  • Пациенти изложени на многукратна терапија, со висок ризик од меѓусебни интеракции од типот:

  • Лек/лек

  • Лек/храна

  • Лек/болест

  • Пациенти за кои е потребна терапија со исклучително токсични лекови пропишани од лекар за да се избегне нивната неправилна употреба, како што се антикоагулансите, наркотичните лекови и други

  • Пациенти со влошено здравје, кое е ризично по животот доколку применетата терапија е неефикасна, како што се инфекциите и диареја

За постигнување на целите на фармацевтките грижи, фармацевтите треба да ги превземат следните активности: 
  • Водење на досиеја за секој пациент кои содржат важни податоци за историјата на болеста на пациентот, информација неопходна за оцена и индивидуализирање на терапијата на секој конкретен пациент

  • Идентификација и оцена на проблемите, поврзани со самиот лек, како што се:

  • Неправилна употреба

  • Несакани дејства

  • Интеракции меѓу лековите

  • Случај на самолекување

  • Корекција на веќе направениот план од страна на лекарот

  • Воспоставување на тимска работа со лекарот и пациентот за лековите што се издаваат со лекарски рецепт

  • Самостојно определување на стратегијата на терапијата од страна на фармацевтот за лековите без лекарски рецепт и за сите методи фокусирани врз промената на навиките и начинот на живот на пациентот, со тенденција на подобрување и зголемен квалитет

  • Да обезбедат соработка на пациентот и стриктно да се придржуваат кон изготвениот план за фармацевтската грижа

  • Следење (мониторинг) на терапијата и ефектите од истата – доколку не се добијат очекуваните резултати, изготвениот план за фармацевтски грижи треба да се прилагоди соодветно

  • Фармацевтот треба да се одликува со способност за добра комуникација преку која oстварува контакт со пациентот и со матичниот лекар на пациентот (по потреба) со цел добивање најточна информација за состојбата и лековите што ги зема пациентот

  • Со поставување на конкретни клучни прашања добива сознанија за познавањата на пациентот за болеста и терапијата и соодветно го советува пациентот за употребата на лековите со цел обезбедување на безопасна терапија

  • Дава стручна и објективна информација за лекот на другите здравствени работници и на пациентот

  • Обезбедува информации за лековите со користење и толкување на различни релевантни извори за потребите на здравствените работници и на пациентите

  • Го насочува пациентот кон најсоодветната терапија преку компетентно советување

  • Фармацевтот е должен да ја држи во тајност доверената информација за состојбата на секој пациент.

Во функција на реализација на сопствената дејност и одговорност, фармацевтот треба да соработува со останатите здравствени работници, националните професионални асоцијации, фармацевтската индустрија, државните органи, со пациентите и со општеството како целост.

Квалитетот на фармацевтската грижа и професионална одговорност вклучува 7 елементи: ефикасност, ефективност, оптималност, изводливост, применливост, законитост и непристрасност.

Непознавањето и различните сфаќања за фармацевтските грижи, како и улогата на одделните системи за издавање и распределба на лековите, води до појава на различни резултати. Секоја промена во структурата на овие системи води до промена во истите. Со доследното спроведување на системот за фармацевтските грижи ќе се постигне подобрување на здравјето и квалитетот на живеење на пациентот и ќе се зголеми улогата на фармацевтот во реализацијата на сеопфатните здравствени грижи.

Проф. д-р Бистра Ангеловска