Фрлањето храна е грев! Сопрете уште денес!

Фрлањето храна е грев! Сопрете уште денес!

И додека еден дел од светот се соочува со глад – 1 од 9 лица е прегладнето; Другиот дел од светот се расфрла со храна – 1/3 од храната произведена на глобално ниво завршува во канта.

Секогаш кога го празните фрижидерот од еден куп заборавени остатоци, сетете се дека гладот убива повеќе луѓе на годишно ниво отколку маларијата, туберколозата и сидата заедно.

Гладувањето е секојдневие за 155 милиони деца на возраст под 5 години!

Мотиви за фрлање храна има многу, но посуштински е да се дискутира како да престанеме со оваа лоша навика?

Македонија е рангирана на 8. место во светот по количина фрлена храна според бројот на жители. Околу 30% од храната во Македонија никогаш не се консумира. Анализите покажуваат дека постарите генерации се посвесни за ова прашање, за разлика од младите кои имаат тотално расипнички однос кон храната. Возрасните кај нас се штедливи, се додека не дојдат празници, а заедно со нив и богатите трпези кои служат за покажување моќ и луксуз. Ова не е случај во високоразвиените земји од причина што храната е достапна за сите.

Воведете оброк од остатоци

Неделниот оброк од остатоци се подготвува со намирниците кои мора што поскоро да се изедат. Најмалку еднаш неделно проверете ги намирниците кои се пред истек на рокот и испланирајте ги за некој оброк. Можеби за ручек ќе треба да јадете три сосема различни јадења, но подобро тоа отколку да фрлате храна.

Планирајте ги оброците

Смислете што ќе јадете во текот на неделата и направете список со намирниците што ви се потребни, можеби дел од нив веќе ги имате в кујна. Држете до списокот, бидејќи во големите маркети се делува примамливо. За да не бидете вие тие што ќе ја фрлат таа храна, размислете дали навистина можете да изедете 6 кеси житарки за еден месец?!

Почесто користете го замрзнувачот

Не постои храна што не може да се замрзне, без разлика дали е тоа овошје, зеленчук, подготвен оброк, па дури и леб. Недојадената храна или свежата храна што се натрупала и нема да се изеде, едноставно замрзнете ја.

одржувајте го редот во фрижидерот

Честопати се случува поради хаосот во фрижидерот по вторпат да се купи истиот производ или некој да се расипе. Редот на полиците ќе ви го олесни пазарувањето, но и планирањето на оброците со постарите залихи на кои треба да им дадете приоритет.

Паметно искористете ги остатоците

Донирајте храна секогаш кога можете за да им помогнете на гладните сограѓани или уличните животни. Плодовите што се пред расипување, искористите ги за некој џем или компот, супа или кашички. Дури и лушпите може да ви послужат за подготовка на бујон или ѓубриво за бавча.

Чувајте ја храната соодветно

На суво и ладно место, во фрижидер, убаво запечатена… почитувајте ги правилата и храната секогаш ќе биде свежа. Истечениот рок не секогаш значи дека храната не е за јадење. Ако сте ја чувале соодветно, најверојатно е безбедна за стомакот. Промената на вкусот и бојата кажуваат многу повеќе од назначениот датум.

Контролирајте ги порциите

Гответе онолку колку што можете да изедете. Обрнете внимание кој оброк најдобро и најслабо поминува во домот за да ги адаптирате порциите и да не ви остане храна за фрлање. Оброкот може да стои и до 3 дена во фрижидер, па ако не следниот ден, задутредента повторете го.